IN MEMORIAM: Почина Салаетин Билал, легенда на македонската театарска и филмска сцена

По долго боледување, на 76-годишна возраст, почина актерот Салаетин Билал, доајен на НУ Турски театар и една од најистакнатите фигури на домашната театарска и филмска сцена. „Салко, како што пошироко го викаа колегите и пријателите, јавноста ќе го памети како голем човек, непосреден, близок до сите, како висок професионалец, префинет познавач на уметноста. Со својата појава, топлина, емпатија и одмереност кон општествените појави, кон состојбите во културата, беше пример за интелектуалец со широка визија за единствено општество сочинето од богатството на различностите“, се вели во телеграмата на министерот Алаѓозовски и Министерството за култура упатена до семејството на актерот Билал...

alaetin_bilal

Салаетин Билал (19 март 1942, Скопје) студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција, а во 1964 година работи во Турската драма при Театарот на народностите - сегашниот НУ Турски театар Скопје, каде со голема посветеност одиграл голем број на улоги сè до пензионирањето во 2007 година но и потоа беше ангажиран во проектите во продукција на Турскиот театар.

Паралелно играше и во претстави на Албанскиот театар, во некогашниот Театар „Пралипе“, во независни проекти, во Македонскиот народен театар, во Драмскиот театар. Седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени, четириесет телевизиски и филмски улоги ја одбележуваат неговата респектабилна кариера. Посветен на театарот како личен предизвик тој се обидува и како режисер, потпишува режии на четири претстави, преведува драмски текстови и бил директор во еден период.

Како неодминливи се споменуваат ролјите: Себастијан („Дванаесетта ноќ“, 1966), Врабец („Џумбус“,1969), Јасон („Медеја“, 1973), Слугата („Слуга на двајца господари“, 1974), Хаџи Тома („Коштана“, 1978), Хасанага („Хасанагиница“, 1979), Омер („Омер и Мерима“, 1979), Д. Б. („Дамокловиот меч“, 1983), Хлестаков („Ревизор“, 1985), Аздах („Кавкаски круг со креда“, 1989), Кара Мустафа паша („Лудиот Ибрахим“ (1999), Дон Жуан („Дон Жуан“, 2000), Максим Бродски („Р. Р.Р.“, 2001), Редарот во театарот („Министерот и јас“, 2002), Вториот цариник („Куќа на граница“, 2002), Ур Шабани („Гилгамеш“, 2004), Алонсо („Бура“, 2004), Тересија („Цар Едип“, 2004), игра во „Тимон од Атина“ (копродукција на Народниот театар во Битола, Турската драма и Laboratorio Nove − Фиренца, Италија (2005), Џо Келер („Сите мои синови“, 2012) Периплектомен („Војникот фалбаџија“, 2014),  Пук („Сон на летната ноќ“, 2015) и многу други. Во Детскиот театарски центар − Скопје играл во претставите „Новиот сосед“ (2004) и „Небо без рамка“ (2005), во Албанскиот театар настапувал во „Полковникот птица“ (2007) и во „Аквариум“ (2006). За „Старецот во Аквариум“ ја доби наградата Златна маска на весникот „Вечер“ за најдобро актерско остварување на Охридско лето 2006.

Во неговата биографија се запишани бројни значајни остварувања од македонската кинематографија, меѓу кои и филмовите „Најдолгиот пат“ (1976), „Време води“ (1980), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Зад непријателските линии“, „Прашина“ (2001), преку „Илузија“ (2004), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), па се до последните филмови на македонската филмска продукција „Трето полувреме“ (2012), „Балканот не е мртов“ (2013), „Херој“ (2013) и „До балчак“ (2014). Сведоштво за неговата работа, остануваат големиот број на ролји во телевизиски серии и драми, со кои израснаа голем број на генерации во Македонија. Забележителни се неговите улоги во култните „Волшебното самарче“ (1975), „Итар Пејо“ (1977), „Илинден“ (1982), „Белото Циганче“ (1984), „Солунски патрдии“ (1986), „Тврдокорни“ (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други.

Добитник е на бројни награди, меѓу кои и: наградата на списанието „Екран“ за најдобар актер во 1976 − за ликот на Ахмет Нурудин во „Дервишот и смртта“; 13 Ноември за Хаџи Трајко во „Коштана“ (1977); 11 Октомври за А. Б. во „Дамокловиот меч“ (1983), две награди „Војдан Чернодрински“ за Ахмед Нурудин (1976) и за Аздах во „Кавкаски круг со креда“ (1990), награда за епизода „Димче Трајковски“за улогата на Нуман во претставата „Стари фотографии“ (Прилеп, 1993), наградата за животно дело (2014) и многу други.

Минуистерот Алаѓозовски и министерството за култура упатија телеграма со сочуство до семејството на нашиот истакнат актер. „Длабоко не погоди веста за смртта на еден од најистакнатите македонски актери, Вашиот сопруг, татко, Салаетин Билал. Билал го задолжи македонскиот театар и филм, културата на Македонија со плејада незаборавни ликови на сцената, во ТВ и филмски продукции. Салко, како што пошироко го викаа колегите и пријателите, јавноста ќе го памети како голем човек, непосреден, близок до сите, како висок професионалец, префинет познавач на уметноста. Со својата појава, топлина, емпатија и одмереност кон општествените појави, кон состојбите во културата, беше пример за интелектуалец со широка визија за единствено општество сочинето од богатството на различностите“, се вели во телеграмата упатена до семејството на актерот Билал.

Верската церемонија ќе се одржи денес во 13.00 часот во Џамијата во Бутел, а погребот во 13:30 на Градските гробишта во Бутел.

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia