Културни активности по повод две децении дипломатски односи со Чешката Република

На изложбата „Трансфигурирање“, чиј куратор е Ана Франговска, се презентирани дела од реномирани македонски уметници, припадници на различни генерации

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и министерот за култура на Чешката Република, Даниел Херман, вечер во престижната галерија на Чешкиот центар во Прага свечено ќе ја отворат изложбата „Трансфигурирање“ на Националната галерија на Македонија. Изложбата, на која се поканети голем број гости и претставници на дипломатскиот кор, претставува централна активност во одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Чешката Република во чии рамки, во текот на целата година, беа презентирани повеќе културни содржини. Канческа-Милевска денеска ќе оствари и билатерална средба со својот чешки колега, на која ќе разговараат за интензивирање на соработката во областа на културата меѓу Република Македонија и Чешката Република.

На изложбата „Трансфигурирање“, чиј куратор е Ана Франговска, се презентирани дела од реномирани македонски уметници, припадници на различни генерации, меѓу кои се: Јован Шумковски, Ѓорѓе Јовановиќ, Ирена Паскали, Велимир Жерновски, Мирна Арсовска, Марија Сотировска, Игор Тошевски, Нада Прља, Игор Сековски, Антони Мазневски, Борис Шемов, ОПА, Искра Димитрова, Александар Спасоски, Атанас Ботев, Жанета Вангели, Вана Урошевиќ, Александар Станковски, Дијана Богдановска, Благоја Маневски и Славица Јанешлиева.

Претставувањето на македонската современа визуелна сцена во чешката престолнина следува по реализацијата на изложбата на реномираните чешки уметници Петра Јовановска и Јиржи Кованда во Националната галерија на Македонија.

Годинашното јубилејно одбележување на двете децении дипломатски врски со Чешката Република беше проследено со повеќе културни активности кои се реализираа со поддршка и во соработка помеѓу Министерството за култура и Амбасадата на Република Македонија во Чешката Република и амбасадорот Паскал Стојчески. На особен прием кај чешката публика наидоа настапот на македонскиот реномиран музичар Сашо Гигов-Гиш и неговиот состав „Ла колони волвокс“, концертот на македонската етногрупа „Баклава“, изложбата „Експериментален цртеж“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и настапот на културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“. Беше одржана и македонска литературна вечер која беше посветена на добитниците на наградата за литература на ЕУ, како и на преводите од македонската и од чешката литература, како и изложба на карикатури на Галеријата „Остен“. Само пред неколку денови, во театарот „Редута“, претставата „Македонска приказна“ на Театарот за деца и младинци собра бурни аплаузи, а во историската сала на Јан Дејл конзерваториум во центарот на Прага, концерт одржа дуото „Скупи“.

Република Македонија и Република Чешка имаат традиционално добра соработка во сите дејности на културата, а во 2009 година прв пат беше потпишана Спогодба за културна соработка со што се отвори можност за подинамична размена на културни содржини меѓу двете земји. Во 2009 година во Прага беа одржани и „Денови на македонската култура“ кога под насловот „Под македонско сонце“, преку комплексна програма, беше претставена македонската култура.

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanecarheoloski-vesnik

exploring-macedonia

macefdrr     

 cultema_logo    msu_logo_mk