Алаѓозовски на Конференцијата на националните библиотеки од ЈИЕ со заложби за афирмација на културното наследство

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска и утре е домаќин на шестата Конференција на директори на националните библиотеки од Југоисточна Европа, на која  учествуваат директорите на националните библиотеки на Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија. На изложбата на словенски ракописи која е дел од настанот, пред угледните гости се обрати и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој ги истакна заложбите за интензивирање на активностите за зачувување на културното наследство...

nub_jie_konferencija

Во рамки на Конференцијата на националните библиотеки од регионот денеска напладне беше отворена изложбата  „Пишувањето како ракотворење: словенски ракописи од 13-ти до 19 век од Археографската збирка во НУБ „Св. Климент Охридски“, на која говореше министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски.

Поздравувајќи ги гостите, им посака успешна дводневна работа во идните заеднички проекти за зачувување на културното наследство и потсети дека во НУБ „Св.Климент Охридски“ има повеќе збирки  од различни типови вредни ракописи и старопечатени книги, кои се прогласени за културно наследство од особено значење. „Во својата програма Министерството за култура во наредниот период предвидува поголема афирмација и популаризација на културното наследство, со цел да се приклучи во одбележувањето на 2018-та, Европска година на културното наследство“, рече министерот Алаѓозовски на отворањето на изложбата.

nub_jie_konferencija_foto_1

Директорите од националните библиотеки од Југоситочна Европа на оваа средба дискутираат за можностите за размена на дигитални објекти, како и за вклучување со заеднички активности во рамки на Европската година на културното наследство. Во рамки на настанот, утре ќе се одржи работилница на тема  „Основната функција на библиотеките: Безбедно чување и заштита на кумулираното знаење на нацијата и на ракописното наследство“ која НУБ „Св. Климент Охридски“ ја организира во соработка со Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ од Софија.