Говор на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски на oдбележувањето на Денот на холокаустот врз Ромите

Денес, кога одбележуваме еден тажен историски настан и тежок период за многу светски народи, не можам а да не ја воочам, но и себеси и вас да ве соочам уште еднаш со дискриминацијата и игнорирањето, со кои се соочуваат Ромите не само кај нас, туку секаде во светот. На пример, за Холокаустот кај Евреите знаеме сите, но за холокаустот кај Ромите знаеме, слушаме и читаме многу малку, иако некаква разлика помеѓу злото кое ги снајде двата народи навистина нема. Како да сме навикнати, оваа заедница да ја гледаме низ наметнатите и вкаменети стереотипи, предрасуди и омраза, кои се вкоренети не само помеѓу луѓето и во јавноста, туку, за жал, вирееја и извираа и од самите институции на нашата земја.  

Страдањето на овој народ не е новост, ниту пак трае неколку години или децении. Помалите заедници во Македонија, особено Ромите, се секогаш на маргините на нашиот општествен, економски, па и културен живот, соочени со општествена исклученост, што го отежнува нивниот напредок и еднаквост со останатите граѓани. Од друга страна, пак, предизвиците со кои се соочуваме во речиси секое општествено поле повеќе години, оставаат малку простор за темелна работа на проблемите и потребите, од социјалната положба па сè до негување на традицијата и културата на оваа заедница.

Сепак, дури и да се условите невозможни, ние не смееме да се откажеме. Затоа сме тука, не само да го одбележиме овој тажен ден, туку за да ја истакнеме недвосмислената определба на Владата на Република Македонија - да градиме едно општество за сите, со еднакви права и можности за сите заедници.  Новите културни политики ќе развиваат можности културата да допре до секој граѓанин, без оглед на припадноста и местото на живеење, можности за вистинско и суштинско унапредување на културата, но и особена грижа кон оние заедници, кои подолго време беа запоставени, игнорирани и речиси заборавени.

Ве повикувам да работиме заедно за унапредување и искористување на сите можности кои ќе ги отвориме во наредниот период. Културата,историјата,  традицијата, музиката, уметноста на Ромите во Македонија се огромно богатство, огромен потенцијал, кој не смее да биде заборавен. Тоа големо богатство, препознатливо во цел свет, треба да биде негувано и искористено, не само за унапредување на културните права на самата заедница, туку и за промоција на богатството на културата во Македонија воопшто.

Жртвите на Холокаустот нека бидат потсетник за сите нас, дека не смееме да престанеме со нашата заедничка борба, за подобар живот и напредок за сите граѓани подеднакво, во секоја смисла. Слава им!