Извештај за работата на Министерството за култура за 2017 година

Во 2017 година, Министерството за култура спроведе голем број активности за реализирање на програмата на новата Влада на Република Македонија и на Министерството со која се овозможува правичност, диверзитет и силна поддршка за уметниците и културните работници, поддршка за културни проекти кои градат едно општество за сите, децентрализација на културата и еднаков пристап до неа за сите граѓани еднакво...

Во фокусот на активностите на Министерството беа повеќе програмски приоритети, пред сè, ослободување на институциите од партиските и идеолошките стеги наметнати за време на претходната власт и отворање на институциите на културата кон граѓаните, заштита на културното наследство, консолидирање на финансиското работење и раздолжување од наталожените обврски создадени од претходната власт, ревизија на претходната работа вклучувајќи и анализа на т.н. „Проект Скопје 2014-та“, спречување на пропаѓањето на објектите на културните установи, унапредување на состојбата со македонскиот јазик, подготовка на новата стратегија за културата и почеток на реформите во повеќе области на културата,  како и обезбедување целосна транспарентност и отвореност на Министерството   кон медиумите и јавноста по долги години недостапност на информациите важни за јавниот интерес.

Јазикот и културниот идентитет беа врвни приоритети за Министерството за култура. Беа подготвени иницијативи со кои се прекина долгогодишната негрижа и започна создавањето услови за поправање на состојбите. Владата донесе одлука со пакет од 11 предлог-мерки, кои се само дел од активностите со кои постојано ќе се подобрува состојбата во оваа сфера. Беа подготвени и усвоени законски измени во Законот за употребата на македонскиот јазик, избрана е Комисијата за спроведување на испитот за лектор, како и други акции со кои се деблокираше процесот за полагање на лекторскиот испит. Беше спроведена акција за бесплатна достапност на Правописот на македонскиот јазик, кој беше објавен на веб-страницата на НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје. Обезбедени се средства за квалитетно организирање на Семинарот по македонски јазик и овозможени се подобри услови за заштита и унапредување на македонскиот јазик во јавната комуникација, наспроти запоставувањето и негрижата за македонскиот јазик од повеќе аспекти што беше карактеристика на претходната власт. 

Меѓу врвните приоритети беше заштитата на запоставеното бесценето културно наследство. По поројните дождови и градот кој заврна во Скопје на 16 јуни 2017, интервениравме веднаш за да ги санираме штетите и да спречиме понатамошно загрозување на вредни експонати и артефакти. Такви итни интервенции беа спроведени во Чифте амам, Даут-пашин амам и во Музејот на Македонија. Успеавме да ја згрижиме Галеријата на икони со бесценети дела кои датираат уште од 14 век, а кои со месеци беа оставени да лежат во поплавена просторија со паднат таван, расфрлени на земја. Веднаш поведовме процес за заштита на струмичката фреска „Св. 15 Тивериополски маченици“, една од најстарите во нашиот регион, со години оставена на милост и немилост на временските услови. Започнавме интензивни активности за заштита на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и на Скопскиот акведукт. Во повеќе институции се спроведуваат проекти за подолгорочно решавање на очајната инфраструктура, запустена со години, а во некои и спречување на штетата направена со нестручната реставрација, каков што е примерот со манастирот Трескавец.

Ја отвораме културата за сите, без оглед на припадноста. Нашата цврста заложба „култура до сите, култура за сите“ ја демонстрираме и во практика. Преку конкурсот за Новиот културен бран, со скромни средства, успеавме да мотивираме организирање на над 100 културно-уметнички настани во земјава, да ја заживееме независната културна сцена. Успехот следуваше откако во подготвителната фаза ја редизајниравме и реобмисливме манифестацијата „Нов културен бран“ (порано Топол културен бран). За разлика од порано, кога право на конкурирање имаа само општините, годинава повикот за првпат беше отворен за НВО и за граѓанскиот сектор, за независни продукции, неформални граѓански иницијативи, поединци и групи уметници; ги отворивме и вратите на нашите установи за соработка со апликантите; формиравме конкурсна комисија сочинета исклучиво од надворешни членови, познати културни дејци, кои одлучуваа автономно. Сумите и добитниците ги објавивме јавно и секој апликант добива образложение за одлуката, со што ја остваруваме нашата заложба  за транспарентност и отчетност во процесот на донесување одлуки. Се пријавија речиси 300 апликанти, што е охрабрувачка порака дека ја движиме културата во вистинска насока, поблиску до оние што ја создаваат и до оние на коишто им е наменета, до сите граѓани еднакво. Во практика демонстрираме почит кон мултикултурализмот, културниот диверзитет и еднаквите можности за пристап кон културата за сите граѓани еднакво без оглед на припадноста. Со нашето присуство на повеќе културни настани, манифестации, фестивали, одбележувања на значајни датуми на сите заедници, ги демонстриравме нашите заложби за почитување на културниот диверзитет, еднаквост и пристап кон културата за сите граѓани. За првпат во историјата на културните случувања во земјава, еден министер за култура отвори „Прајд викенд“ во Скопје, учествуваше на одбележувањето на Меѓународниот ден на Египќаните, одбележувањето на Денот на холокаустот врз Ромите, Деновите на различностите итн.

По повеќе години, во Министерството за култура пристапот до информации од јавен карактер е навистина слободен. Ја зголемивме драстично транспарентноста на јавно достапните информации. На сите барања кои пристигнаа во минатиот период одговоривме во законскиот рок, поттикнавме зголемен интерес за информации и кај граѓаните и кај медиумите и уште поголем наплив на барања. Веб-страницата на Министерството стана популарен извор на информации и за само неколку месеци, од веб-страница која воопшто не беше регистрирана од мерачите на посети,  таа сега е рангирана меѓу 500 најпосетени веб-страници во Македонија (вклучувајќи ги и странските веб-страници).

Ги отвораме вратите на пријателство во регионот и пошироко, ја зголемуваме меѓународната културна соработка.  Постигнавме голем успех на меѓународната културна сцена - излобиравме и добивме консензуална поддршка од сите 16 земји членки на Иницијативата „16+1“ за соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа и НР Кина за идејата Центарот за културна соработка на Инцијативата да биде востановен во Скопје. Освен тоа, потпишавме договор со кој ја конкретизираме и интензивираме културната соработка со Босна и Херцеговина; имавме успешна посета на заменик-министерот Лазовски и конкретни идеи за продлабочување на соработката со Црна Гора и со Хрватска; презедовме чекори за конкретизирање и интензивирање на културната соработка со Република Бугарија, во духот на договорот со кој ќе ги унапредуваме значајно добрососедските односи; договоривме конкретна соработка и партнерство со меѓународни фондации за спроведувањето на „Новиот културен бран“, но и подолгорочна соработка и поддршка за директно вклучување на граѓаните во процесите на креирање на политиките на Министерството за култура; остваривме средби со над 25 амбасадори во нашата земја со кои разговаравме и утврдивме и конкретни проекти за билатерална и мултилатерална културна соработка.

Ги ослободуваме и стабилизираме институциите, ги откриваме злоупотребите на парите на граѓаните. Без оглед на трансферот на власта во институциите, работата на културните установи и сите тековни манифестации се реализираа без нарушувања и тешкотии, со целосна поддршка од Министерството. Дури и онаму каде што имаше предизвици, помогнавме тие да се надминат, како што беше со процесот на враќање на организацијата на Фестивалот „Браќа Манаки“ на Друштвото на филмските работници/професионалци, кое повеќе од 3 децении го организира Фестивалот, а на кое со одлука на поранешната власт му беше одземена организацијата и доделена на новооформен ентитет. Преку изводите од службените картички што ги објавивме во јавноста, граѓаните имаа можност да дознаат за незаконската употреба на народните пари и луксузирањето на претходната владејачка гарнитура, а во многу установи се забележани договори за огромни хонорари во однос на остварените задачи. Во повеќе установи извршивме промени во управните тела и, како што налага Законот, назначивме в.д. раководители од самите колективи. Промените ги направивме и ќе ги правиме со цел да овозможиме ослободување на установите од директни партиски влијанија и опструкции, да овозможиме услови за откривање на злоупотребите и неправилностите кои со години се криеја од јавноста, како и да ги почнеме процесите на подобрување на очајните услови за работа и да го сопреме запоставувањето на живата култура на сметка на градењето на лажни културни вредности.

Подготвивме неколку законски измени со кои решаваме значајни проблеми, водиме системска грижа за одржливост и развој во културата и уметноста на подолг рок. Освен законските измени во Законот за употребата на македонскиот јазик, со предложените измени на Законот за културата во делот на националните пензии се намалија финансиските обврски по основа на исплатата на надоместоци на пензионерите добитници на државни награди за култура, а кои претходната власт не постигнуваше да ги сервисира. Со измените се обезбедува и поголема ефикасност во работата на директорите на националните установи и поголема ефикасност во вршењето инспекциски надзор. Со Законот за престанување на важењето на Законот за национален уметник овозможивме разбивање на клиентелизмот, дискриминацијата и нееднаквоста меѓу уметниците.

Поради целокупната затечена незавидна состојба во областа на авторското право и сродните права, веднаш започнавме консултација со експертите и со засегнатите страни и подготовка на измени и дополнувања на Законот за авторското право и сродните права во насока на изнаоѓање одржливи механизми за нивна заштита и усогласување со новата Директива 2014/26/EC за колективно управување со авторското право и сродните права и мулти-територијално лиценцирање на музички дела за користење преку интернет. Наша заложба е во овој процес да влеземе партнерски со сите засегнати страни, вклучувајќи ги и медиумите, кои се еден од клучните актери во оваа сфера.

Отворивме суштинска јавна расправа за културата од повеќе аспекти, со инклузивен и неселективен пристап кон сите засегнати страни, и успеавме, во речиси невозможно време од неполни три месеци, да ги подготвиме Стратегијата за културен развој за наредните 5 години (2018-2022) и Акцискиот план (2018-22), кои беа усвоени од Владата на Република Македонија. Стратегијата е производ на обемна јавна расправа со над 15 средби во поголемите градови низ целата земја, на кои учествуваа стотици културни работници и уметници, претставници на граѓанскиот сектор и на независната сцена, како и претставници на културните институции на локално и на национално ниво. Од почетокот на мандатот, и самите организиравме повеќе јавни дискусии за повеќе теми од областа на културата, а интензивно учествуваме на дискусии организирани од институциите на културата, независната сцена и граѓанските организации. Охрабруваме дебата со граѓаните и со сите засегнати страни - за нивните вистински културни потреби и приоритети.  Јавните културни институции се сега отворени, партиципативни и инклузивни, реализираме соработка со експертите и со сите засегнати страни, за добро промислен, долгорочен и стабилен културен напредок.

Ги отворивме вратите на културните установи и на Министерството за соработка со граѓанскиот сектор и со независната културна сцена. Формиравме повеќе тела, комисии и работни групи на Министерството, и тоа: Советот за култура, Работната група за изработка на Предлог-национална стратегија за развој на културата за периодот од 2018 до 2022 година, Работната подгрупа за проценка на влијанието на културните политики на претходното раководство и нивното влијание врз културата, Работната група за подготовка на Анализата за т.н. „Проект Скопје 2014“ и неколку други тела и комисии, кои, за разлика од порано, се репрезентативни и вклучуваат претставници на сите засегнати страни, истакнати експерти, претставници на граѓанскиот сектор, културни работници и уметници.

Спроведовме неколку пообемни и помали повици за финансирање проекти, како: Годишниот повик за финансирање проекти од национален интерес во културата, повикот за манифестацијата „Нов културен бран“, повикот за самостојни уметници, повикот за откуп на класични композиции, повикот за „Град на културата“, како и неколку повици за престој и резиденција на наши уметници во странство. На овие повици пристигнаа над 5 500 апликации, повеќе од кога било досега, а беа одобрени над 2 600 проекти, настани и студиски престои.

Подготвивме буџет за културата за 2018 година кој е развоен, со кој ги кратиме мегаломанските и непродуктивните трошења на парите на граѓаните; вложуваме повеќе пари директно во културата и уметноста; обезбедуваме достоинствени услови за работа на сите уметници, културни работници и стручни лица од јавниот културен сектор; овозможуваме распространување и развој на културата низ целата земја и допираме до публиката од сите возрасти. Вкупниот буџет на Министерството за 2018 година изнесува 4 милијарди 268 милиони 497 илјади денари, односно околу 69 милиони 406 илјади евра, што претставува зголемување од 4,48% во споредба со лани. Во вкупниот буџет на Република Македонија, буџетот на Министерството за култура учествува со 2 %, што е процентуално најголем културен буџет споредено со земјите од регионот.

Целосниот Извештај за работата на Министерството за култура за 2017 година може да се погледне и сочува на следната врска:

Извештај за работата на Министерството за култура за 2017 година

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia