КОНКУРС ЗА ОТКУП НА МУЗИЧКИ КОМПОЗИЦИИ ВО 2016 ГОДИНА

Врз основа на член 64 став 1 од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“  бр. 31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12,  23/13, 187/13, 44/14, 61/15 и 154/15),   Министерството за култура распишува

КОНКУРС ЗА ОТКУП НА МУЗИЧКИ КОМПОЗИЦИИ

ВО 2016 ГОДИНА

Министерството за култура, во согласност со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/13) за остварување на националниот интерес во културата, ќе обезбеди средства од Буџетот на Република Македонија за стимулирање на домашното музичко творештво, кои ќе се доделуваат на домашни автори, односно композитори преку Конкурс за откуп на музички композиции.

1. Право на учество на Конкурост

•             На Конкурсот може да учествуваат композитори со диплома по композиција од високообразовна установа или композитори чии дела биле изведувани на еден од фестивалите за класична музика во Република Македонија (Охридско лето, Мајски оперски вечери, Денови на македонската музика, Интерфест - Битола, Есенски музички свечености, Златна лира) во изминатите 5 години. 

•             Секој композитор има право да конкурира со по една композиција во една категорија, а најмногу со 2 композиции во еден конкурсен рок, односно со 4 композиции годишно. Категоризацијата на композициите во Конкурсот е направена според видот на изведувачкиот апарат на делата, времетраењето и жанрот на делата.

•             На Конкурсот може да учествуваат само композитори - државјани на Република Македонија.

•             Композициите со кои се конкурира не треба да се претходно јавно изведувани, публикувани и презентирани.

•             Композициите доставени на Конкурсот кои содржат текст, задолжително да се достават и со превод на македонски јазик.

2. Цел

Конкурсот за откуп на музички композиции се објавува заради:

•             стимулирање на дела од македонското музичко творештво;

•             афирмација на композиторите од Република Македонија;

•             збогатување на фондот на дела од сериозна музика од домашни композитори.

3. Приоритет

•             Приоритет при одлучувањето на Конкурсот ќе имаат квалитетни музички дела од автори од Република Македонија, автентични музички содржини кои ќе придонесат за унапредување на македонската современа музичка култура.

4. Критериуми

•             Композициите во категориите XIV–XVII, за да можат да се квалификуваат за натамошно одлучување, потребно е да освојат повеќе од 50% од вкупниот број бодови.

•             Композициите во категориите  I–XIII, за да можат да се квалификуваат за натамошно одлучување, потребно е да освојат повеќе од 35% од вкупниот број бодови.

5. Рок за учество на Конкурсот

•             Конкурсниот рок за поднесување на композициите е од февруари до ноември во тековната година. Пријавите се поднесуваат најдоцна до 16 часот во архивата на Министерството за култура.

•             Во врска со Конкурсот ќе се одлучува двапати годишно, во јуни и во ноември.

•             Пријавите на Конкурсот треба да се достават во согласност со условите за категориите утврдени во овој конкурс.

6. Начин на доставување пријави на Конкурсот

•             Пријавата на Конкурсот се доставува до Министерството за култура во затворен плик со назнака: За Конкурсот: „ОТКУП НА МУЗИЧКИ КОМПОЗИЦИИ“ со шифра (најмногу 5 знаци од букви или броеви) и текстот „НЕ ОТВОРАЈ“.

•             Податоците за композиторот треба да се наведат во посебен затворен плик приложен со пријавата со назнака: „АВТОР“, назначен со истата шифра.

•             Пријавата треба да содржи 3 (три) печатени копии од партитурата. Задолжително треба да се достави партитура и во дигитална форма (ПДФ, Сибелиус, Финале). Пожелно е, но не е задолжително, да се достави и звучен запис (компјутерска демо-снимка) од делото.

•             На ниедна од страниците на партитурата не смее да биде запишано името на композиторот или каков било знак што упатува на неговиот идентитет. Исто така, насловот на композицијата не треба да упатува на идентитетот на авторот.

•             Крајниот рок за доставување на пријавата е наведен за секоја категорија во делот за посебните услови во овој конкурс.

 

7. Општ услов за учество на Конкурсот

Композиторите кои доставиле пријави на Конкурсот се смета дека се согласуваат да ги отстапат правата за прва изведба, две репризни емитувања, снимање на изведбата, емитување и издавање на: Националната установа Македонска опера и балет - Скопје, Националната установа Македонска филхармонија - Скопје, Националната установа Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ - Скопје, Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ – Скопје и Факултетот за музичка уметност – Скопје, во зависност од категоријата на композициите, без дополнителен надомест.

