Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска се обрати на свеченото отворање на целосно реконструираната локална установа -Дом на културата „Крсте Петков Мисирков” во Свети Николе
- Денеска ја промовираме новата сала во Домот на културата, цврстиот материјален постулат за интензивниот културен развој на оваа општина, која има цврсто изградена свест и стратегија за поддршка на културните вредности - истакна во обраќањето министерката Канческа-Милевска и додаде дека сите граѓани, но и сите посетители на Свети Николе добиваат мултимедијален простор за одвивање на голем број разновидни содржини од областа на културата, кинопроекции, театарски претстави, музички настани и гостувања на репродуктивни уметници.

- Свети Николе добива комплексен простор кој ќе овозможи рамномерен развој на сите дејности од областа на културата - истакна Канческа-Милевска.
- Пред локалната самоуправа е предизвикот да продолжи, како и досега, да ги надминува границите на сопствениот простор, да ја афирмира културата и културните вредности од овој регион. Културата е нашиот основен развоен контекст и ресурс и затоа треба заеднички да дадеме свој прилог во збогатувањето на материјалната и духовната содржина на нашите културни вредности - заклучи во Свети Николе министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
На отворањето, во Домот на културата беше одржана и Свечена академија по повод одбележувањето на патрониот празник на градот Свети Николе.

