-Дозволете ми да го изразам моето големо задоволство што по повеќе од пет децении, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп денеска добива нова репрезентативна постојана археолошка поставка, една од најголемите во нашата земја, богата со експонати кои се резултат на долгогодишните археолошки истражувања во Прилеп и неговата околина, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Прилеп на отворањето на новата археолошка поставка во прилепскиот музеј. Канческа-Милевска пред присутните додаде дека оваа импозантна поставка е силна рефлексија на археолошкото богатство кое го поседува Прилеп, но истовремено таа е и одраз на нашата посветеност и грижата за непроценливите културни вредности и несоборливите факти на наследството што ни ги остави историјата.
-Артефактите од Пештерица, најстара неолитска населба во Македонија, потоа карактеристичните женски статуетки, керамичките садови од населбите Бакарно Гумно, Могила, Трештена стена и Голем Камен, бројните лачни фибули, прстени, белегзии од грандиозните т.н. Македонски гробници, металниот алат од локалитетот Градиште, збриката монети, ковани во злато, сребро и бронза, монетите на македонските кралеви, како и бројните наоди од еден од најзначајните антички локалитети во нашата земја, Стибера, убедена сум дека во наредниот период силно ќе го привлечат вниманието не само на домашната, туку и на странската научна јавност. Новата постојана археолошка поставка ќе биде гордост за жителите на Прилеп но, и предизвик за сите посетители кои имаат интерес да се запознаат со богатото културно минато на нашата држава, рече Канческа-Милевска.

На промоцијата пред присутните се обрати и градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески, кој заедно со министерката за култура, по промоцијата на поставката ја посетија и Саат кулата во Прилеп, за чија реконструкција во 2012 година од Буџетот на Министерството за култура ќе бидат издвоени средства.
