Обраќање на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски на отворањето на 56-тото издание на Струшките вечери на поезијата

Почитувани,

На овој празник на поезијата и поетите, кои ни доаѓаат од целиот свет, веројатно најздодевниот дел се овие церемонијални говори. Затоа ќе се потрудам да одземам што помалку од скапоценото време што го одвоивме сите ние за да уживаме во магијата на 56тото издание на Струшките вечери на поезијата.

SVP_otvoranje_23_08_2017

Децении наназад, овој Фестивал, кој не случајно се одржува во Струга, градот на браќата Миладиновци, од кои помладиот, Константин Миладинов ги постави темелите во создавањето на нашиот автентичен поетски израз, претставува собир на најдоброто од светската поезија, место за размена на искуства, идеи и визии кои ја движат уметноста напред и ги шират не само нејзините хоризонти, туку и видиците на нашите општества и нашата цивилизација воопшто. Неруда, Гинзберг, Монтале, Конески, Бродски, Максимовиќ, Ружевич, Пачеко, Сангвинети, Бонфоа, Мервин, Дарвиш, Арапи, Маргарет Атвуд, годинешниот лауреат Чарлс Симиќ...се само дел од великаните на поезијата, кои оставија печат на оваа манифестација и на светската книжевност воопшто, печат кој претставува голема чест, но и обврска за сите нас, да продолжиме да ги шириме тие хоризонти.

Ако кажам дека Министерството за култура ќе продолжи да ја поддржува оваа манифестација, ќе кажам нешто премногу очекувано, нешто што е веќе обврска, речиси на ниво на една аксиома. Од овој Фестивал, секако, сите ние очекуваме да биде предводник на квалитетот, фестивал кој го прикажува најдоброто и најактуелното од домашното и меѓународното поетско творештво. Но, би сакал да истакнам дека таа поддршка нема да биде само во функција на рутинско одржување на една голема и традиционална културна манифестација, ниту пак на естрадизација на истата. 

Во оваа дигитална ера, времиња на нови уметнички изрази и нови начини на комуницирање со публиката, и од Струшките вечери на поезијата се очекува да понудат нов пристап, надвор од очекуваните фестивалски димензии, кој ќе ја доближи поезијата до посетителите но и до сите граѓани, со високи естетски критериуми и критичен осврт кон состојбите во општество и уметноста, пристап кој ќе има силна едукативна димензија, ќе ги промовира културните богатства, различностите и мултикултурализмот, и ќе создава простори за партиципативност и интеракција меѓу уметниците и публиката.

Големиот англиски поет Стивен Спендер рекол дека најдобрата поезија е секогаш напишана од некој што се напрега да го надмине она што може да го направи. Струшките вечери на поезијата ќе ја имаат нашата целосна и безрезервна поддршка во оваа насока, да чекорат цврсто и храбро и преку моќта на зборот постојано да ги предизвикуваат, отвораат и изоструваат нашите можности, перцепции и хоризонти. Затоа што овој фестивал, со сета своја историска тежина и традиција, заслужува биде носител на визиите и погледите на уметноста кон нашата подобра, заедничка иднина.