|
На Античкиот театар во Охрид вечерва со настапот на Рускиот
национален оркестар придружуван од маестро Симон Трпчески, под диригентската палка
на Михаил Плетњов, свечено ќе биде отворено 50. јубилејно издание на реномираниот
фестивал „Охридско лето“. Целиот настан е осмислен и режиран од познатиот
македонски режисер и амбасадор на македонската култура во Москва, Иван Поповски
и од Зоја Бузалковска.
Во официјалниот дел на отворањето на јубилејното издание на
фестивалот свое обраќање ќе има и министерот за култура Елизабета
Канческа-Милевска.
Годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе помине
во знакот на ретроспективата, а во следните четириесет дена ќе се реализираат
голем број на концерти, театарски и
балетски претстави, оперски концерти и изложби.
На познатите сцени, како Античкиот театар, црквата „Св. Софија“,
Долни Сарај, „Св. Јован Канео“ и Центарот за култура „Глигор Прличев“, до 20
август, ќе продефилираат уметници што низ годините му дадоа силен белег на
фестивалот, но и нови имиња кои ќе ја дефинираат иднината на оваа значајна
манифестација.
|