Се наоѓаме пред уште едно поглавје на фестивалот „Мајски оперски вечери” кој со години е, без сомнение, културен настан од највисок ранг - своевиден форум и отворена сцена за светската културна и уметничка елита.
Почитуван Дејан Прошев, директор на Македонската опера и балет,
Почитувани вљубеници во оперската уметност,
Ваши екселенции,
Дами и господа,
Дозволете ми да го изразам моето големо задоволство што вечерва, на ова место каде што Македонската опера и балет, Факултетот за музичка уметност и идниот концертен дом на Македонската филхармонија образуваат едно хармонично единство, градирајќи го до степен на заштитен знак на музичкиот идентитет на нацијата и на државата, повторно, по 39-ти пат, имаме можност да ја уживаме синтезата на уметничките форми, вокалот и инструменталната музика, театарот, драмата, визуелната уметност - имаме можност да ја уживаме операта.
Се наоѓаме пред уште едно поглавје на фестивалот „Мајски оперски вечери” кој со години е, без сомнение, културен настан од највисок ранг - своевиден форум и отворена сцена за светската културна и уметничка елита. Голем е бројот на оперските уметници кои низ годините останаа запаметени на оваа сцена не само по маестралното артикулирање со најсовршениот звучен инструмент во светот... со своите гласови, туку и по актерски виртуозното пренесување на пораките на авторите на делата.
Во текот на сите овие 39 години, македонската публика низ овој фестивал беше сведок на моќта на културите и уметничкото изразување. Одекот на уметничките креации се преточуваше во импресиите на оваа публика и сите ние се соочувавме со предизвикот - виртуозниот уметнички израз на делата од челичниот репертоар на оперските куќи во светот.
Почитувани присутни,
Дозволете ми да го изразам моето задоволство што и вечерва, во духот на традицијата, ќе имаме извонредна можност да уживаме во уште познат наслов, премиерата на Моцартовото комплексно, психолошко и морално амбициозно ремек-дело – „Дон Џовани“. Сигурна сум дека вечерашната изведба, која е заеднички авторски труд на македонските уметници и на уметниците од светот, ќе биде вистинска антиципација на останатите претстави од годинешната програма на Мајските оперски вечери, оперските бисери Бал под маски, Турандот, Тоска, Аида и премиерата на балетската претстава Заспаната убавица. Сигурна сум дека овие наслови и учеството на еминентните уметници-гости од Италија, Латвија, Јапонија, Бугарија, Грузија, САД, Украина, Србија, Русија и на домашните солисти, се провокација за вас, за сите вистински љубители на оперската уметност.
Почитувани присутни,
Министерството за култура на Република Македонија традиционално и со голема гордост на ова меценство, ги поддржува Мајските оперски вечери бидејќи оваа манифестација со години успешно гради мостови кон светот, постојано и одново, докажувајќи дека грижата за уметничките вредности е од големо значење за државата. Дозволете ми во оваа пригода да го истакнам големиот придонес на Македонската опера и балет која со децении непрекинато и континуирано инвестира во македонската национална култура и неодминливо се наметнува како активен двигател на македонската музичка уметност. Не можам, а да не забележам дека со севкупната програмска политика и квалитетниот кадар, Македонската опера и балет денес може да најде свој пандан во многу европски куќи, а токму оваа манифестација, која наредната година ќе го прослави своето 40-годишно постоење, е вистински доказ за големата посветеност и вложениот труд на низата генерации кои го градеа реномето на Мајските оперски вечери.
Почитувани присутни,
Велат - таму каде што ќе престане говорот, почнува музиката. Затоа им го препуштам главниот збор на оние што тоа вечерва најмногу го заслужуваат, на уметниците. Ви благодарам!
