Во Прилеп денес јавна расправа по нацрт-стратегијата за култура

Денеска во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп со почеток  во 13 часот ќе се одржи јавна расправа по нацрт-стратегијата за култура 2018-2022 што ја организира Министерството за култура, во партнерство со граѓанската организација Култ-Транзен...

Јавната расправа е една од низата што се одржуваат низ повеќе градови во земјава, а се организирани со граѓанските здруженија  Култ-Транзен, поддржани од УСАИД - Проект за граѓанско учество и со Јадро, за овој процес помогната од Фондацијата Отворено општество Македонија.

На дебатите учествуваат претставници Министерството, на Работната група за стратегијата, членови на Советот за култура, претставници на партнерските граѓански здруженија и сите институционални и вонинституционални субјекти што делуваат во културата на Република Македонија.

Јавните расправи низ градовите, Министерството за култура ги организира во партнерство со граѓанските здруженија со цел што повеќе чинители во културата, институционални и вонинституционални,  да се вклучат во јавната дебата пред конечното донесување на стратегијата за културен развој на земјава за следните пет години.

До крајот на месецов, по нацрт-стратегијата во културата ќе се одржат јавни расправи уште и во Охрид (23 ноември), Струга (24 ноември) и во Кавадарци (29 ноември).