Соопштение на Министерството за култура по денешниот протестен собир на филмските работници

Министерството за култура на Република Македонија ја известува јавноста дека има целосно разбирање за барањата за достоинствен третман на филмската дејност изразени на денешниот протест на филмските работници, кој доаѓа по години, во кои отсуствуваше слух за нивните барања, а за ваквите протести имаше стигматизирање и реперкусии по учесниците. Нашите цели се заеднички. Цел и заложба на Министерството за култура и на Владата на Република Македонија е Агенцијата за филм да има добар буџет, кој ќе успее да реализира квалитетни филмски проекти што се од интерес на граѓаните и Република Македонија.


Средствата одвоени за Агенцијата и за филмската дејност се проектирани за да ги задоволат потребите на филмските работници во земјата. Вистина е дека годинава Агенцијата доби помалку средства од претходната, но исто така треба да имаме предвид дека токму преку буџетот на Агенцијата во минатото се реализираа проекти и дела кои спроведуваа партиска и политичка пропаганда а не уметнички дела, како и дека преку нив се прекршуваа законите и се правеа злоупотреби.

Како најеклатантен пример за тоа е снимањето на серијата „Македонија“ со буџет од 4 милиони евра, во која бројот на епизоди незаконски бил намален од 130 на 80, а всушност и покрај исплатените средства таа серија всушност не ни почна со вистинска реализација и во неа имаме индиции за сериозни злоупотреби кои се истражуваат. Имавме и случаи кога за некои проекти средства им биле исплатени на продуцентите, а никогаш не дојдоа до филмските работници ангажирани во тие проекти. Затоа, ревизиите се веќе почнати во Агенцијата и во Министерството, ние сакаме да направиме целосна ревизија на работата на Агенцијата за филм и на средствата потрошени во филмската дејност, секако дека доколку се утврдат злоупотреби за тоа ќе следува одговорност и законски постапки.

Би сакале да нагласиме дека заложба на Владата и на Министерството за култура е да ги помагаме и поддржиме сите квалитетни проекти. Подготвени сме, доколку добиеме такви проекти, да најдеме средства и преку пренамена, како и преку ребаланс на буџетот. Наша намера не е да се одделат средства и тие да лежат непродуктивно на сметки на институциите, туку да се трошат според бараната динамика на проекти кои се во интерес на граѓаните. Доколку филмските работници предложат и донесат такви проекти, ние со задоволство ќе ги поддржиме и подготвени сме во таа смисла и да го зголемиме буџетот. 

Секако, во интерес на граѓаните е, бидејќи се работи за значајни средства и буџети, да ги поставиме повисоко критериумите за избор на проектите, да ги подобриме методологиите за нивна евалуација и да поставиме механизми за одговорно трошење на парите на граѓаните.

Свесни сме за големите долгови со кои се соочува Агенцијата поради злоупотребите и недомаќинското работење во минатото и наоѓаме начини тие обврски да ги сервисираме, а тоа да не биде на штета на реализацијата на проектите во филмската дејност.

Во таа смисла, очекуваме од филмските работници да предлагаат реални буџети и рамки во кои ќе се движат продукциските и други трошоци во согласност со актуелниот стандард на граѓаните во земјата. Ние сме подготвени таквите квалитетни и реални проекти да ги финансираме во име на граѓаните и јавниот интерес.