Не се оптоварувам со тоа што за мојата работа мисли Ивановски, туку што мислат граѓаните
Овие денови слушам дека Антикорупциската комисија доставила барање и дека Министерството не се јавува на тие барања итн. До овој момент воопшто немам добиено допис од страна на Антикорупциска. Со задоволство чекам барање од нивна страна и јас нема да го чекам рокот од 10-15 дена
Госпоѓо Канческа-Милевска годинава е една од најплодните за Министерството за култура имајќи ја предвид тежината на проектите што ги реализирате. Мислите ли дека тоа е причината поради која бевте напаѓани како ниту еден друг министер за култура претходно?
- За првпат Министерство за култура се соочува со голем број капитални инвестиции, сложени градби, за кои времето ќе покаже од каква важност биле за државата, за културата, за нашите уметници. Мислам дека сиве овие градби се од големо значење, пред си, во контекст на уметничката вредност на нашата држава, но и од историски аспект. Како и досега, максимално ќе продолжиме со истата динамика да го реализираме она што им го ветивме на граѓаните и она за што добивме доверба од граѓаните.
Вие сте и првиот министер за култура чие семејство добивало закани по животот. Кому му пречи амбиентот кој го создавате?
- Искрено, од човечки аспект, мислам дека тоа е непријатно искуство за секого. Зошто и како се случило тоа, не сакам да говорам, можам да кажам само дека чувството е непријатно и мислам дека таквите работи не треба да се случуваат.
СКОПЈЕ 2014
Сите склучени договори за проектот Скопје 20144 велите се транспарентни. Опозицијата Ве обвинуваше дека од Министерството е исчезната документација за дел од проектите од 20 милиони евра, па од 8 милиони евра... Видовте ли релевантни докази во обвинувањата и дали сметате дека понудивте релевантни докази на обвинувањата?
- Понудив аргументи, факти и докази. Тие беа презентирани на првата и на втората прес- конференција. Исто така, културно го поканив господинот Игор Ивановски да дојде и да изврши увид во документацијата со кој било експерт што тој ќе го покани и сметам дека господинот Ивановски требаше да дојде. Ќе беше доблесно и чесно од негова страна да извршеше увид и да кажеше на јавноста, дали тоа што го кажал е точно или не е точно. Исто така, го поканив господинот Ивановски, кога сака да дојде во Министерството, јас ќе ги повикам сите фирми што учествувале на тендер во Министерството за култура, за пред нив да посочи која е таа фирма со којашто наводно сме склучувале договори во четири очи.
Стојам зад сите мои искази и повторно ќе им се спротивставам на сите лаги и невистини од негова страна бидејќи Министерството за култура има факти и докази кои се тука, во Министерството, и ќе бидат презентирани и во судската процедура. Министерството поднесе две кривични пријави против господинот Ивановски. И додека траеше интерпелацијата, во самото експозе на Ивановски повторно слушнав лаги дека е уништена документација за Музејот на македонската борба од 8 милиони евра. Воопшто не станува збор за исчезнување на таква документација.
Во тој контекст, како ги коментирате обвинувањата околу хонорарите за членство во комисии во времето кога работевте како државен секретар?
- Нема што да кријам. Сите документи се во Министерството за култура. Излегов јавно и ја запознав јавноста со сите решенија каде што сум членувала како државен секретар и каде што на мое барање сум била изземена од добивање хонорар, и каде сум членувала како стручно лице во жири-комисија која вршела избор на пристигнатите меѓународни идејни архетектонско-урбанистички решенија. Од лични причини по именувањето за министер имам дадено изјава дека сакам да ги вратам средствата и тие се вратени во Министерство за култура. Овие денови слушам дека Антикорупциската комисија доставила барање и дека Министерството не одговара на тоа барање итн. До овој момент воопшто немам добиено допис од страна на Антикорупциска. Кога ќе го добијам дописот од нивна страна, нема да го чекам рокот од 10 до 15 дена, веднаш ќе одговорам.
Еден од нашите најценети уметници Милчо Манчевски го промовираше филмот Мајкии. Од продуцентската куќа, која стои зад неговиот филм во допис до медиуми напишаа дека се соочуваат со проблеми во татковината. Имате ли коментар на ова?
- Согласно Законот за Филмски фонд, Министерството за култура повеќе нема надлежност во филмската дејност. Но, ние како Министерство за култура даваме целосна поддршка на Филмскиот фонд, остваруваме средби со режисери, филмски работници, претставници на Вардар филм, на Кинотеката... Господинот Манчевски лично го почитувам и го ценам како личност, мислам дека како режисер има оставено значителен белег во кинематографијата. Како министер за култура сум давала целосна поддршка за неговите филмови. И во иднина господинот Манчевски од мене ќе има целосна поддршка за си што треба во делот на промоција на филмот и на неговите филмски остварувања. Така што не знам за какви проблеми во татковината станува збор. Мислам дека државата секогаш давала поддрша за филмовите на Милчо Манчевски.
ОСТАР ЈАЗИК ИЛИ СТРОГА ОДБРАНА НА СТАВОВИТЕ
По емисијата на една од македонските телевизии бевте окарактеризирани како лут противник и прв човек кој ја надзборувал водителката. Се работи ли за остар јазик или за строга одбрана на ставовите?
