Мартинки и Х’дрлез впишани во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство

Министерството за култура ја информира јавноста дека културните обичаи поврзани со 1 март (Мартинки) и Пролетните веселби - Х’дрлез се прифатени од страна на Евалуациониот одбор и Секретаријатот за нематеријално културно наследство на УНЕСКО, што воедно значи и нивно впишување во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото...

Оваа одлука беше донесена на 12-тиот меѓувладин комитет на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, што се одржа од 4 – 9 декември во Џе Џу, Република Кореја, на која од страна на Евалуациониот одбор и Секретаријатот за нематеријално културно наследство на УНЕСКО, беа прифатени  дополнителните објаснувања за соодветните критериуми потребни за впишување на елементите: „Културни обичаи поврзани со 1 март (Мартинки)“ и „ Пролетни веселби - Х’дрлез“. Со тоа, овие културни обичаи нивно впишување во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.

„Културни обичаи поврзани со 1 март (Мартинки)“ е мултинационална номинација, која се реализираше во соработка со Република Романија, Република Бугарија и Република Молдавија, додека пак „Пролетните веселби - Х’дрлез“ е заедничка номинација на Република Македонија и Република Турција.

Во рамки на програмата, делегацијата на Република Македонија, м-р Билјана Прентоска, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО и д-р Шенол Тахир, претседател на Здружението на граѓани „Х’дрлезни веселби“ од Чалакли, Валандово и претставник на локалната заедница, го презентираа и Периодичниот извештај на Република Македонија за имплементацијата на Конвенцијата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство.

За време на настанот, делегацијата оствари средби со претставниците на останатите земји и разговараше за понатамошна соработка во рамки на програмите на УНЕСКО, како и на билатерално и европско ниво.