 8. Посебни услови за учество на Конкурсот во зависност од категоријата на музичката композиција

На Конкурсот може да се достават пријави за следниве категории и според следниве услови:

•             КАТЕГОРИЈА I

Вид на делото: Композиција за аматерски состав

Состав: Аматерски инструментален состав: женски хор, детски хор, мандолински оркестар, оркестар од блок флејти, орфов инструментариум и сл.

Времетраење: над 3 минути

Награди: I награда - 30 000 денари; II награда - 25 000 денари; III награда - 20 000 денари

Рок за пријавување: 15 ноември 2015 година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА II

Вид на делото: Композиција за мелодиски инструмент

Состав: Композиција за мелодиски инструмент по слободен избор*

Времетраење: над 5 минути

Награди: I награда – 40 000 денари; II награда – 35 000 денари;

III награда – 30 000 денари

Рок за пријавување: 15 јуни 2016 година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА III

Вид на делото: Композиција за хармонски инструмент

Состав: Композиција за хармонски инструмент по слободен избор*

Времетраење: над 5 минути

Награди: I награда – 45 000 денари; II награда – 40 000 денари;

III награда – 35 000 денари

Рок за пријавување: 15 ноември 2016 година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА IV

Вид на делото: Композиција за дует

Состав: Двајца изведувачи по слободен избор*

Времетраење: над 6 минути

Награди: I награда – 50 000 денари; II награда – 45 000 денари;

III награда – 40 000 денари

Рок за пријавување: 15 ноември 2016  година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА V

Вид на делото: Циклус соло-песни

Состав: Композиција за вокален солист и пијано

Времетраење: над 9 минути

Награди: I награда – 60 000 денари; II награда – 55 000 денари;

III награда – 50 000 денари

Рок за пријавување: 15 јуни 2016 година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА VI

Вид на делото: Композиција за трио

Состав: Тројца изведувачи по слободен избор*

Времетраење: над 6 минути

Награди: I награда – 60 000 денари; II награда – 55 000 денари;

III награда – 50 000 денари

Рок за пријавување: 15 јуни 2016  година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА VII

Вид на делото: Композиција за мешан хор

Состав: Мешан хор

Времетраење: над 4 минути

Награди: I награда – 60 000 денари; II награда – 55 000 денари;

III награда – 50 000 денари

Рок за пријавување: 15 ноември 2016  година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА VIII

Вид на делото: Композиција за квартет

Состав: Четири изведувачи по слободен избор*

Времетраење: над 6 минути

Награди: I награда – 70 000 денари; II награда – 60 000 денари;

III награда – 50 000 денари

Рок за пријавување: 15 ноември 2016  година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА IX

Вид на делото: Композиција за квинтет

Состав: Пет изведувачи по слободен избор*

Времетраење: над 6 минути

Награди: I награда – 80 000 денари; II награда – 70 000 денари;

III награда – 60 000 денари

Рок за пријавување: 15 јуни 2016  година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА X

Вид на делото: Композиција за фиксен медиум

Состав: Композиција за фиксен медиум по слободен избор

Времетраење: над 7 минути

Награди: I награда – 100 000 денари; II награда – 85 000 денари;

III награда – 70 000 денари

Рок за пријавување: 15 јуни 2016  година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА XI

Вид на делото: Композиција за камерен состав од 6 до 9 инструменти

Состав: Композиција за 6-9 изведувачи по слободен избор*

Времетраење: над 7 минути

Награди: I награда – 100 000 денари; II награда – 75 000 денари;

III награда – 60 000 денари

Рок за пријавување: 15 ноември 2016  година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА XII

Вид на делото: Kомпозиција за Биг бенд

Состав: Биг бенд

Времетраење: над 5 минути

Награди: I награда – 100 000 денари; II награда –  90 000 денари;

III награда – 80 000 денари

Рок за пријавување: 15 јуни 2016  година

Правата се пренесуваат на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ

•             КАТЕГОРИЈА XIII

Вид на делото: Kомпозиција за вокален солист(и) и симфониски оркестар во духот на македонскиот православен обичај Божик

Состав: Вокален солист(и) и двоен или троен симфониски оркестар

Времетраење: над 6 минути

Награди: I награда – 180 000 денари; II награда – 150 000 денари;

III награда – 120 000 денари

Рок за пријавување: 15 јуни 2015  година

Правата се пренесуваат на Националната установа Македонска филхармонија - Скопје

•             КАТЕГОРИЈА XIV

Вид на делото: Музичко-сценска композиција за Танец

Состав: Комплетен ансамбл на Танец** и изведувачи по слободен избор

Времетраење: над 20 минути

Награди: I награда – 260 000 денари

Рок за пријавување: 15 јуни 2016 година

Правата се пренесуваат на Националната установа Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ - Скопје

•             КАТЕГОРИЈА XV

Вид на делото: Композиција за инструментален солист и оркестар

Состав: Двоен или троен симфониски оркестар

Времетраење: над 10 минути

Награди: I награда – 360 000 денари, II награда – 320 000 денари;

