Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари посета на Домот за деца без родители „11 октомври” и на 160 дечиња од оваа установа, како и од Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај” и СОС Детското Село им подари билети за новогодишниот концерт на Ансамблот за народни игри и песни „Танец”, како и за претстави на Македонскиот народен театар и Театарот за деца и младинци.
Влезниците се однесуваат за претставата „Волшебната флејта” на Театарот за деца и младинци, закажана за 29 декември, како и за претставата „Дедо Мраз од Марс” која се прикажува во Универзална сала. Дел од дечињата ќе присутвуваат и на вечерашниот новогодишен концерт на „Танец” во Македонската опера и балет.

На посетата беа присутни директорите на МНТ, Дејан Лилиќ, „Танец”, Зоран Џорлев и на Театарот за деца и младинци, Драган Довлев, како и директорите на установите „25 мај”, Стево Соколовски и Виолета Георгиевска од СОС Детско Село.
Министерката за култура Канческа – Милевска истакна дека целта е овие деца да станат дел од нашиот културен систем и да присуствуваат на претстави и манифестации што Министерството за култура ги поддржува преку националните институции од областа на културата. Таа додаде дека меѓу овие дечиња има многу таленти и затоа вратите на културните установи треба да бидат постојано отворени за нив.

Директорите на посетата понудија конкретни предлози за континуирано вклучување на овие деца во културниот живот во Македонија. Директорот на МНТ Лилиќ рече дека во секое време тие можат да дојдат на претстава, но и да го посетат театарот за да се запознаат како се прават претставите и што е театарска сцена.

- Видовме таленти кои работат професионално, учат големи текстови и знаат како да се однесуваат со публиката. Мислам дека од нив може да имаме идни актери, пејачи, танчари, рече Лилиќ. Зоран Џорлев од „Танец“ предложи инструктор од нивниот ансамбл да ги посетува децата и да работи со нив на кореографии.
