Конференција на министри за култура на ЈИЕ, заштитата на културното наследство и соработката со УНЕСКО во фокус на македонската делегација

На Четвртата конференција на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (CoMoCoSEE) која заврши денес во Сараево, БиХ, делегацијата на Република Македонија предводена од министерот за култура, Роберт Алаѓозовски оствари и неколку важни средби, во чиј фокус беше заштитата на културното наследство и унапредувањето на соработката со УНЕСКО, а на кои се договорија конкретни идни чекори и активности...

comocosee_saraevo_sredba_unesco_foto_1

На маргините на Конференцијата Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (CoMoCoSEE) што во изминатите два дена се одржуваше во Сараево, Босна и Херцеговина, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски оствари и неколку значајни средби со своите колеги и со претставници на меѓународни организации, во чиј фокус беа конкретни чекори за унапредување во областа на заштитата на културното наследство.

Министерот Алаѓозовски оствари средба со раководителот- шефот на Антена канцеларијата во Сараево на Регионалниот центар за ЈИЕ за наука и култура на УНЕСКО од Венеција, г-дин Синиша Шешум . На средбата се договорија следните активности, кои претстојат во рамки на спроведувањето на Акцискиот план за постапување по одлуката која се однесува на состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот регион, донесен на 41 сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Краков, Полска во 2017 година.

Воедно, на оваа средба се дефинираа насоките за ревидирање и деблокирање на средствата наменети  за функционирањето на Регионалниот центар за дигитализација на УНЕСКО во Република Македонија, со цел да се овозможи негова целосна функционалност согласно стандардите на останатите канцеларии на УНЕСКО во регионот.  Освен тоа, министерот за култура го потврди интересот за вклучување на Република Македонија во проектот „Индикатори за културен развој (ЦДИС)“, кој има за цел преку статистика и анализа на конкретни индикатори да ја потврди улогата на културата како значаен фактор за одржлив развој. За овој проект ќе се обезбеди експертиза и финансиска поддршка од страна на УНЕСКО. На средбата беа договорени и активностите во областа на нематеријалното културно наследство, кои треба да са реализираат во втората половина на 2018 година. 

comocosee_saraevo_sredba_turski_zamenik_minister_foto_2

На средбата со заменик – министерот за култура на Република Турција, Хусеин Јаман, се разговараше за соработката помеѓу двете земји, особено во сферата на заштитата на културното наследство, при што двајцата соговорници изразија задоволство од зголемената културна соработка. Разговарајќи за регионите заштитени од УНЕСКО, заменик – министерот Јаман упати отворена покана до министерот Алаѓозовски за посета на Кападохија, како една од културните знаменитости која се наоѓа на листата на УНЕСКО.

Министерот Алаѓозовски оствари средба и со министерката за култура на Република Грција, Лидија Кониорду, на која разговараа за идејата да се предложи регионот на Преспа и Преспанското езеро да се прогласи како културно и природно наследство на листата на УНЕСКО. Грчката министерка ги потврди уникатните знаменитости на овој регион и изрази подготвеност да учествува во процесот на изработка на заедничко досие. Двајцата министри констатираа дека и Република Албанија треба да се вклучи во апликацијата.  

На Четвртата конференција на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа во Сараево учествуваа делегации и министри од 12 земји – членки од регионот. Се усвои Декларација за зајакнување на регионалната соработка.  Воедно, министерот Алаѓозовски пред своите колеги предложи подиректно вклучување на културата во Берлинскиот процес и формирање на структура за поддршка односно регионален фонд, по примерот на Нордискиот совет на министри, или Вишеградскиот фонд, што ќе овозможи постојана и стратешка поддршка, создавање на нови, подлабоки културни вредности, покомплексни нови уметнички и културни производи и подобар пробив на културните пазари.

comocosee_saraevo_press_konferencija_foto_3

Во обраќањето на прес-конференцијата по завршувањето на настанот, министерот за цивилни прашања на БиХ, Адил Османовиќ, како актуелен претседавач со Советот, истакна дека усвоената Декларација потврди дека ќе се продолжи со понатамошно зајакнување на соработката во насока на размена на знаење и најдобри практики во областа на културата, а особено на искуствата на поврзување со други сектори и секторските политики за да се постигне целта на Агендата 2030 за одржлив развој.

Со овој настан заврши претседателствувањето на Босна и Херцеговина со Советот, а претседателствувањето во наредниот мандат го презема Република Бугарија. Бугарскиот министер за култура, Боил Банов, истакна дека во наредната година Бугарија ќе се посвети на зајакнувањето на оваа платформа како политички инструмент за напредок на интегритетот на регионот, имајќи го предвид заедничкото културно наследство. Тој додаде дека за време на претседателствувањето на Бугарија ќе се разгледа можноста за подготовка и усвојување на стратегија за развој на регионот на ЈИЕ во контекст на културните ресурси и наследство.

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia