Соопштение на Министерството за култура за резултатите од Годишниот конкурс за 2018 година

Министерството за култура ја известува јавноста дека останува посветено на реализација сеопфатна Годишна програма, која овозможува правичност и диверзитет во распределбата и силна поддршка за уметниците и културните работници, согласно интересот на граѓаните. Со поддршката за културни проекти кои градат едно општество за сите,  како и со децентрализација на културата и еднаков пристап до неа, овозможуваме култура за сите граѓани подеднакво...
Добивме најголем број апликации досега, над 5000 проекти и вклучивме повеќе проекти од независната сцена, етничките заедници, маргинализираните групи и социјално ранливите категории, настојувајќи да поддржиме на етаблирани уметници и културни работници, но и да дадеме шанса на почетници и дебитантски актери во сферата на културата.
Сепак, по реакциите во јавноста во однос на неколку поединечни проекти и одлуки во објавената Годишна програма и резултатите од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2018 година, Министерството за култура упатува повик до целата јавност и сите оние што имаат информации или индиции за прекршувања или злоупотреби, истите да ги достават до Министерството. 
Наша недвосмислена определба е процесите на одлучување да бидат целосно транспарентни, да бидат фер и објективни, согласно начелата, критериумите и пропозициите на конкурсните апликации. 
Цврсто стоиме на ставот, дека доколку има индиции за неправилности во процесот на аплицирање и одлучување, или доколку одредени личности или субјекти учествувале во непотизам, корупција, клиентелизам или други незаконски практики, Министерството е подготвено веднаш да ги преиспита тие случаи, а доколку се утврди одговорност, да спроведе дисциплински и други постапки во согласност со закон. 
Времето на незаконско и непрофесионално дејствување во интитуциите заврши, а таквите практики се заменуваат со практики на стручно, одговорно и домаќинско работење со средствата на граѓаните. 
Како и во нашето досегашно работење во изминатите месеци, Министерството ја става транспарентно целата документација на располагање на медиумите, јавноста и сите надлежни органи. Воедно, ги повикуваме сите што имаат какви било информации во оваа насока да го известат Министерството за култура.