ИНТЕРВЈУ СО ЗЛАТКО ЈАНКОВСКИ, ПОРТПАРОЛ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА Кога стигнавме во Министерството за култура, немаше ни денар. Се беше потрошено. Како долг ни беше оставена една дупка од повеќе од 1.600.000 евра, вели портпаролот Јанковски за наследениот багаж од времето на екс-министерот Благој Стефановски На што се должеше, како што изјавивте, тешката, наследена финансиска состојба во Министерството за култура? - Кога стигнавме во Министерството немаше ни денар. Се беше потрошено, но ние сепак изнајдовме модус. Сите долгови ќе бидат исплатени по ребалансот на Буџетот. Нормално, ќе бидат разгледани сите проекти дали се финансиски оправдани или не. Како долг ни беше оставена една дупка од повеќе од 1.600.000 евра. Според ревизорскиот извештај и наши сознанија имало и повеќе прекршување на законите и нетранспарентно и недомаќинско работење. Токму ова е причината за лошата финансиска ситуација. Како се стигнало до таква финансиска ситуација? - Па Буџетот беше предвиден само до јули 2006 година, а финансиите планирани како за цела година. Затоа и останаа неисплатени многу побарувања. За Кокино, на пример, минатата Влада имаше долг од 200.000 денари. Значи не се исплатени парите и не видовме позначајна активност по тоа прашање освен некои календарчиња и промотивни материјали. Исто се случува со Неделата на македонска култура во Германија. И ним се уште не им беа исплатени парите. Ситуацијата се повторува и со Саемот на книгата во Белград, каде истотак не беа исплатени 300.000 денари. За сега проблемите ги решаваме со давање на писмена гаранција за исплата на побарувачите. По донесувањето на ребалансот започнавме со исплаќање на долговите. Мислам дека веќе се е исплатено што ни беше оставено како долг од претходниот министер. Дали имате сознанија на што се потрошени досегашните пари за филмот “Балканот не е мртов#? Се финансира од 2004, а снимањето е закажано дури за 2007. - За 2006 парите се побарани за развој на сценарио. Минатото Министерството и тие пари ги нема исплатено, па треба да се исплатат со ребалансот на Буџетот. Но, се отвара прашањето за што се потрошени другите пари и за што толку долго време се развива сценариото. Мислам дека или ќе се заврши и ќе биде со лош квалитет, или воопшто нема да се заврши. Затоа овој проект се разгледува и за некое време ќе имаме јасна слика за целиот проект, па ќе видиме како понатаму. На што ќе се фокусираат најголем дел од филмските буџетски пари в година? Што ќе биде приоритет? - Планираме да им дадеме шанса на младите актери и режисери, и на оние кои биле маргинализирани минатите неколку години. Сите кои сакаат да работат и кои имаат добри проекти ќе бидат поддржани. Проблемот е што во минатите неколку години постојано едни исти луѓе се форсираа и се работеа некои проекти кои не оставија некој голем впечаток, па дури и некои проекти за кој никој не знае. Проекти за кои се исплатени огромни суми на пари а кои живееле само два до три месеци. Не би било коректно да ги соопштам тие проекти во овој миг. Ние планираме да ја измениме оваа ситуација и да правиме, создаваме проекти кои ќе бидат трајни. Како го коментирате законот за Филмски фонд? Според дел од филмската фела, Законот не е дообмислен и има повеќе слабости. - Точно е тоа дека не е дообмислен. На пример, Фондот нема да донесе децентрализирање на финансирањето и одлучувањето, бидејќи сепак, крајниот збор треба да го каже министерот за култура. Предвидени се пет луѓе за работа во филмскиот фонд, што е дефинитивно малку за менаџирање на такви проекти. Се бара процент и од кино прикажувањето, а немаме никаков конкретен резултат од борбата против пиратеријата... Мислам дека луѓето кои се сега во Филмскиот фонд се најспособните луѓе за таа работа и сите нивни предлози и забелешки ќе бидат примени со голема сериозност. Планови за развој на филмската индустрија? - Ќе превземаме конкретни чекори преку користење на сингапурските и бугарските искуства, презентација на можностите, со одредени олеснувања кон филмските компании... Секако дека има многу работи да се средат пред оваа идеја да стане реалност. Прво треба да се одлучи што со Вардар Филм. Од 1997 година сметката им е блокирана и имаат огромни долгови. За прв пат во министерството и во Владата има волја па и политичка ако сакате, за решавање на овој проблем. Министерството за култура изготви информација до Владата која треба на некоја од наредните седници да ја разгледа. Во неа се даваат две решенија. Или Вардар Филм да се санира или пак да се ликвидира. Паралелно со овој процес, ние сме во постојана комуникација со Филмски фонд и се подготвува стратегија за развивање на филмската индустрија. Што се случувало во областа на Културното наследство, а што е планирано да се случува? Министерството за култура во минатиот период започна активно да работи на зголемена грижа на националните културни интереси и вредности преку воспоставување на ефикасен и функционален вредносен систем базиран на цврсти критериуми и принципи согласно европските стандарди и критериуми. Наша цел е да се подигне свеста за значењето на културата и културното наследсво во Р. Македонија и културата да заземе позначајно место од она што го има, а што е неодредено и ограничено и да се подигне на едно повисоко ниво како значаен фактор на интегрирање на Р.Македонија во ЕУ. Министерството за култура во иднина ќе применува контрола на трошење на буџетските средства кои се трошат за реализација на програмските определби. Исто така, ќе има домаќински однос кон буџетските пари, се со цел нивна наменска и рационална употреба. Дали ќе излезете со предлог за менување на Законот за заштита на спомениците на културата? Сегашниот директор на Управата за заштита на културното наследство, г-дин Паско Кузман е најголемиот експерт во таа област и сметам дека секоја негова забелешка ќе биде прифатена. Доколку смета дека овој Закон треба да се измени и дополни секако дека ќе биде. Мое мислење е дека со сегашниот Закон за заштита на културното наследство не се воспоставува еден ефикасен систем на работење, туку се е премногу бирократски комплицирано и усложнето до еден степен од кој што неможе да се добие целосната функционалност на Управата за заштита на културното наследство. Нагласувам дека ова е мое мислење, а мислењето на директорот и на луѓето кои работат во таа област секако е порелевантно од моето. Како планирате да се справите со дивите копачи? Спомениците на културата од историски и културолошки аспект претставуваат израз и потврда на универзалните вредности што постоеле на овие простори. Поради тоа една од примарните грижи на државата е и заштитата и чувањето на движното и недвижното културно богатство, пред се негово ставање во функција на севкупниот развој. Од неповолните состојби во културата во изминативе 15-тина година најпогодено беше културното наследство. Особено во периодот од 1991-1997 а и последниве неколку години неговата заштита ниту беше систематска, ниту комплексна, па така цивилизациското наследство на овие простори и она што беше создавано со векови беше оставено на забот на времето. На минимум беа сведени истражувачката дејност, непосредната заштита и презентацијата на културното наследство што доведе до апсурдна ситуација на македонските археолошки локалитети поприсутни да бидат дивите копачи отколку археолозите. Ваквите состојби сами по себе налагаат Министерството за култура да пронајде начин за заштита на културното наследство. Тој начин е преку доследно следење на Законот за заштита на културното наследство, кој доколку има потреба и ќе се промени и дополни. Исто така, планираме да ги зголемиме средствата кои ќе бидат наменети за довршување на ископувањата на веќе постоечките локалитети и за откривање на сите други локалитети кои досега им биле препуштени на дивите копачи. МОБ плива во доглови. Секојдневно се соочува со блокирана сметка. Како ќе се надмине нивниот проблем? И ова е еден од наследените проблеми. Секако дека МОБ ја има нашата целосна поддршка. Ние сме во секојдневен контакт со директорот на МОБ г-дин Оливер Арсовски. Досега успеавме преку некои донации и средства кои биле како долг кон МОБ да подмириме некои долгови. Во понатамошниот периот потребно е домаќинско работење а преку тоа дел по дел да се враќаат долговите и тековно да функционира програмската шема на МОБ. Преку поставувањето на нови проекти и домаќинското работење на дирењкторот мислам дека за брзо време ќе имаме резултати. Како и кога ќе се реши проблемот со вработувањето на актерите на кои им истекува договорот на дело со театрите? Начнавме многу големи проблеми. Проблемите ќе ги решавеме постепено, дел по дел, десет по десет проблеми, а не сто наеднаш. Во овие четири месеци и неколку недели колку што сме во Министерството за култура почнавме да решаваме проблеми кои не биле решени неколку години наназад. Сепак не сме се можни и не зависи се од нас. Проблемот со актерите е еден од најголемите и најважни проблеми. Во овој период се трудиме да најдеме модус преку кој би ги задоволиле очекувањата и барањата. Треба да се доврши студијата за тоа колку актери и се потребни на секоја институција, колку од нив се со договори на дело, па потоа да се разговара за нивно вработување. Нам ни се потребни актерите заради нивната голема улога во претставувањето на Р. Македонија во странство и заради ширењето на културата и внатре во Македонија. Ќе направиме сè, за да го решиме проблемот. |