Во репертоарот на НУ Драмски театар - Скопје за 2017 година e запазена интенцијата на Театарот секоја година да поставува драмски текстови од домашни автори, како и да даде шанса и да промовира млади и талентирани режисери ...
На конкурсот за Годишна програма на националните установи, која на веб-страницата деновиве ја објави Министерството за култура, Драмски театар - Скопје за годинава конкурираше со шест претстави, од кои сe одобрени пет.
Тоа се: „Смртта на Дантон“ од Георг Бихнер, во режија на Иван Манасковски; „Вера, љубов, надеж“ од Еден фон Хорват, во режија на Лука Кортина; „Атена со пенис“ од Александар Русјаков, во режија на Синиша Евтимов; „Љубовта на Федра“ од Сара Кејн, во режија на Оливер Фрљиќ и „Неподносливо долги прегратки“ од Иван Александрович Вирипаев, во режија на Галин Стоев.
- Во репертоарот на НУ Драмски театар - Скопје за 2017 година е запазена интенцијата на Театарот секоја година да поставува драмски текстови од домашни автори, како и да даде шанса и да промовира млади и талентирани режисери.
Проверените и докажани режисерски имиња од странство кои треба да режираат на сцената на Драмски театар - Скопје е само потврда на заложбите на Театарот за отворен проток на идеи и за промоција на современите европски трендови на сцената на Театарот, се вели во соопштението од Драмски театар - Скопје.
Оттаму потсетуваат дека на конкурсот за Годишна програма на националните установи Драмски театар - Скопје во 2016 година конкурирале со девет претстави, а биле одобрени шест. Последната претстава е во фаза на реализација и се очекува да биде готова кон средината на февруари.
Одобрени биле и списанието „Театарски гласник“, кое во моментов е во печат, и монографијата „70 години НУ Драмски театар -Скопје, која е во завршна фаза на изработка. Одобрена е и реализирана мини балканска турнеја во Сараево, Загреб и во Белград со претставата „Генетика на кучињата“ од Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски.
Во 2016 година Драмски театар - Скопје одиграл 203 претстави, кои ги проследиле 36 272 гледачи.