- Знаете, кога пред себе имам аргументи и факти, јас ги бранам. Не презентирам неаргументирано. Сакам да има критика и добро е да има критика, но треба да разговараме во таа насока, да размениме мислења, можеби некој ќе ме убеди во спротивното или јас ќе го убедам. Не сум одбила соработка со ниеден новинар и сите ги почитувам. Кога ќе ве покани некој во емисија, мислам дека треба да имаме почит еден спрема друг.
Музејот на вода во Заливот на коските на охридското крајбрежје од самиот почеток стана туристичка атракција и почна да носи приход. Кој друг објект изграден во последниве години, според Вас, финансиски најмногу ги оправдува вложените средства?
- Музејот на вода е голем културен и туристички значаен објект. Самата бројка од 40 000 посетители говори многу и убедена сум дека Музејот ќе биде еден од најдоходовните културни објекти. Ќе ја спомнам и Спомен-куќата на Мајка Тереза. Самата институција живее од сопствените приходи. Мислам дека и Порта Македонијаа ќе биде еден од објектите што ќе остваруваат приход. Ќе го споменам и Музејскиот комплекс.
ЕЛИЗАБЕТА КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА ПРИВАТНО
Со кого ќе ја слави министерката Нова Година?
- Со семејството, со моите најблиски, дома, во домашна атмосфера. Со оглед на тоа што немаме многу време преку годината, едвај чекам да дојде тој период за да седнеме сите дома на свечена трпеза, да поразговараме...
Кога сме кај свечената трпеза, кои омилени јадења ќе се најдат на Вашата празнична трпеза и дали самата ќе ги подготвите?
- Ќе се потрудам нешто и јас да направам, но кога се работи за празници, бидејќи живееме со моите родители во иста куќа, секој од нас ќе даде придонес во приготвувањето на храната. И мајка ми, сопругот, јас, сите ќе се вклучиме во подготовката на трпезата.
Каква храна сакате повеќе, дали ја сакате традиционалната кујна?
- Не сум голем гурман и не сум многу по јадењето. Но, сакам традиционална кујна, на пример: тавче-гравче, пинџур, салати, пита, домашни јадења.
Работните обврски оставаат малку време за семејството и пријателите. Колку има време Канческа-Милевска за домашните обврски, семејството, дружење со пријателите и, пред си, за детето?
- Да, имам многу малку време. Но, јас, без оглед дали сега кога сум на позиција министер или претходно, се обидувам да ја вложам сета своја енергија во она што го работам. Многу е битно да имате поддршка од другата страна. Доколку ја немате поддршката од семејството, не можете да се реализирате целосно во она што го работите. Таа врска мора да постои и навистина е голем благодат да имате поддршка од семејството. Јас ја имам таа поддршка и навистина сум благодарна. Секогаш кога имам време, сакам да го поминам со своето семејство, со сопругот, детето, родителите, со пријателите.
Тетовската Менада и крилестото коњче од бронза чинат неколку милиони евра
Непроценливо културно наследство беше запленето во операцијата Фалангаа, која е прва акција на МВР од таков вид и обем во Македонија. Што мислите, зошто досега не се случила таква акција кога јавна тајна беше дека се врши таков вид криминал, дека културното наследство во Македонија бесправно се ископува и нелегално се продава?
- Еден од приоритетите на Министерството за култура беше истражувањето на археолошките локалитети. Од големо значење е фактот што се пристапи кон системско истражување на голем број археолошки локалитети , со поголем фонд на средства. Сметавме дека само на ваков начин може да се спречи нелегалното диво ископување на културното богатство и неговото изнесување надвор од земјата. Особено ми е драго што е запленет дел од нашето богатство, односно значајни предмети, како што се бесценетата тетовска Менада, крилестото коњче од бронза од кое има само уште еден примерок, и тоа во аукциската куќа Сотбии во Лондон. Овие две минијатури чинат неколку милиони евра и намерата била да завршат на странски пазари. Верувам дека во иднина ќе има слични акции доколку се откријат вакви недозволени активности.
Зошто досега немало таква акција?
- Треба да се има чувство за културното наследство. Треба да се има посветеност и мислам дека тоа недостигало.
Без накит мислам дека не сум целосно комплетна во изгледот
Секогаш сте елегантно облечени, независно дали се работи за прием, работна посета или неформална средба. Кое е Вашето најомилено парче облека, која боја најмногу сакате да ја носите и од каде најчесто сакате да купувате?
- Водам сметка во однос на облекувањето и сакам секогаш да имам целосен изглед во таа смисла. Сакам накит. Без накит мислам дека не сум комплетна во изгледот. Ги носам сите бои, немам посебно омилена. Сакам да се чувствувам пријатно и, пред си, самата да си се допаднам како изгледам. Сега немам многу време да излезам во Скопје и да купувам, па кога одам на пат надвор од државава се обидувам да најдам барем половина час за да купам некое парче облека.
Дејан Трајкоски
ФОТО: Ѓ. ЛИЧОВСКИ
