Портата е висока 21 метар. До врвот водат еден лифт и две скалила. Внатре има галериски простор на две нивоа, а најгоре платформа за набљудување.
Кај плоштадот „Пела“ во Скопје денеска свечено беше пуштен во употреба објектот „Порта Македонија“, на која се прикажани мотиви од македонската историја, култура и традиција. „Порта Македонија“, според идејниот проект претставува симбол на големата историска победа - создавањето независна и суверена Република Македонија.

Објектот во употреба го пуштија премиерот Никола Груевски заедно со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и авторката на објектот Валентина Каранфилова Стефановска.
„Да, јас стојам зад овој проект, сметам дека е добар, квалитетен и корисен и дека нема ништо лошо во него. Да, јас, го поддржувам и ќе го поддржувам овој проект, како што тоа го правам и во илјадници други случаи кога ќе верувам во нешто, кога имам и имаме идеја и визија како да биде подобро покорисно и поделотворно за граѓаните и државата“, изјави премиерот Груевски кој додаде дека проектот „Скопје 2014-та“ и „Порта Македонија“, уште недоизградени добија своја историја.
Премиерот изрази и благодарност до поддржувачите, до сите оние кои ја следеа промоцијата на објектот, но и до илјадници други граѓани од земјата, кои дадоа поддршка на проектот „Скопје 2014-та“. Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, која, како што рече беше главна моторна сила во реализацијата на овој проект, вложи неизмерно многу труд, време и енергија во неговото создавање.
„Ќе посакам „Порта Македонија“ да биде монументална книга на македонските подвизи, место на кое како што вели големиот Гете, уметноста ќе биде посредник на она што не може да се каже со зборови“, рече Канческа - Милевска.
Портата, чиј автор е академската скулпторка Валентина Стевановска, која го изработи и „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, ја красат триесетина релјефи изработени од мермер кои прикажуваат делови од историјата на македонскиот народ. Мотивите од длабок релјеф се поставени на сите страни на објектот. Меѓу нив се прикажани Александар Македонски и Филип Втори со фалангата, Јустинијан Први, Цар Самоил, Крале Марко, Карпош. Има релјефни мотиви на Илинденското востание, на АСНОМ, прогласувањето на независна Македонија во 1991 година. На објектот се наоѓаат и релјефи на манастирот „Свети Јован Бигорски“, претставена е и охридска куќа, Даут-пашин амам, Мостот на поезијата во Струга... Во горниот дел од фасадата, на четирите агли се поставени скулптури - човечки фигури лиени во бронза.


