Врз основа на член 9 став 1 од Законот за културата  (“Службен весник на Република Македонија” број 31/98 и 29/2003), Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 11 мај 2004 година, донесе

 

 

НАЦИОНАЛНА ПРОГРАМА ЗА КУЛТУРАТА

ЗА ПЕРИОДОТ ОД 2004 ДО 2008 ГОДИНА

 

 

Националната програма се донесува со цел да се одржи и да се подигне квалитетот на културата како темелна вредност во животот на граѓаните на Република Македонија.

Врз основа на оцената на појавите, процесите и потребите на актуелната општествена и културна ситуација изнесена во Националниот извештај за Националната програма за култура во Република Македонија, претставен во Советот на Европа на 7 октомври 2003 година, со Националната програма за културата се утврдува националниот интерес во културата дефиниран во Законот за културата со членот 8 и се зацртува стратегија за неговото реализирање. Националната програма за култура ги утврдува среднорочните развојни насоки и мерките на овој документ за поттикнување и за поддршка на одржлив културен развој. Истовремено со осознаената потреба за свесно и за временски подолго насочување на процесите и конципирање на културните промени, со изготвувањето и со донесувањето на Националната програма се реализира и обврската од Законот за култура (член 9). Оваа програма се обликува врз научните и врз теориските сознанија за културата и врз искуството на голем број консултирани творци и културни установи. Оттаму, таа е документ со кој ќе се афирмира автентичноста на нашата култура и автономноста на културните процеси. Уште повеќе, таа е документ за културен развој втемелен на објективни, научни претпоставки, а во исто време заштитен и корективен инструмент од евентуалното субјективно, идеолошко или партиско артикулирање на  националниот интерес на културата. Од друга страна, за да не влезе во стапицата на догмата и диригирање на културата, Националната програма за културата не изнесува исцрпни детали за посебните и за поединечните аспекти на културниот развој. Напротив, креативното читање на нејзините цели и нивното спроведување им го препушта на протагонистите во  културата, а таа служи како основа за донесување поединечни програми за секоја установа и како насока за позиционирање на секој што учествува во остварување на  културата.

 

 

ТЕМЕЛНИ ПРИНЦИПИ

 

Националната програма за култура тргнува од можноста за пошироко сфаќање на културата, како начин на живеење во кој луѓето потпирајќи се  на традицијата креативно ја надградуваат актуелната реалност со нови остварувања и со нови вредности со кои се  унапредуваат човековите права и слободи. Притоа, заради нејзината внатрешна динамика, во овој документ културата се промислува како континуиран процес и како отворен систем. Таквото промислување на културата се гради врз неколку темелни принципи: достапност, разновидност, отвореност, одговорност и флексибилност.

1. Достапноста до културните вредности се однесува на остварување на културните права на сите граѓани. Во досегашниот концепт на културата, грижата и поддршката беше концентрирана на творештвото. Сепак, истовремено со одржување и со подигање на стандардите на уметничкото создавање, неопходно е да се стремиме творештвото да стане достапно за сите. Уметноста станува култура во проникнувањето и во доживувањето на нејзините вредности од страна на публиката. Дури тогаш таа го менува и го надградува квалитетот на животот. Прифаќањето на културата е претпоставка за еманципација на  човекот, но и услов за опстанок на уметноста и за културен развој. И покрај високите дострели во креативните и во репродуктивните уметности, нивните остварувања сî уште комуницираат со ограничен круг публика. Социјализацијата на уметноста во еден мал општествен слој го повредува цивилизациското и уставното право за достапност  на култура на голем број граѓани и на цели општествени групи и слоеви,  а со тоа врши суптилна нееднаквост на луѓето на духовен план. Стеснетиот радиус на приемање, неможноста  во уметноста да се воведат сите општествени слоеви и сите општествени групи, доведува до фрагментација на културата, до замрзнување на свеста на луѓето и до загрозување на опстанокот на уметностите.

