Изложба од Народниот музеј на Белград во Археолошкиот музеј во Скопје

Вечерва во 19 часот во Археолошкиот музеј на Македонија ќе биде отворена изложбата, „Централен Балкан помеѓу Грчкиот и Келтскиот свет, Кале-Кршевица 2001-2011“, од Народен музеј во Белград. Изложбата ќе ја отворат министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски и амбасадорката на Р. Србија во земјава, Душанка Дивјак -Томиќ...
arheoloska_izlozba1-21_dec_2017

Претставениот материјал во целост потекнува од археолошките истражувања на локалитетот Кале-Кршевица (15-на км јужно од Врање и северно од манастирот Св.Прохор Пчински и границата со Р.Македонија), утврдена населба од почетокот на IV век до првите децении на III век пред н.е. Се работи за богат движен материјал, како керамички садови, накит, разни бронзени и железни предмети,  монети од времето на Филип Втори, Александар Македонски и неговите наследници.
Археолошкиот музеј соопшти дека сите артефакти сведочат за значењето и големината на населбата формирана во почетокот на IV век пред наша ера, која постоела се до првите децении на III век п. н.е. Изложбата е збогатена и со голем број фотографии од урбаниот комплекс, античкиот град, како и од бројни објекти откриени за време на истражувањата, меѓу кои и систем за водоснабдување кој е единствен и досега непознат на останатите европски локалитети. 
Изложбата е резултат на возобновената соработка меѓу двете музејски институции чија цел е промоција на музеологијата, археологијата, како и за натамошна меѓународна презентација на културното наследство на Србија и на Македонија. Автори на изложбата се Вера Крстиќ и Аца Ѓорѓевиќ од Народниот музеј во Белград, а комесар е Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија, каде што ќе биде поставена до крајот на март 2018  година.