III награда – 280 000 денари

Рок за пријавување: 15 ноември 2016  година

Правата се пренесуваат на Националната установа Македонска филхармонија - Скопје

КАТЕГОРИЈА XVI

Вид на делото: Композиција во чест на Факултетот за музичка уметност - Скопје по повод 50 години од основањето

Состав: Составот треба да ги обедини следниве изведувачки апарати: оркестар од народни инструменти, биг бенд, вокални солисти, мешан хор и симфониски оркестар

Времетраење: над 15 минути

Награди: I награда – 600 000 денари

Рок за пријавување: 15 јуни 2016  година

Други услови: Композицијата треба да биде создадена во коавторство од најмалку двајца различни композитори***

Правата се пренесуваат на  Факултетот за музичка уметност - Скопје

•             КАТЕГОРИЈА XVII

Вид на делото: Балет

Состав: Симфониски оркестар

Времетраење: над 15 минути

Награди: I награда – 900 000 денари

Рок за пријавување: 15 ноември 2016 година

Правата се пренесуваат на Националната установа Македонска опера и балет – Скопје

Забелешка:

•             Електронска лента може да биде замена за 1 (еден) изведувач во категориите: IV, VI, VIII, IX и XI.

•             Во категориите каде што е наведено по „слободен избор*“, композиторите можат да искористат која било комбинација од следниве инструменти: флејта (пиколо), обоа (англиски рог), кларинет ин Б, фагот, саксофон, хорна, труба, тромбон, перкусии, 2 пијана, харфа, гитара, 2 виолини, виола, виолончело, контрабас.

•             Ансамблот Танец** се состои од: виолина, 2 кларинета, 2 хармоники, 3 кавали во C, H, D и Dis, (гајда, шупелка), 3 тамбури, бас тамбура, ут, 2 гитари, контрабас, 2 тапана (тарабуки) и мешан хор, игроорна група.

•             За КАТЕГОРИЈАТА XVI, пријава со задолжителна документација доставува  еден автор.

9. Задолжителна документација

На Конкурсот, композиторот треба кон пријавата да ја достави следнава документација:

•             доказ за завршено високо образование заверен на нотар;

•             биографија;

•             три печатени копии од партитурата;

•             партитура во дигитален формат на ЦД, ДВД или УСБ на начин  утврден во точката 5 од овој конкурс;

•             извод за државјанство на РМ;

•             доказ за претходно изведувани дела на еден од фестивалите за класична музика во Република Македонија (Охридско лето, Мајски оперски вечери, Денови на македонската музика, Интерфест - Битола, Есенски музички свечености, Златна лира) во изминатите 5 години.

Забелешка: Кон пријавата за категоријата XVI треба да се достави и договор за коавторство.

10. Известување за резултатите од Конкурсот

Во врска со пријавите од Конкурсот ќе одлучува стручна комисија составена од истакнати стручни и компетентни лица именувана од министерот за култура. Одлуката на комисијата е конечна. Министерството за култура го задржува правото да не ги откупи композициите доколку оцени дека пријавените композиции не ги исполнуваат конкурсните услови или дека се со незадоволителен квалитет.

Нема да бидат разгледувани пријавите кои:

- се доставени по истекот на рокот на Конкурсот; 

- не ги содржат сите потребни податоци и документи што се бараат во   

  Конкурсот;

- не се придржуваат кон пропишаните конкурсни услови.

Резултатите од Конкурсот ќе бидат објавени во јули и во декември, а најдоцна за 30 дена од датумот на завршување на конкурсниот рок за секоја одделна категорија во овој конкурс. За резултатите од Конкурсот, Министерството за култура ќе донесе решение во согласност со Законот за културата.

Резултатите од Конкурсот ќе бидат објавени и на веб-локацијата на Министерството за култура.

Композиторите на откупените композиции треба да достават комплетни материјали за изведба на композициите (штимови) на соодветната институција најдоцна еден месец по соопштувањето на резултатите од Конкурсот.

Доставените партитури на композициите што нема да бидат откупени ќе бидат вратени на композиторите кои доставиле пријава на Конкурсот.

 11. Потпишување договор за откуп

Министерството за култура ќе склучи договори со учесниците на Конкурсот од кои ќе бидат откупени композициите со кои ќе се регулираат меѓусебните права и обврски во согласност со важечките прописи на Република Македонија, а особено прашањата за регулирање на авторските права, начинот на примопредавање на композициите и префрлување на средствата  за откуп.

12. Дополнителни информации

Дополнителни информации може да се добијат на тел. 02/3240-563, кај одговорниот државен службеник Маја Седрак, раководител на Секторот за дејности од областа на културата и уметноста.

МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА

kultura_logo_2

ohridsko_leto_nova-2

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia