Министерот за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска денеска, 9.12.2011 година, беше во работна посета на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар и Театар-комедија, при што оствари средби со директорите на овие национални институции.
По средбите, Канческа-Милевска информираше дека ги известила директорите за одлуката на Владата на Република Македонија идната година да биде набавена нова техничка и тонска опрема неопходна за функционирање на театрите, како и дека ќе се издвојат средства за набавка на возила со цел сите претстави да се разменуваат и да се реализираат и во другите градови. 
Таа најави дека ќе се издвојат повеќе средства за театарската дејност и оти буџетот за наредната година е зголемен. Според неа, директните контакти и средбите со директорите на театрите и со вработените се од големо значење за нив и, пред сѐ, за изготвување на Програмата и за прифаќањето на проектите за следната година.
- Задоволна сум од досегашното функционирање на Македонскиот народен театар и на Драмскиот театар. Во МНТ и во Драмскиот театар и оваа година посетеноста на сите претстави е зголемена за над 30 отсто од претходните години - рече Канческа-Милевска.
При крајот на овој месец, посочи таа, со еден тим ќе го посети и Стариот театар во изградба, бидејќи во него ќе се вградува сценската технологија, а интензивно се работи и на фасадата, ентериерот. Според неа, се очекува Стариот театар да биде готов во втората половина на 2012 година. Најави дека ќе се формира тим кој ќе оди на обука во странските фирми што ја работеа сценската технологија.

- За новата институција Театар-комедија се одобрени шест нови вработувања покрај преземените четири од другите институции, со цел да може да функционира од следната година. Нѐ очекуваат три премиери во Театарот-комедија - додаде Канческа-Милевска.
Според министерката Канческа-Милевска, изградбата на концертната сала на Македонската филхармонија се очекува да заврши во 2013 година, а прв проект кој ќе се отвори идната година е „Портата Македонија“, која ќе има мултидимензионална функција и во неа ќе се одржуваат промоции и други настани од областа на културата.
