Обраќање на министерот Алаѓозовски на Форумот за нацрт – стратегијата за културен развој на Република Македонија (14 септември 2017)

Би сакал, на самиот почеток, да изразам искрена, а не само куртоазна благодарност до сите, кои се внесоа во овој значаен процес што треба да создаде инклузивни и современи  политики, пристапи, капацитети и можности за развој на културата и уметноста во нашата земја, како и до сите вас, коишто со своето присуство и активност, уште на самите почетоци на нашето заедничко патување, демонстрирате дека желбата да се достигнат овие цели е заедничка.

foto_forum_alagjozovski_2

Секако, благодарност и до нашиот стар пријател Теодор Целакоски што одвои време да ги сподели неговите искуства и познавања на сложените процеси во културата со нас. Неговото мислење го ценам особено и верувам дека неговиот увид во начините како да стигнеме до целта а да не застраниме попатно ќе бидат особено драгоцени.

Нашата заложба е јасна - Културата до сите, култура за сите! Граѓаните што поблиску до и во културата, култура во секој дел на Македонија, за сите граѓани подеднакво. Но, имајќи ги предвид околностите кои не се ни малку оптимистички - со уништени општествени вредности, институции, образование, поделби по многу основи, скромни економски можности и долгови наспроти долгогодишно мегаломанско, коруптивно и непродуктивно трошење, треба да бидеме свесни дека ни претстои тежок пат.  

Јавните расправи од овој тип, каде што ќе слушнеме различни мислења и аргументи, каде ќе ги соочиме нашите ставови и ќе спориме, се најдобриот, а можеби и единствениот начин да се дојде до добри резултати. Затоа, од почетокот на мандатот, и самите организиравме неколку јавни дискусии, а интензивно учествуваме на дискусии организирани од институциите на културата, независната сцена и граѓанските организации. Ние не бегаме, напротив, сакаме и охрабруваме дебата со граѓаните и сите засегнати страни - за нивните вистински културни потреби и приоритети. Тоа што и треба на културата во Македонија, најдобро го знаете вие, затоа сме тука да ги слушнеме предлозите и да учествуваме во оваа расправа;

Во оваа јавна расправа (како што можете да забележите и на овој Форум) Министерството за култура не влегува само формално, туку со сите свои капацитети, суштински. Така ќе биде и со овој, како и со сите стратешки процеси или системски решенија, кои ќе треба да го дефинираат понатамошниот развој на културата и уметноста кај нас на среден и подолг рок. Таа визија не смее да биде наметната и да доаѓа одозгора, туку да ги вклучува сите во нејзиното обликување.

FOTO_FORUM_14_09_2017

Затоа, формиравме работни групи и комисии кои се хетерогени во повеќе аспекти и ги застапуваат тие различни групи и интереси, но со луѓе кои имаат професионални капацитети да се носат со обврските кои не се ни малку мали ниту пак наивни.  Затоа, дизајниравме процес на јавна расправа од повеќе од два месеци, која цели да ги вклучи сите засегнати. Стручњаците ќе ви речат дека во нормални услови за да изградите една ваква стратегија би ви требале најмалку една година а можеби и повеќе време, но, Македонија, просто, тоа време го нема.

За да имаме можности да го изведеме овој процес на начин којшто нема да наштети на неговиот квалитет и ќе донесе повеќе мислења и предлози во неговото обликување, влеговме во процес на соработка со меѓународни организации; имено, од УСАИД – Проектот за граѓанско учество, од кои добивме поддршка за овој Форум и други меѓународни партнери,  ќе добиеме стратешка поддршка за реализирање на инклузивноста и отвореноста кон граѓаните и нивните потреби и понатаму, преку јавни дискусии во наредниот период насекаде низ земјава, настани за кои верувам дека ќе бидат можност не само да се зборува за - туку и да се ужива во културата и уметноста, за што им благодарам, во име на сите нас.

Во таа смисла, би сакал да ви најавам дека во наредните месеци, до крајот на годината ни претстои интензивна и напорна заедничка работа, не само за осмислување на  Стратегијата за развој на културата за 2018-2022, туку и за нејзино поконкретно операционализирање, што го вклучува дизајнот на новата Годишна програма за 2018та, на новите конкурси и критериуми кои треба да обезбедат далеку поголема вклученост и пристап за сите оние кои што сакаат да создаваат и да вкусат култура и уметност. Ве повикувам да учествувате во овој процес и сите заедно да придонесеме за подобра иднина на нашата култура! 

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanecarheoloski-vesnik

exploring-macedonia

macefdrr     

 cultema_logo    msu_logo_mk