Министрите на надзорна расправа за Охрид и УНЕСКО во Собранието, спречено губење на заштитениот статус, интензивни акции за подобрување на состојбите

Денеска на седница на собраниската Комисија за култура, се одржа првата надзорна расправа за Законот за управување на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на приодното и културното наследство, на која реферираа највисоките претставници на надлежните министерства и институции, и на Градот Охрид. Констатирано е дека со активностите за спроведување на препораките на Комитетот на УНЕСКО од Краков се елиминира опасноста од губење на статусот на заштитено светско наследство на Охрид, а се преземаат голем број на конкретни дејствија за спречување на досегашната негрижа и хаос, унапредување на животната средина, како и развој на инфраструктурата и економијата на регионот во согласност со стандардите на светската организација...

Министерот за култура на Република Македонија и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Роберт Алаѓозовски рече дека Владата за краток период од шест месеци се посветила на процесот за надминување на, како што рече, катастрофалната состојба во која беше доведен Охридскиот регион, што беше констатирано од мониторинг мисијата на Центарот за светско наследство на УНЕСКО во 2017 година.

„ Од неа произлегоа препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО донесена на неговата 41. седница во Краков, според која на Охридскиот регион му се заканува опасност да го загуби статусот на добро впишано на листата на светско наследство и Охрид  да биде ставен на листата на градови во опасност на УНЕСКО. Министерството за култура и Националната комисија на УНЕСКО максимално се заложија за хоризонтално интерресорско ниво да координираат и реализираат конкретни активности со цел да се постапи согласно со препораките на УНЕСКО, а Охрид, Охридскиот регион и Струга да го задржи статусот кој му припаѓа“, рече Алаѓозовски.

Министерот за култура реферираше дека надлежните министерства и институции реализираа најголем дел од итните мерки предвидени во Акцискиот план кои се однесуваа на Извештајот за напредокот доставен до Центарот за светско наследство на УНЕСКО на 13 февруари 2018 година. Се формираше Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, која веќе одржа два состаноци и подготвува конкретни активности за спроведување на препораките.  

„Согласно Законот, во Министерството за култура – Сектор за културно наследство, назначен е секретаријат/тим кој ќе ја администрира работата на Комисијата, со цел да се обезбеди нејзина ефикасна работа.  Од страна на Работната група беше подготвен и Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО кој беше доставен на 13.02.2017 год. до Центарот за светско наследство на УНЕСКО. Со оглед на тоа што Охридскиот регион не е ставен за разгледување на 42 сесија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО која ќе се одржи од 24 јуни до 4 јули во Бахреин, тоа укажува дека Центарот за светско наследство на УНЕСКО ги препозна реалните конструктивни владини политики преземени во оваа насока“, рече Алаѓозовски.

Министерството за култура формираше Работна група за ревизија на постоечкиот Закон за управување на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Согласно предвидената динамика, измените на Законот треба да се усвојат  до 1 декември 2018 година.

На расправата беше констатирано дека Општина Охрид не е во можност самостојно да ја финансира изработката на деталните урбанистички планови за секој од 19-те урбани комплекси во старото градско јадро во Охрид и урбанистичко-планската документација за крајбрежниот појас, кои треба да се поднесат до Центарот за светско наследство на УНЕСКО. На почетокот на годинава на владина седница беше усвоен Акциски план во чиј фокус се активности и одлуки што треба да се реализираат до 1 декември 2018 кога треба да се достави извештајот за напредокот во 2018 година до Центарот за светско наследство на УНЕСКО, како и активностите што треба да се реализираат во 2019-та. Меѓу преземените активности е и формираната Комисија со членови од 23 институции која профункционира, осум години по донесувањето на законот со кој беше предвидено нејзиното формирање.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески  ги посочи конкретните проекти, со кои се идентификувани проблемите во Извештајот и Одлуката, а тоа се: изградбата на автопатот А2 (делница Требеништа-Струга), изградбата на експресниот пат А3 (делница Охрид-Пештани), изградбата на експресниот пат А3 (делница Пештани-граница со Република Албанија) и изградбата на железничката делница Кичево – граница со Република Албанија како дел од Коридор 8. Министерот Сугарески наведе и што е преземено по препораките на УНЕСКО, па затоа времено се стопирани инфраструктурните  проекти. Тој рече дека сепак ќе мораме да имаме во предвид дека се работи за проекти кои ги поврзуваат Пан-европските коридори и кои се многу значајни за регионалниот развој на Република Македонија.

„Средствата во висина од 86 милиони евра  ги пренаменивме за реконструкција на 26 патни правци. За проектот што се однесува во делот на железничката инфраструктура за идна изградба на железничка линија од Кичево до Албанска граница, сериозно ги разгледуваме сите финансиски и технички аспекти со оглед на тоа дека препораките укажуваат на промена на трасата. Формирана е комисија која заедно со УНЕСКО ќе работи на надминување на проблемот“, рече Сугарески.

Во однос на загрозеноста на Охрид како природно добро и проблемот со комуналниот отпад, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки рече дека Владата е во процес на создавање регионален систем за менаџирање на депониите.

„ За сите плански региони одлуките на општините се веќе усвоени, освен на општина Дебрца и во наредниот период ќе се соопшти јавен повик за целиот правен процес за сите заинтересирани за давање под концесија за изградба на депонија во период од 30 години. За депонијата во Струга МЖСПП и Владата имаат определено 200.000 евра за нејзино менаџирање. Верувам дека за две години ќе имаме интегрирано управување“, рече Дураки.

Во Акцискиот план на Владата се наведени ингеренциите на општините Охрид, Струга и Дебрца кои треба да достават до Националната комисија на УНЕСКО урбанистичко-планска документација за крајбрежната област, а Општина Охрид се задолжува да почне постапка за донесување ДУП-ови.

Ова се дел од заклучоците на расправата на која охридскиот градоначалник Јован Стојановски рече дека најприоритетна задача е донесување измени на Законот и побара сериозно да се пристапи кон изработка на плановите, особено на планот за управување со охридскиот регион, со природното и културното наследство, а паралелно и почнатите планови за управување со Охридското Езеро и планот за управување со сливното подрачје.

На 6 јуни ќе се одржи министерска средба во Охрид на министрите за култура на Македонија, Црна Гора (и Албанија како набљудувач) со учество на градоначалниците на Охрид, Струга, Дебрца и Котор и претставници од УНЕСКО, со цел да се разменат искуства за тековните и идни активности поврзани со препораките на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО на Охридскиот регион и градот Котор, добра впишани на репрезентативната листа на светско наследство на УНЕСКО. Освен тоа, Националната комисија за УНЕСКО и Владата официјално го поддржаа доставувањето на номинационото досие на за проширување Охридскиот регион, по чие впишување што се очекува во 2019 година, ќе се интензивира прекуграничната соработка за Охридскиот регион со Албанија.

Од 1980 година Охрид и охридскиот регион се впишани на листата на УНЕСКО како културно и природно наследство. Таков мешовит статус по двојна основа имаат само 35 добра на листата на УНЕСКО од вкупно 1 078 добра во светот. Само природни се 832, а културни се 206 добра.

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia