Почитуван г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски,
Почитуван г. Коце Трајановски, градоначалник на град
Скопје,
Почитуван г. Ивица Коневски, градоначалник на општината
Аеродром,
Почитувани основачи на Илинденскиот марш и почитувани
претставници на сегашното раководство на Здружението на граѓани од Горно Лисиче
„Илинденски марш 78”,
Почитувани претставници на Владата,
Почитувани пратеници,
Почитуванихрабрикоњаници,
Почитувани граѓани на Горно Лисиче,
Почитувани присутни,Браќа и сестри,
Ми претставува особена чест и
задоволство што денеска, по 32 пат, преку традиционалниот Илинденски коњанички
марш имаме можност да ја оживееме македонската историја и уште еднаш да се
поклониме пред херојските дела на оние кои
непоколебливо и храбро ги жртвуваа своите животи за возвишена цел.
Денеска историјата повторно
запишува уште еден светол миг од бесмртната традиција на почитта кон светите
датуми на македонското вековно постоење.
Драги пријатели,
Секоја генерација има своја
битка. Република Македонија својата битка денес ја води преку културата, преку
негувањето на традицијата и вредностите кои сме должни да ги сочуваме.
Сигурен сум дека длабоките
корени на македонскиот непокор вечно ќе дозволат да ја чествуваме храброста на
македонскиот народ демонстрирана на дело во мугрите на 2 август 1903-тата
година, датум кој со црвени букви е длабоко врежан во македонската историска
читанка.
Преку реализацијата на
манифестацијата Илинденски марш, повеќе од три децении успешно се пренесува и
негува традицијата на нашите славни предци.Нема сомнеж дека овој настансо
својата атрактивност низ годините предизвикува се поголемо внимание кај
македонската јавности прерасна во една од значајните
културно-историски манифестации во нашата земја.
Овде би сакал да нагласам дека
Министерството за култура на Република Македонија како и во минатото, така и во
иднина ќе ја дава својата поддршка за оваа манифестација, бидејќи
таа претставува чувар на непокорот на македонскиот народ, симбол за нашето
постоење и самопотврдување.
Би сакал да ја искористам оваа
можност да им се заблагодарам и воедно да им честитам на организаторите на
Илинденскиот марш, Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 78”
и манифестацијата
„10 дена Крушевска Република”,
за нивната посветеност во негувањето на културните вредности и доближувањето на
историските придобивки до сегашните и идните генерации.
Храбри коњаници, Браќа и сестри,
Дозволете ми да ви посакам многу
успех и добро здравје на вашиот славен пат и како прави бранители на културните
вредности да им оддадеме признание на илинденските херои.Нека бог биде со вас на патот до градот херојКрушево.Да сте живи и здрави!