Обраќање на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски на Конференцијата: „Креативна Европа на ЕУ – поттик за културна соработка“

Обраќање на министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски на Конференцијата: „Креативна Европа на ЕУ – поттик за културна соработка“, 13 ноември 2017 година, ЕУ - Инфоцентар во Скопје...

alagjozovski_kreativna_evropa_konferencija_13_noemvri_2017

Почитуван директор на Извршната агенција за образование аудиовизуелна дејност и култура при Европската Комисија, г-дин Карел Бартак; Почитуван Амбасадор на Делегацијата на ЕУ во Скопје, г-дин Самуел Жбогар; Почитувана директорке на Дипломатската академија при Министерството за надворешни работи на Република Македонија, г-а Аделина Марку; Почитувани гости на Канцелариите на Креативна Европа од регионот; Почитувани колеги и соработници;

Во име на Министерството за култура на Република Македонија ви посакувам добредојде на денешната конференција. Почестени сме што ќе имаме можност заеднички да ги споделиме нашите искуства во рамки на актуелните политики на ЕУ и евроинтеграциските процеси.

Веднаш би сакал да истакнам дека културната соработка сè повеќе ја препознаваме како суштински механизам за европски и меѓународен дијалог. Оттука, на денешниот настан ќе се обидеме да го претставиме комплексниот контекст од кој произлегува и во кој се спроведува програмата Креативна Европа и нејзината рефлексија, не само во реформските и евроинтеграциските процеси на Република Македонија, туку и во градењето на мостови за заеднички културен простор.

Поддршката на културната соработка, овој единствен финансиски инструмент на ЕУ наменет за културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор, претставува патоказ за синхронизирање на националните културни политики. Таа соработка отвора простор за акумулирање на останатите актуелни политики на Европската Унија, пред сè, надворешната политика и политиката на проширување.

Креативна Европа успева на креативен начин да ги систематизира глобалните предизвици, како: транснационалната соработка, мобилноста на уметничките дела и производи, професионалната и институционалната надградба, развојот на нови бизнис модели, дигитализацијата, развојот на публиката, активното граѓанство, мултидисциплинарноста, интерсекторската соработка, формалното и неформалното образование, културната разноликост и интеркултурниот дијалог и успева да влијае врз приоритетите на националните културни политики.

Препознаваме дека синхронизацијата на политиките на ЕУ и националните политики овозможува креирање на здрава клима и подобри услови за спроведување и одржливост на проекти со европска додадена вредност. Веруваме дека со поголема посветеност кон евроинтерациите, кои се на највисоко ниво во агендата на Владата на РМ и на Министерството за култура, најнапред, системски ќе ја зголемиме мотивацијата кај културните оператори за учество во европски проекти и ќе го олесниме пристапот и кон оваа програма.

Во оваа насока, би сакал да истакнам дека веднаш пристапивме кон надминување на една од сериозните пречки за културните оператори во РМ при учество во проекти од Креативна Европа, кофинансирањето. Министерството, во рамки на годишниот конкурс за 2018 година, го подобри ко-финанисрањето на поддржаните проекти од Креативна Европа.

И покрај предизвиците, со кои се соочуваше културниот сектор во земјава изминатите десет години, вредни за истакнување се досегашните резултати на македонските оператори од културниот и аудиовизуелниот сектор, особено на издавачкиот сектор кој покажа исклучителна посветеност што резултираше Македонија да биде во првите шест земји корисници, заедно со Бугарија, Србија, Хрватска, Унгарија и Словенија.

Дополнително, за видливост и влијание на европските приоритети и стандарди во целокупниот општествен контекст, во создавањето на новата стратегија за културен развој, која ја градиме заеднички во овие месеци во еден отворен и партиципативен процес и во духот на европските вредности на демократизацијата и интер-секторската соработка, едно од битните начела извлечено во посебно поглавје е европеизацијата на македонскиот културен контекст.

Во таа смисла, ние јасно истакнуваме дека на Македонија стратешки и на долг рок ѝ се потребни европските културни вредности од Бледската декларација, култура која ги брани човековите права и демократијата и овозможува пристап на сите и на секој кон културата; култура на креативната работа; слобода на културното истражување, изразување и движење; вложување во истражувања и во развој; афирмација на европскиот идентитет во неговата разноликост; борба против пиратството во сферата на авторските права, јакнење на уметничкото образование, заштита од монополите, поддршка за дигитализацијата како нова можност за дифузија и создавање нови форми на уметничко изразување. Во таков концепт културата нема да се базира на претпоставени затворени национални или други идентитети, туку ќе претставува динамизам на разлики, кој е секогаш отворен за вреднување.

За интегрирање на овие вредности, досегашното искуство покажува дека ни треба забрзано интензивирање на регионалната соработка, особено на земјите кои се во процесот на проширување (Западен Балкан), со цел да ги зајакнеме нашите организации за порамноправно учество и компетиција на европско ниво. Таа соработка е од уште поголемо значење за малите земји, кои не успеваат доволно да ги артикулираат вредностите на културното наследство, јазичната разноликост и другите форми на културно изразување. Во оваа смисла, би ги споменал искуствата на земјите од Југоисточна Европа преку Вишеград фондот и нордиските земји со нивните совети за култура, кои се одличен пример за регионална соработка и  видливи успешни пракси.

Земајќи предвид дека земјите од Западен Балкан сè уште не можат целосно да ги користат сите механизми на ЕУ во областа на културата, културната дипломатија ја препознаваме како ефикасен механизам за поддршка на кулурната соработка и промоција на културните и уметничките дела и производи. Во оваа насока, овој настан го гледам како почеток на конструктивна соработка со МНР во рамки на развојот на културната дипломатија со колегите од регионот и Европската Унија.

Искрено се надевам дека следната година сите заеднички ќе придонесеме кон подобрување на домашните и регионалните пракси во европски контекст. Тоа го заслужуваат нашите култури и уметници, тоа го заслужува и Европа.

Ви благодарам на вниманието. 

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia