Заменик-министерот Лазовски:Развој на публиката со едукација, инклузивност, квалитет и критичко размислување

Заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски, на 27 јуни 2017 учестуваше на јавната дискусија „Како до квалитетна публика“, во организација на МКЦ Битола и Фестивалот „Битола - Отворен град“, со експерти од областа на културата, претставници на независната културна сцена и на граѓанскиот сектор.

zamenik_VLazovski_Bitola_MKC_Kako_do_kvalitetna_publika_27_06_2017

Во неговото обраќање, тој уште на почетокот посочи дека развојот на публиката е еден од клучните предизвици и за професијата од којашто тој самиот доаѓа, театарот, како и дека се работи за важен и неопходен елемент, основа за развојот на било која културна дејност, без оглед дали се работи за визуелните уметности, пишуваното творештво, музиката.

„Би сакал да истакнам дека пристапот кон развојот на публиката кај нас досега беше стихиен, неорганизиран и кампањски, преку спорадични проекти и акции со ограничен ефект, чијашто намена главно беше остварување на пропагандна функција, наместо развој на критичкото размислување и развој на публика која ќе бара повеќе, наместо да се задоволува со тоа што ќе и биде понудено. Тој пристап најчесто ги исклучуваше различните културни перспективи, нужен предуслов за да имаме развој на публиката. Таквиот пристап прекинува“, истакна Лазовски.

Во иднина, тој најави дека Министерството има намера сериозно да се посвети на оваа област. Според Лазовски, врската меѓу културните и образовните институции мора да стане организиран систем, преку кој децата и младите, уште од најрана возраст, ќе создаваат културни навики и ќе ја консумираат културата и уметноста далеку почесто од досега, на еден структуриран и внимателно обмислен начин.

„Ќе ја напуштиме праксата на финансирање на прескапи продукции и доминирање на одредени културни дејности, на протежирање на тесни кругови на творци. Таквите пристапи не придонесуваат за развој на дејноста и на публиката, тие создаваат клиентелизам и послушници на политичките партии, а не создаваат публика која знае да ги препознае и цени вистинските уметнички вредности. Во сите сегменти на културата, ќе инсистираме на максимална инклузивност, еднаква застапеност и грижа за сите културни дејности, почит и негување на различностите“, рече заменик-министерот за култура за време на дискусијата.

Покрај националните интереси и претставувањето на нашите културни вредности, Лазовски подвлече дека при финансирање на проектите, Министерството ќе ги има предвид и комерцијалните ефекти, но и потенцијалите за нивно достигнување преку развојни димензии.

zamenik_VLazovski_Bitola_MKC_Kako_do_kvalitetna_publika_27_06_2017_2

„Ќе работиме посветено за да обезбеди социјална инклузија и можности за вкусување на културата без оглед на живеалиштето или припадноста на граѓаните. Голем дел од нив, од разни причини, не се во можност да учествуваат во јавниот културен живот. Таму каде што проблемот е географската раздалеченост, настаните ќе одат кај публиката. Таму каде што има физички пречки – тие ќе се отстранат и надминат со соодветни пристапи и помагала. За публиката со поскромни финансиски можности и социјално загрозените категории, ќе обезбедиме попусти и бесплатно посетување на настани, без од тоа да направиме нови форми на клиентелизам“, порача Лазовски.

Освен тоа, Министерството особено ќе ги охрабри сите прекугранични, регионални и меѓународни соработки и вмрежувања, бидејќи и тие придонесуваат значајно во изградбата на публиката, преку согледување на културните различности но и развој на културната дејност со спроведување на конкретни заеднички проекти.

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia