Презентирана последната верзија на нацрт-стратегијата за културен развој на Република Македонија за 2018 – 2022 година

Во Музејот на современата уметност, денес пред повеќе од 100 претставници на институциите, граѓанските организации и групи на уметници и културни работници, се презентираше последната верзија на нацрт-стратегијата за културен развој за 2018 – 2022 година, како и презентација на нацрт-акцискиот план за 2018 година. Освен министерот Алаѓозовски и претставници на Министерството, говореа и претставниците на партнерите од УСАИД - Проектот за граѓанско учество и Фондацијата Отворено општество - Македонија, како и претставниците на граѓанските организации КУЛТ - Транзен и Јадро, кои во соработка со Министерството за култура го спроведоа процесот на јавни расправи низ целата земја во последните три месеци.... 
3_publika

На почетокот на презентацијата, посебниот советник за култура, Петрит Сарачини напомена дека се исполнува интенцијата на Министерството за култура, нацрт-верзииите на овие значајни стратешки документи да се финализираат до крајот на годината, по што се очекува, во редовна законска процедура, да бидат дадени на разгледување и усвојување до Владата на РМ и Собранието на РМ. „Пролетта 2018 година се очекува да започне и конкретната имплементација на Стратегијата за културен развој за периодот 2018-2022 година“, рече Сарачини.
tekst_foto_1
Во своето обраќање пред присутните, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски истакна дека со денешната презентација и дискусија, се заокружува еден важен, сложен и макотрпен процес кој со поддршка и благодарение на многуте инволвирани, беше изведен успешно, иако во речиси невозможни рокови и услови. Тој напомена дека, без оглед на предизвиците, во овие три месеци беше обезбедена суштинска јавна расправа, со директна вклученост на актери од сите засегнати страни, низ цела земја.


„Производ на таа соработка се овие два документи, кои треба да претставуваат водилка во спроведувањето на новите културни политики во наредните 5 години. Преку 15-те средби и дебати низ цела Македонија со учество на стотици претставници на институциите, граѓанските организации и групи на уметници и културни работници;  преку извештаите и предлозите на институциите од културата, преку десетиците предлози кои дојдоа од различни вонинституционални актери, преку нашите посети во речиси сите градови и културни установи низ земјата и извештаите на нашите стручни служби, добивме реален приказ за сегашните состојби и за приоритетните потреби на нашата култура, како и одлични предлози и решенија за проблемите, со кои се соочуваме повеќе години наназад“, истакна министерот за култура Алаѓозовски.


Тој им порача на сите учесници во креирање на предлозите, идеите и решенијата да го задржат ентузијазмот и да останат посветени, затоа што само така ќе се реализираат суштински промени. „И покрај уништените општествени вредности, институции, образование, поделби по многу основи, скромни економски можности и долгови, верувам дека сме свесни за тешкиот пат пред нас. Нашите заложби се јасни: култура до сите - култура за сите, во секој дел од Македонија, за сите граѓани подеднакво“, рече Алаѓозовски.
tekst_foto_2
Посебниот советник за култура, Златко Теодосиевски упати благодарност до министерот Алаѓозовски за довербата во стручноста на Работната група која мошне интензивно во текот на изминатите шест месеци работеше на нацрт-верзијата на стратегијата. Тој напомена дека на македонската култура и е потребна стратегија на дисконтинуитет и секој континуитет со досегашната политика во културата ќе биде погубен за здравиот елемент што остана од неа. Во делот на регулативата, нагласи, потребен е нов закон за заштита на културното наследство зашто со него се опфатени повеќе дејности: музеи, библиотеки, аудио-визуелно наследство.

На презентацијата се обратија и претставниците на партнерските организации Фондацијата „Отворено општество Македонија“,  УСАИД – Проект за граѓанско учество, како и претставници на граѓанските организации ЈАДРО и Култ-Транзен, кои го поддржаа процесот на подготовка на стратегијата и организирањето на јавните расправи низ цела Македонија.

Славица Инџева, програмска директорка во ФООМ посочи дека изработката на оваа стратегија е конкретен модел за успешно функционирање на една соработка помеѓу невладиниот и јавниот сектор, која резултураше со солидно изработен документ од областа на културата.

Јетон Красниќи, заменик-директор на Проектот за граѓанско учество на УСАИД нагласи дека токму преку реализираните дебати на носителот на проектот Култ-Транзен од Струмица, се овозможи децентрализација на културата со целосно вклучување на граѓаните во важни стратешки документи. Тој ги повика сите организации следната година кога се навршуваат 25 години од мисијата на УСАИД во нашата земја да аплицираат за проекти преку кои ќе се негува граѓанскиот концепт.

Јасмина Мазгалиева од КУЛТ-Транзен истакна дека во изминатиот период биле организирани дебати во осум градови, во Скопје, Струмица, Тетово, Струга, Куманово, Штип, Кавадарци и Прилеп, на кои учествуваа во просек по 35 претставници од сферата на културата, со што се потврдува дека е важно граѓаните да бидат дел од носењето на значајни одлуки. Таа ја нагласи важноста од деметрополизацијата, која не треба да се спроведе преку слевање на културните манифестации од Скопје во внатрешноста, туку преку директно поддржување на културните работници од другите градови кои произведуваат култура.

Претседателот на Асоцијацијата на независната културна сцена „Јадро“, Јане Чаловски истакна дека носењето на колективен договор во културата, како и децентрализацијата во културата и начините за нејзино реализирање, биле едни од најважните прашања за кои се дискутирало на дебатите.
tekst_foto_3
И културните работници присутни на презентацијата, во дискусијата што следуваше по излагањата, ја нагласија потребата од донесување нова регулатива. За да се искорени клиентелизмот, некои предложија рестрикција на одредени културни институции преку метод на редукција како во современите држави. Други, пак, се пожалија на несоодветно доделување поддршка од страна на Министерството и побараа, пред да се даваат какви било средства, најпрво да се оцени квалитетот на проектите.

На крајот од јавната презентација, министерот Алаѓозовски се заблагодари на сите учесници во целиот неколкумесечен тек на јавната расправа и подвлече дека постои политичка волја за решавање на проблемите.

„Свесни сме за сите проблеми што постојат во културата, и сметам дека една стратегија не може да ги разреши сите случаи, а и преамбициозно би било да очекуваме дека сите прашања со кои се соочуваме треба да имаат место во Стратегијата и во Акцискиот план. Среќен сум што го имаме овој квалитиетен документ кој ќе биде наша водилка, и ќе ги држи и луѓето на менаџерските позиции и останатите чинители во културата во стратешки линии, за да не се случи да се претвориме во пожарникари кои ќе се посветат само на дневно решавање на проблемите“, рече министерот Алаѓозвски.

На бројните прашања за области кои не се детално разработени или вклучени во документот, министерот Алаѓозовски одговори дека во оваа фаза е договорено дека е подобро сите теми да не влезат во стратегијата, отколку да бидат вклучени со формулации без целосен консензус и без реални можности за имплементација. Тој најави нови дебати околу потребите од измени на законодавството во културата, и даде уверување дека Министерството за култура, во соработката со ЗЕЛС и со локалната самоуправа, ќе се заложи околу определбата за зајакнување на локалната култура и културата на заедниците.
2a_publika