Колективниот договор пред финализирање, по повеќегодишен застој се унапредуваат правата на вработените во културата

Министерството за култура ја известува јавноста дека нацртот на колективниот договор за вработените во културата е подготвен, откако во претходниот период се одржаа повеќе средби и консултации со претставниците на синдикатите и на установите во културата за решавање на најургентните потреби и проблеми што произлегуваат од работниот однос на уметниците и другите вработени во културата. Имајќи предвид дека претходниот колективен договор е истечен во 2008 година и дека оваа сфера беше запоставена повеќе години, Министерството за култура интензивно работеше на овој процес, спроведувајќи анализа на состојбите, консултации со МИОА, со претставници на синдикатите и установите, а се формираше и Работна група, која го подготви нацрт - колективниот договор за култура,  со кој целосно ќе се преуреди начинот на утврдување на платите на вработените во установите, а ќе се решат и други отворени прашања поврзани со правата на вработените.

Меѓу другото, договорот ќе го регулира надоместокот на трошоци за превоз од и до работното место за поголеми растојанија без редовен јавен превоз, потоа за надомест за теренска работа надвор од установата во надворешни и тешки услови, како и за надоместоци за дополнителни работи што произлегуваат од матичноста на установата. Договорот содржи и нови одредби за работно време, одмори и отсуства, одредби за безбедност и здравје при работата, како и одредби за платено отсуство при изработка на магистерска работа, докторска дисертација, уметничко доусовршување и учество на конгреси, семинари и конференции. Нацрт - колективниот договор набрзо ќе биде ставен на разгледување од страна на синдикатите и институциите.

Воедно, во следниот период, ќе се направи и детален преглед и ревизија на постоечките работни места во сите установи од културата и, ако има потреба, ќе бидат соодветно изменети работните места за културата, кои се евидентирани во Каталогот на работни места на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Исто така, Министерството набрзо ќе достави до Владата на РМ предлог - решение за надминување на проблемот за валоризација на стручни звања на вработените во нивните плати, како прв чекор во решавањето на проблемите со платите, додека се очекува потпишувањето на колективниот договор за културата. Министерството за култура очекува целиот овој процес да се финализира до крајот на годината, за да се започне со негова практична реализација во 2019 година во повеќе фази, во зависност од финансиските и правните можности . Укажуваме дека за потпишување и примена на овој колективен договор, до крајот на оваа година потребно е да се подготват и соодветни измени во законите за јавниот сектор и да се донесе нов Закон за културата, што треба да биде паралелен процес,  бидејќи колективниот договор не е компатибилен со постоечката законска регулатива. МИОА предвидува измени во своите закони за јавната администрација во 2019 година, во кои претходните прашања, заедно со Министерството за култура, ќе се решат позитивно и во интерес на културните работници.

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia