Денеска во 11 часот во
просториите на ЕУ - Инфоцентарот, во организација на Културно-контактната точка
при Министерството за култура, се одржа Инфоден посветен на програмите на
Заедницата: „Култура 2007-2013“ и „Европа за граѓаните“. На Инфоденот беше промовирана и
брошурата „Програма Култура на ЕУ -
Примери на добра пракса“, подготвена од
одделението Културно-контактна точка, во издание на Министерството за култура и
поддржана од Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура
при Европската комисија. На настанот, свои обраќања пред присутните имаа
заменик- министерот за култура на Република Македонија, г. Драган Недељковиќ, и
Неговата екселенција г. Хозе Мануел Паз и Агуерас, вонреден и овластен
амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија.
Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ во обраќањето
пред присутните истакна дека Министерството за култура и Културно-контактната
точка ја продолжуваат традицијата на промоција на програмата „Култура“ на
национално ниво што ја почнаа во 2007-2008 година по потпишувањето на
Меморандумот за разбирање за учество на Македонија во таа програма на ЕУ.
Културната разновидност,
интердисциплинарниот пристап во остварувањето на културата и анализите кои се
повеќе го потврдуваат економското значење на културата, полека, но сигурно ја
лоцираат културата во центарот на општественото живеење - рече Недељковиќ.
Настанот се реализира во
соработка со г. Аугусто Парамио, раководител на Културно-контактната точка за
програмата „Култура“ на ЕУ и воедно раководител на Национално-контактната точка
за програмата „Европа“ за граѓаните на Кралството Шпанија.
|