Издавачите од Македонија треба електронски да аплицираат најдоцна до 3 февруари 2012 за поддршкана литературни преводи од Програмата на ЕУ закултура 2007-2013, за чие спроведување е надлежна Културно-контактната точка (ККТ), одделение приМинистерството за култура.
ККТ денеска организираше инфо-ден за македонските издавачи за начинот, роковите и критериумите за аплицирање.
Билјана Прентовска од ККТ Македонија пред присутните подвлече дека во изминатите години има одличен интерес од македонските издавачи за финансиска поддршка од европските фондови за книжевни преводи. Од 2007 досега се поддржани 17 проекти на издавачите Три, Темплум, Профундум... а Или-или е рекордно поддржана со четири гранта.
- Грантовите од Европската унија за овие проекти ги покриваат само трошоците за превод, додека трошоците за печатење ги покриваат самите издавачи или бараат поддршка од Министерството за култура кое покрива дел од нив, изјави Прентовска.

Минималните грантови од ЕУ се 2.000 евра, а максималниот износ е 60.000 евра. Прентовска посочи дека домашните издавачи се охрабруваат и аплицираат за сериозни суми (и до 50.000 евра), но има и такви кои се заинтересирани за мали грантови.
Проектите ги разгледува и одобрува Европската извршна агенција за култура, образование и аудиовизуелна дејност (ЕАСЕА), на чија веб-страница се презема и електронската апликација што треба да се испрати до 3 февруари напладне.
Поддршката на книжевни преводи има цел да го зачува литературното наследство и да овозможи размена и распространетост на дела од Европа до сите нејзини жители со премостување на јазичните бариери. Учествуваат 36 европски земји.
Инфоденот беше организиран во соработка со ККТ на Хрватска, чија претставничка Ања Јелавиќ рече дека конкурсот е многу ригорозен и сите правила за аплицирање мора да се почитувааат. Таа советуваше издавачите да ги искористат последните две години од Програмата (2012 и 2013) зашто следната програма на ЕУ - за 2014-2020 - ќе биде поинаква и во неа ќе се спојат фондовите за поддршка на културата и за поттикнување мали и средни претприемачи за аудиовизуелна продукција и копродукција.
