Обраќање на министерот за култура на јавната расправа за состојбата во авторското право и сродните права со посебен осврт на колективното управување

Во секој сегмент од нашата и општоцивилизациската култура, се присутни придобивките од творештвото и придонесот како на авторите, така и на носителите на сродните права. Остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права, треба да бидат третирани како што им прилега, односно да се почитуваат како составен дел од целокупното наше живеење.

javna_rasprava1

Министерството за култура, како законски воспоставен активен чинител во нивната заштита и поттикнување на творештвото, како дел од својата мисија, за следниов период, си постави задача да вложи целосни напори во создавањето услови за подобрување на состојбата на авторите и носителите на правата, која во изминатите години беше ставена на маргините на македонското општество, со посебен акцент на колективното управување на правата.

Затекнатата состојба во областа на колективното управување со авторското право и сродните права не е ни малку розова. Имено, иако Законот за авторското право и сродните права од 2010 година беше целосно усогласен со постојното европско законодавство кое ги регулира авторското право и сродните права, сепак поранешното раководство на Министерството за култура пристапи кон паушално и неиздржано изменување на Законот за авторското право и сродните права во 2013, 2015 и 2016 година.

За жал, измените и дополнувањата на Законот за авторското право и сродните права, воопшто не кореспондираа со европската регулатива и праксата на земјите членки.  Напротив, спротивно на современите светски текови и европски практики, се воведоа одредби кои, по својата природа се неприменливи, па наместо напредок, предизвикаа хаос и неможност за воспоставување на функционален и ефикасен систем на колективното остварување на авторското право и сродните права, и недозволиво мешање на државата во оваа област. За тоа сведочи и Извештајот на ЕК за 2016 година, во кој, меѓу другото, се вели дека, „постои недоволен/ограничен напредок, Република Македонија мора да ги подобри консултациите со засегнатите страни при изготвување на законодавството во областа на интелектуалната сопственост, да го зајакне капацитетот и координацијата помеѓу органите надлежни за спроведување на законите за интелектуална сопственост и да ја подигне јавната свест за важноста на заштитата на правата на интелектуална сопственост.  Системот за колективно управување сè уште е недоволно развиен “.

Воведувањето на задолжителен систем за електронска евиденција во 2013 година, каков што другите европски системи не познаваат, претставува непотребна дополнителна обврска и финансиско оптоварување на организациите за колективно управување. Основот за пресметка на висината на надоместоците по „принципот цена по минута“,  исто така е непознат во ниту еден цивилизиран правен систем.

Дел од одредбите на сегашниот Закон за авторското право и сродните права, отстапуваат од современите рамки на заштитата на АПСП, создаваат несигурен правен систем, особено при спроведување на постапката за донесување на тарифите на организациите за колективно управување и определување на висината на надоместоците за користење на правата.

Уште една правна и општа небулоза во Законот за авторското право и сродните права за сите чинители е постојната одредба од Законот за авторското право и сродните права, согласно која, согласност на тарифата на организација за колективно управување дава Владата на РМ, по претходно мислење од Комисијата за посредување. Оваа одредба, како неприменлива, овозможи поранешната Влада со години да не знае да се произнесе со одлука за давање или недавање согласност на тарифите на организациите за колективно управување.

Поранешното раководство, не се потрудило ниту да донесе решение за определување на организација која ќе биде овластена за колективно управување во случај кога е издадена дозвола на две организации за ист вид на права, иако добило мислење од Комисијата за посредување. Во моментов во Република Македонија постојат две организации со дозвола за КУ, за заштита на авторски музички права, ЗАМП и СОКОМ МАП.

javna_rasprava2

Роковите во кои требало да постапи поранешното раководство на  Министерството за култура се истечени и во однос на барањата за добивање дозвола за КУ од организации за колективно управување.

Уште во септември 2016 од Организацијата за колективно управување со правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи “ММИ”- Скопје било поднесено барање за давање дозвола за КУ. За жал, и покрај законскиот рок од 60 дена, односно продолжениот рок од 90 дена, согласно Законот за авторското право и сродните права,  по барањето не било одлучено. Државниот управен инспектор го задолжил поранешното раководство на Министерството за култура да донесе решение по барањето, но истото не постапило ниту по задолжувањето на инспекторот!

Затекнавме и две други неодговорени барања од уште две организации за колективно управување за добивање на дозвола за колективно остварување на авторското односно сродните права и тоа:

-           Барањето од Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права „АЗАПС“, Скопје, за право на кабелско реемитување на аудиовизуелни дела, за филмските автори, за филмските продуценти и за изведувачите на аудиовизуелни дела поднесено во декември 2016 година и

-           Барањето од Здружението за заштита на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи МИП – Скопје, поднесено во  април 2017 година. И во однос на овие барања не било одговорено во законските рокови.

               Во врска со Тарифите, Дозволите и други акти во судска постапка се уште 8 предмети и неколку решенија од Управниот инспекторат за постапување по добиени Барања  од  колективните организации.

***

Поради целокупната затечена незавидна состојба во областа на авторското право и сродните права,  во Министерството за култура во тек е изработка на текстот на Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, во насока на усогласување со новата Директива 2014/26/EC за колективно управување со авторското право и сродните права и мулти-територијално лиценцирање на музички дела за користење преку интернет. 

Поддршка за измена на Законот за авторското право и сродните права како и детални насоки на текстот на Законот, дадоа и неколкумина еминентни европски експерти во нивниот извештај во рамките на Твининг проектот на ЕУ „Зајакнување на спроведувањето на правата од интелектуална сопственост“, кои  се појдовна основа за подготовка на усогласувањето на законот со ЕУ Директивата за колективно управување со авторското право и сродните права,  што е предвидено и во Програмата на Владата на РМ за донесување во декември оваа година.  Многу е важно почитувањето на овој рок, а кој е прикажан и во НППА, заради усогласување со ЕУ легислативата и праксата во областа на колективното остварување на авторското право и сродните права.

Министерството за култура, во септември ќе го даде текстот на Предлог-Законот за измена на Законот за авторското право и сродните права на јавна расправа, воедно ќе се ангажира и стручна комисија од експерти од оваа област, да дадат мислење по текстот на измените. Истиот, во септември ќе биде испратен и на мислење/експертиза  до експерти од  ЕУ, надлежни за оваа област.

Во оваа насока, сакаме да ја известиме јавноста дека веднаш по донесувањето на измените на Законот за авторското право и сродните права, по вградување на новата Директива за колективно управување, Министерството за култура согласно ЕУ директивите и меѓународната пракса за оваа област, ќе пристапи кон итно разгледување и решавање на барањата од организациите за колективно управување и другите субјекти, на кои поранешното раководство на Министерството за култура и покрај својата законска обврска, не одговорило и тоа подолг период, бидејќи има барања и постапки незавршени уште од минатата година.

Ја известуваме јавноста и сите засегнати страни во процесот на колективното остварување на авторското право и сродните права,  да дадат поддршка на овој процес за надминување на затечените нерешени и негативни состојби во оваа област. Веруваме, дека со заедничко ангажирање на сите и на овој начин, ќе се создадат услови за одврзување на Гордиевиот јазол во остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права, особено унапредување на работата на организациите за колективно управување со авторските и сродните права и отворање на патот кон евроинтеграциските процеси во оваа област.

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia