Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска беше во посета на Националата установа Ансамбл за народни игри и песни „Танец“, каде што оствари средба со директорот Зоран Џорлев и со вработените во оваа институција.
Канческа-Милевска во изјавата за медиумите истакна дека Ансамблот за народни игри и песни „Танец” кој шест децении е симбол на македонската култура и уметност, амбасадор и презентер на македонското фолклорно творештво, во изминатиот период имаше интензивна меѓународна активност со концерти во Турција, Естонија, Кина, а до крајот на годината ќе се претстават и во Белград, Србија.

Исто така, министерката за културата пред новинарите истакна дека предвидено е на почетокот на следната година пред јавноста да биде промовирана спомен-собата во установата во која ќе бидат изложени сите признанија кои “Танец“ ги има освоени во шестдецениската традиција на постоење.
Исто така, Канческа-Милевска потенцираше дека во периодот од 2008 и 2009 година за Ансамблот за народни игри и песни “Танец“ беа издвоени значителни средства за обнова и реконструкција на објектот во кој е сместена установата, а за следната 2012 година ќе бидат обезбедени средства за нови инвестициони зафати, односно за целосно завршување на фасадата на објектот.
Во текот на 2007 и 2008 година во „Танец“ беа реализирани 54 вработувања, а во изминатиот период за непречено функционирање на установата, беа реализирани уште шест нови вработувања.

Со висока уметничка презентација на врвни професионалци, преку кореографските постановки и оркестарски изведби, „Танец” континуирано настапува на голем број концерти ширум светот. За успешноста на Ансамблот потврдуваат и големиот број на меѓународни и домашни награди и признанија меѓу кои: „Орден за заслуги за Македонија”, „11 Октомври”, „23 Октомври”, „13 Ноември”, „Климент Охридски”, „Мајка Тереза” , „Крсте Петков Мисирков” и др.
