Во 2009 г. пред јавноста свечено беше отворен музејскиот комплекс „Музеј на вода” со целосна презентација на праисториската наколна населба во Заливот на коските и Римскиот кастел на ридот „Градиште“, која постоела 1200 години пр.н.е. Комплексот содржи комплетно уредени 24 праисториски куќички, две обновени плажи, театарски простор со сцена за изведба на камерни претстави, 11 нови бунгалови на парковно уредените простори и пристаниште. Фактите говорат дека во текот на изминатите две години реконструираната наколна населба од бронзеното и железното време, Музејот на вода, стана возбудлива културна и туристичка дестинација посетувана од илјадници домашни и странски туристи.
