|
Фестивалот го прогласи за
отворен градоначалникот на Велес Горан Петров, кој посочи на големиот интерес
за учество на театрите на оваа манифестација.
- Како што од ден на ден се повеќе и
повеќе се разоткриваат тајните на Стоби така од година во година посилна е
магијата што не враќа во Стоби за да откриме нова Антигона, друг цар Едип,
поинакви Баханалии. Годинашниот Стоби го одбележува и големиот интерес на
македонските театарски ансамбли што е уште еден доказ дека овој фестивал со
антички предзнак има своја иднина, рече Петров.
Пред присутните се обрати и
државниот секретар во Министерството за култура, Дарко Стефановски кој истакна
дека токму тука преку екото на камените блокови во овој антички театар ќе
одекнува гласот на нашите претци и ќе стане местото каде вредностите од минатото
ќе се испреплетуваат со уметничките креации на сегашноста.
- Оваа сцена ќе ни ја понуди другата
димензија на реалноста, хармонијата на чудесните звуци, музиката,
духовноста, светлината и убавината, а Стоби ќе сведочи за спојот на нашето
културно наследство и културно живеење, рече Стефановски.
Честа да го отворат фестивалот ја имаа
актерите од Кумановскиот театар со претставата „Печалбари“ од Антон Панов во
режија на Дејан Пројковски. Оваа претстава како и претставата за затворањето на
фестивалот на 31 јули „Крпен живот“ на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“
се вон конкуренција.
За наградата Гран При за
најдобра претстава на фестивалот, како и за наградите за најдобар актер,
актерка, за најдобра режија и колективна игра ќе се борат пет театарски
ансамбли.
|