Непопустливата социјална законитост укажува дека една уметност опстанува сî додека постои публика што ја следи. Таа максима не се однесува само на материјалната и на финансиската поддршка на творештвото без која тоа како општествен однос не може да опстане, туку има пошироко естетско и духовно значење. Во публиката се формира зародок и перспектива на новото творештво. Меѓу младите читатели, меѓу посетителите на претстави, на концерти, на изложби и сл., ќе се родат идни писатели, актери, музичари, сликари...  Во зависност од природата на публиката: гледач, читател, посетител и сл., потоа во зависност од чувствителноста на нејзината рецептивна апаратура, од образованието, од вкусот, од имагинацијата, секој посебно го доживува уметничкото дело, различно ги перципира и различно ги толкува неговите знаци и неговите значења. Доживувајќи го и толкувајќи го делото секој корисник, но и  публиката во целина, го пресоздава, го умножува и го оживува уметничкото остварување и уметноста. Публиката, потенцијално целото општество, станува најмасовниот репродуктивец со широки интерпретативни можности во кои се згуснати личното и колективното искуство, како и националниот сензибилитет.

Заради сето тоа, Националната програма за културата се раководи од принципот на демократска распределба и на масовно прифаќање и преземање  не само на националните, туку и на универзалните креативни остварувања. Исто така, таа не само што ќе настојува да го поттикне интересот и да ја придобие  потенцијалната публика, туку ќе настојува да ја издигне публиката до креативен субјект во културата и во уметничкото создавање.

2. Разновидноста се однесува на негување на богатството од различности  во културниот идентитет на  Македонија, како и на потребата од  проширување на подрачјето на творечките форми и на уметничката слобода. Во културата, како подрачје на слобода  и на имагинација на духот, се изразуваат разликите и различните искуствата како вредности на поединецот, на социјалните групи и на народите. Преку тоа се изразува и нивната препознатливост и особеноста на нивниот идентитет. Меѓутоа, културата под влијание на пазарот и на современите општествено-економски процеси како што се развојот на медиумите, индустријализацијата, глобализацијата и сл., сî повеќе ги губи своите особености. За да се освои  повеќе публика, а тоа значи поголем пазар и поголем профит, културните вредности и уметничките остварувања се хомогенизираа. Во нив и од нив се намалуваат националните посебности и разлики за да можат да бидат прифатливи за сите народи и за сите култури. Паралелно со тоа, за да се опфатат сите сегменти на општествената стратификација и за да продре културниот пазар во длабочината на социјалните структури, се врши поедноставување на културните содржини. Тие се стандардизираат за да можат да бидат произведувани индустриски и во серии, се прават просечни за да бидат, без поголем напор, приемливи за сите возрасти, за сите полови, за сите степени на образование, без разлика на социјалниот и материјалниот статус на консументите. Придружени со агресивен маркетинг и со реклама, таквите (замени за културни остварувања) сурогати придобија масовни потрошувачи со мрзлив дух, консументи без љубопитност и без интерес за вистинските автентични вредности. Масовното замрзнување на свеста кај популацијата која ја предизвикаа тие процеси ги затапува рецепторите на културните разлики и потребата да се препознае и да се негува индивидуалниот, групниот и националниот идентитет. Глобализацијата, пак, со културниот неоколонијализам, како доминација над духовноста на малите народи од страна на културите на светските сили што се наметнуваат со економската и политичката моќ, се нова и дополнителна закана за идентитетот.  Република Македонија, како впрочем и многу поголеми земји и поголеми култури, не може да ги спречи глобалните светски процеси. Меѓутоа, ако не можеме да ги отстраниме, тогаш неопходно е барем да ги ублажиме неповолните тенденции кои ја загрозуваат оригиналната култура и националниот идентитет.

Со амандманите на Уставот на Република Македонија од 2002 година, се нагласува мултикултурноста на општеството. Следствено на тоа, имплементирајќи го Рамковниот договор, со кој беа поттикнати промените на Уставот и вградувањето на амандманите, со Законот за културата државата ја поттикнува и ја помага културата преку создавање еднакви услови за изразување, за негување и за афирмирање на културниот идентитет на сите заедници. Со цел да и се даде соодветна содржина на уставната и на законската норма, со оваа програма ќе се прошират материјалните, институционалните и кадровските претпоставки за развој на културата на сите заедници и ќе се обезбедуваат еднакви  услови за нејзиното остварување.

Разликите на индивидуален и на колективен план í се иманентни на културата, но доколку се хипостазираат, тие можат да доведат до дивергенции во свеста меѓу заедниците, до политички инструментализации, до отпор и до културни разидувања. Во мултикултурниот концепт ќе се бараат, ќе се стимулираат и ќе  се охрабруваат особеностите на националните заедници што ќе предизвикуваат заемно проникнување и интеркултурација, низ која ќе се збогатуваат содржините и формите на секоја култура посебно и на сите заедно ќе се создаваат нови синтези, како врзувачко ткиво и како нов квалитет на општеството.

3. Отвореноста е темелен принцип на културниот систем. Културата не може да опстојува како затворен, себедоволен систем. Таа постои само низ отвореноста и комуникацијата, бидејќи на тој начин се проверува себеси и се унапредува.

Во комуникација со уметноста луѓето покрај естетското задоволство, стекнуваат нови сознанија, проникнуваат во искуствата на други култури и на други народи. На тој начин тие ги прошируваат духовните хоризонти, но исто така вршат споредби и селекција на вредностите, негувајќи сопствен вкус и критичка свест до тој степен за да можат и за да бидат независни субјекти во оценување и во вреднување на културните содржини и на уметничките вредности. Кога свеста кај луѓето ќе достигне степен на критичко мислење тогаш таа се операционализира во сите сегменти на животот. Свесниот поединец има сопствено мислење и сопствен став  за економските, за социјалните и за политичките процеси и феномени. Тој е отпорен на партиските разделувања и на идеолошките инструментализирања. Индивидуите и социјалните групи со критичка моќ на расудување се субјекти со демократска политичка култура кои претпочитаат не само духовната сфера, туку и целото општество да се темели врз рационални принципи. Единствено самосвесни личности отворени за светот на другоста  стекнуваат имунитет во однос на евентуалното духовно разјадување, антикултурните влијанија, сурогатите на културата како што се кичот и шунд-политиките за култура, како  и загрозување на идентитетот.

Нашиот културен идентитет вулгарно е оспоруван од враќања на свеста во минатото кои културата ја перцепираат како територијално ширење, а не како освојување на висините на духот. Претставниците на таквата ретроградна свест во соседството, за кои времето е запрено во раниот 19 век, ги раскопуваат корените на нашата култура: јазикот, името,  конституцијата на црквата. Таквата тенденција во културата која ја оспорува духовната традиција, постојано проблематизирајќи ја сегашноста, е со цел  за да ја укине иднината и на културата и на државата. Следствено, тоа не е културно туку ирационално политичко прашање кое треба да се надминува со рационални политички средства и методи, а Република Македонија треба да гради иманентна национална програма за културата со која ќе го надградува својот идентитет и ќе ги обесилува покровителските политики во културата. Од негаторските политики, како и од непосакуваните ефекти на индустријализацијата и на глобализацијата и од сурогатите (вештачките производи) на масовната култура, Република Македонија нема да се чува со затворање како некаква подредена и самодоволна културна целина. Нашата земја не само од културен аспект, туку и од економски и од политички причини треба што е можно повеќе да учествува во културната размена со светот и да води активна меѓународна културна политика, да се поврзува со светските и со европските културни институции, со стручните асоцијации на посебните музејски, библиотечни, галериски, музички и др. дејности; да аплицира во меѓуна­родните и во европските фондови; активно да учествува во регионалното поврзување и културната соработка со соседите. Притоа, посебен приоритет е грижата за културниот развој на македонското малцинство во соседните земји и за нашите сонародници во дијаспората. Поврзаноста со  светот и електронските медиуми овозможуваат одгласот на нашата култура да допира до секој наш сонародник на планетава.

4. Одговорноста подразбира почитување на етичките норми на професијата и правните обврски. Токму заради тоа, покрај проширување на правата, покрај поттикнување и наградување за успешно завршената работа, за  инвентивноста, потребно е подигање на моралните и на правните стандарди на одговорноста, на дисциплината на работење и контрола на квалитетот на извршените задачи. Министерството за култура е должно да воспостави систем за отчет во однос на јавноста, а тоа подразбира дека има легитимно право да бара одговорност за содржината и за квалитетот на работата на оние што добиваат материјална и финансиска поддршка. На тој начин, Националната програма за културата станува сила  за мобилизирање на креативната енергија во културните установи. Рационалната употреба на средствата е креативен, економски и морален однос кон културните вредности. Рационално работење е нужно законски да се регулира, но тоа продуктивно се одржува и се поттикнува ако заштедите се реинвестираат во нови проекти, во подигањето на стандардите на работењето и во личниот стандард на културните работници.

5. Флексибилноста се однесува на потребата да се искористат сите добри можности за културен развој. Промените се неизбежни, но само доколку на нив се реагира креативно - тоа е клуч за успехот. Покрај  работа со јавните установи, јавниот интерес во културата се остварува и во соработка со невладиниот и со приватниот сектор. Значајна уметничка продукција се остварува и во други јавни установи на кои тоа не им е основна дејност. Исто така, приватните проекти со финансиска поддршка и на Министерството за култура можат да бидат значајно надополнување во проширување на уметничките вредности. Бројни предности можат да се забележат и кај проектите спроведувани од невладиниот сектор, кај кои најчесто волонтерството и вклученоста на голем број луѓе стануваат императив. Културата, воедно, како начин на живеење во општеството, се одвива не само институционално, туку и спонтано. Спонтаните иницијативи можат да соберат повеќе луѓе и групи со исти или со слични афинитети и да станат општествено релевантна појава и движење, што налага поддршка. Конечно, принципот на флексибилност значи дека културата не е  диригирана. Според тоа, треба да постои можност постојните програми и иницијативи да се приспособат на промените во контекстот, ако тоа не значи промена на општите цели. Истовремено, тоа значи дека поддршка може да добие секоја нова иницијатива што води кон поефикасно задоволување на културните потреби и кон одржлив развој.

 

            ЦЕЛИ

 

·           Децентрализација на културата

Тргнувајќи од демократскиот принцип, од правата и од слободите на човекот како уставни категории и како цивилизациски придобивки, новата Национална програма за културата има за цел да им овозможи на сите граѓани на Република Македонија рамноправно да учествуваат, како творци и како корисници, во културата. Меѓутоа, поради образовното ниво, поради регистарот на потребите, поради социјалната, а пред сî поради демографската структура на населението, тоа не може оптимално да се реализира. Најголемиот број, односно најкреативните и најпродуктивните културни установи се сконцентрирани во неколку урбани центри, т.е. пред сî, vo главниот град на Република Македонија. Помалите урбани населби и руралното население се препуштени на еднолични и на ретки културни активности на домовите на културата, на културниот аматеризам и на сурогатите на масовната култура. Оттаму, неопходно е да се изврши децентрализација на културата и тоа не преку дислокација или преку создавање нови установи, туку преку територијална подвижност, преку проширување (со гостувања) на радиусот на дејноста на установите, за да можат граѓаните, независно од демографската припадност и местото на живеење, да имаат еднакви шанси за пристап и за проникнување до врвните културни и уметнички вредности.

Значајна улога во децентрализацијата на културата ќе има и локалната самоуправа. Со донесувањето на системските закони за локална самоуправа, се доградува архитектурата на политичкиот систем на државата. Со него, освен што ќе се исцрта нова политичка географија на земјата, освен реорганизација на територијалната поделба и на мрежата на општините, ќе се установат и локални извори на приходи. Во рамките на надлежностите на локалната самоуправа е и задоволувањето на културните права и потреби на граѓаните. Со имплементација на тој системски закон не само што ќе се засилат процесите на децентрализација на културата и демократската распределба на вредностите на творештвото, туку тие содржински ќе се збогатат со вклучување  нови субјекти. Локалните културни установи во непосреден контакт со граѓаните многу попрецизно ќе ги откријат нивните културни потреби и формите за нивно задоволување. Со оглед на тоа што локалните власти ќе имаат сопствени изворни приходи, културниот живот во општините, врз тие претпоставки, основано може да се очекува да биде побогат, поразновиден, подинамичен и поквалитетен. Тие нема да ги очекуваат само повремените и случајни гостувања, туку ќе организираат и сопствена културна продукција. На тој начин ќе се стеснува јазот меѓу културните центри и меѓу провинцијата. Со помош на таквите иницијативи Република Македонија ќе се депровинцијализира.

 

·         Искористување на културата како ресурс за развој

Во современите теориски пристапи се надминати сфаќањата на културата како општестена потрошувачка. Новите филозофии на културата и од нив изведените концепции за Националната програма, ја третираат културата како развој. Задржувајќи ги нејзините цивилизаторски својства, таа сî повеќе се сфаќа како вредност што сама по себе се врзува со квалитетот на човечкиот живот, а политичарите, уметниците и другите дејци, сî повеќе се заинтересирани за инвестирање во културата. Вредноста на културните активности за општа општествена и за економска виталност е признаена од УНЕСКО и од Советот на Европа. Тоа придонело културата да добие и нова димензија, како орудие на развојот. Имено, културните форми се користеле за постигнување и на некои пошироки цели, особено за образование и воспитување. Но, таа, сфатена како таква, ги претрпела неодминливите последици од општествено-економските односи, а инвестирањето во неа неодминливо повратно влијаело на вкупниот развој. Оттука произлегло и легитимното стравување од инструментализација на културата, особено на уметноста, доколку не им биде посветено соодветно внимание на другите аспекти на Националната програма за културата.  Притоа треба да се нагласат две компоненти: прво, дека секоја културна активност влијае на развојот и второ, дека културата може да биде насочувана, но не и целосно контролирана и менувана.

За да може културата да го облагородува и да го подига квалитетот на животот, за да биде елемент и орудие на општествениот развој, неопходно е  самата постојано да се ревитализира и да се развива, за да може да обезбеди економска и духовна репродукција. Културата и творештвото кај нас, како впрочем и во другите поразвиени земји во светот, не може во целост и без остаток да ја обезбедува својата економска репродукција на пазарот. Прво, заради тоа што голем број културни дејности како што се заштитата на спомениците на културата, библиотекарството, кинотечната и музејската дејност и др., по својата природа се непрофитни и второ, нашиот пазар е мал и ограничен и не може од продажба на културни производи да се оствари доволен профит кој би ја обезбедувал економската репродукција на културата. Таа и понатаму својот опстанок и својот развој во голема мера ќе го засновува врз субвенции од државниот буџет. Меѓутоа, со оглед на долгогодишната економска рецесија и сî уште неповолната економска состојба, во Република Македонија не ќе може во наредните години да се очекува економски подем кој ќе обезбеди пораст на буџетот и битно зголемување на средствата за култура. Токму заради тоа културниот развој е разумно да се програмира во рамките на сегашните финансиски средства или пак со нивно незначително зголемување. Неговата реализација ќе се остварува преку годишните програми на Министерството за култура и преку други мерки и активности што ќе произлезат од меѓуресорската соработка во Владата на Република Македонија. Таквите околности, за да може да се обезбеди културен развој, сепак,  налагаат да се промени системот на распределбата на финансиските средства, но и да се промени организацијата, психологијата и етиката на трудот.

Со мерките на економската политика ќе треба да се создадат услови установите да се мотивираат во изнаоѓањето други дополнителни материјални извори како што се донации - домашни или странски, спонзорства, кредити; мотивираност за повеке сопствени приходи преку давање квалитетни услуги, преку изнајмување  простор, приходи од влезници, од членарини; преку развивање на културниот туризам, преку воведување посебни туристички такси итн.

Искористувањето на културата како  ресурс за развој, претпоставува  дека таа нема да се однесува само на интимниот свет на уметноста. Културата, како начин на живеење, е и човеков однос кон другите, кон животната околина и кон природата. Брзите промени предизвикани од научно-технолошката револуција и од индустријализацијата, потоа непромислената урбанизација и демографските промени, како и  неконтролираното искористување на природните богатства, доведоа до ерозија на животната средина. На фонот на еколошките иницијативи кои се залагаат  за ревитализација на животната средина, оваа програма ќе поттикнува акции за нивна надградба и естетизација на просторот преку оживување на старите градски јадра,  преку освојување  нови простори за културни случувања, преку обнова на опустошените рурални средини, преку хортикултурно уредување на просторот итн.

Дискурсот за културата, покрај просторно, се проширува и на култура на трудот и на производството. На тој план се вкрстуваат интересите на творештвото и на економскиот развој. Предметите произведени за пазарот одамна веќе не ги задоволуваат потребите на потрошувачите само со нивната практично употреблива вредност. Рафинираните потреби на купувачите и конкуренцијата на пазарот, пред производителите и понудувачите поставуваат барање за употребливи, квалитетни, но и убаво дизајнирани и вкусно запакувани производи. Дизајнот и естетизирањето на производството, не само што го проширува подрачјето на применетите уметности во индустријата, туку таа станува неодминлив услов на економскиот развој, ја зголемува конкурентноста на нашите производи во светот, како и пренос и пласирање на нашата култура на меѓународен план. Подрачјето на културата, освен во традиционалното производство, ќе се проширува и низ културните индустрии, и тоа: преку издавачки и дискографски куќи,  преку агенции за култура итн. Тие сî уште се во повој кај нас, но со мерките на Националната програма за културата  ќе се поттикнува и охрабрува нивниот развој.

Проширувањето на подрачјето и резонанцата на културата ќе се одвива и низ развојот на културниот туризам. Со таа иницијатива ќе бидат опфатени и мобилизирани широк спектар на настани и на културни дејности од археолошките локалитети и музејските поставки сî  до народното творештво од ревитализацијата на руралните средини и старите урбани јадра до музичките приредби и меѓународните културни манифестации во земјата. Со културниот туризам се проширува подрачјето на рецепција на културното наследство и на актуелното творештво на домашната и на странската публика, а поврзувајќи се со една економска дејност, културата ќе остварува  финансиска добивка, ќе се потпомага себеси и својот развојот, а ќе се остварува  и меѓународната афирмација на земјата.

 

·         Заштита и (ре)креирање  на културното наследство

Тргнувајќи од постулатот на континуитет во културата, заштитата и негувањето на традицијата, во која е втемелена нашата посебност, ќе се изведува како (ре)креација. Република Македонија има респективна традиција во која се наталожени повеќе цивилизациски слоеви, културни, етнички и конфесионални влијанија. Таа според својата генеза и според своите исходишта е мултикултурна. Артефактите за таквата традиција ќе се истражуваат за научни цели и ќе се заштитуваат како патоказ и потсетување на минатото за сегашните и за идните генерации. Истовремено, музејските експонати и изворната традиција, кои сî уште во себе поседуваат креативен потенцијал, ќе се пресоздаваат во нови акциони културни вредности. Низ стручните и научните истражувања и низ јавната презентација и споменичното одбележување, тие повторно ќе се актуелизираат, ќе ги објективизираат сознанијата на домашната и на меѓународната јавност и ќе ја зацврстуваат националната самосвест. Од друга страна, културното наследство ќе се ревитализира и ќе се пресоздава низ уметничкото искуство (музиката, театарот, сликарството, филмот... ), кое се покажа прифатливо, дури и посакувано, не само кај возрасната публика, туку и кај младата урбана генерација. Во таа смисла се парадигматични остварувањата во етно-музиката. Таквите остварувања не само што ја збогатуваат и надградуваат нашата културна ситуација туку, исто така, се престижни и атрактивни вредности во меѓународната размена, бидјеќи ги промовираат доблестите на творештвото и на оригиналниот  културен и национален идентитет на земјата.

 

·         Поттикнување на современото творештво, со посебен фокус на културните потреби на младите

Покрај заштита и (ре)креирање на културното наследство, Националната програма за културата ја има предвид и улогата на актуелната жива култура. Затоа, една од целите ќе биде грижата за поттикнување на современото творештво. Притоа, земајќи ја во обѕир перспективата на културниот развој, особен фокус ќе биде обезбедувањето материјални претпоставки за творештво и задоволувањето на културните потреби на младите. Ќе се поддржуваат и ќе се охрабруваат истражувањата и потрагата по нови изразни средства, ќе се поддржуваат експериментите и користењето нови медиуми на естетска експресија, како и проектите и установите што се занимаваат со продукција и ширење на културни содржини и вредности за младата популација.

 

·         Враќање на дигнитетот на творецот и на творештвото и создавање услови за остварување и заштита на врвни културни вредности

Прв поттикнувач на иницијативите и траен двигател на културата во сите фази на творештвото, создавањето, посредувањето и прифаќањето на вредностите, се луѓето. Од ангажманот на творците и на стручните соработници, како и од поддршката на публиката, се одредени содржината и динамиката на културните процеси, потоа обемот на продукцијата, распределбата и квалитетот на вредностите. Меѓутоа, долгогодишната депресија не ја одмина ни креативната супстанција, т.е. човечкиот и творечкиот потенцијал во културата. Соочени со егзистенцијални проблеми творците и културните работници ја губат мотивацијата и посветеноста на својата професија. Осиромашениот човек во културата нема ни концентрација во работата ни интерес за стручно усовршување. Луѓето заробени во егзистенцијални проблеми не можат слободно да создаваат и да ги прошируваат духовните хоризонти. Неизвесноста на животот ги принудува да прават компромиси со своите уверувања, со естетските ставови и со стандардите на професијата. Го губат субјективитетот и творечкиот профил за да ги задоволат елементарните животни потреби. Во повеќе случаи вработените во културните установи се занимаваат со неприменети (неуметнички) активности, целосно бегајќи од својата  уметничка професија. За да се сопре ерозијата на  креативната супстанца, една од важните цели е враќањето на дигнитетот на творецот и на тој начин културата и творештвото не само што ќе бидат пристојна, туку престижна  дејност за работа и за живеење.

 


·         Подобрување на менаџментот во културата

Покрај промената и доградбата на законската регулатива и воспоставувањето нова мрежа на национални и на локални установи, реформите во културата не можат да се спроведуваат без зајакнување на капацитетите на културната администрација на централно и на локално ниво. Затоа, една од целите на Националната програма за културата е и подобрување на менаџментот  во културата. Тоа подразбира усовршување на постојниот кадар во културните установи, преку доедукација, обуки, студиски и стажантски престои, пренос на знаења, размени и други форми на соработка во земјата и на регионален и на меѓународен план. Со тоа културната администрација ќе може да одговори на новите општествени предизвици, особено во процесот на децентрализација, во процесот на општествена интеграција и промовирање на европските стандарди на управување, а пред сî ќе се овозможи пристап до информациите, отвореност за корисниците и примена на принципите на ефикасност,   транспарентност и   отчетност.

 

 

СТРАТЕГИЈА

 

Во овој дел се наведени инструментите за спроведување на зацртаната Национална програма за културата. Тие ја одразуваат намерата на прегледен и на убедлив начин да се објасни како ќе бидат реализирани зацртаните цели. 

 

·         Згуснување на мрежата на културни установи и концентрација на финансиските средства

Обемната мрежа на културни установи и бројните корисници на средствата за култура од буџетот, што во 1999 година броеше 166, а почнувајќи од 2001 година тој број е сведен на 115, доведуваа до непродуктивна распределба на финансиските средства. На секој корисник се даваше по малку, но никому доволно. За да можат културните установи оптимално, односно стручно и технички квалитетно да ги извршуваат своите програми, за да можат индивидуалните, независни проекти да ги дадат очекуваните резултати, ќе се изврши концентрација на капиталот, заради посоодветна прераспределба. Финансиските средства веќе нема да се делат според, со години, воспоставената практика. Врз основа на стручно согледување ќе се утврдат критериуми за реализацијата на приоритетите на Националната програма за културата, при што средствата ќе бидат распределувани на корисниците со динамика, со што ќе овозможи ефикасно реализирање на, со години одложуваните, капитални проекти во културата.

Со промената на моделот на организацијата на културата, што го налагаат промените на политичкиот систем, ќе се постигнат повеќе ефекти. Со децентрализацијата на власта ќе се децентрализираат и средствата. За културните потреби на локално ниво ќе се грижат и ќе одлучуваат локалните власти, а грижата за она што значи национален интерес и понатаму ќе биде во надлежност на државата.

 

·         Обезбедување вонбуџетски извори на финансирање

Економската основа и материјалните претпоставки на културниот развој ќе се прошируваат и со обезбедување вонбуџетски извори на финансирање.

а) Со осамостојувањето и со стекнувањето  независност Република Македонија е упатена кон меѓународните  и кон европските организации и кон нивните фондови за поддршка на културниот развој на земјите членки. Во таа смисла, нашата земја преку Националната комисија на УНЕСКО  со проекти од областа на културата ќе продолжи да аплицира во УНЕСКО, во фондовите на Европската унија и на Советот на Европа, како и во   фондовите за меѓудржавна соработка на странските амбасади во Македонија и кај други меѓународни организации;

б) Успешните странски и домашни компании сî повеќе настојуваат својата основна дејност да ја надградат со културни содржини. Преку организирање гостувања на врвни уметници и на ансамбли, преку организирање концерти и изложби, тие создаваат сопствен „бренд”. Својот маркетинг и освојување на пазарот го засноваат врз рафинираните потреби на потенцијалните потрошувачи и врз основа на врвните културни вредности. Големите компании, освен како поддржувачи на културниот живот, својот престиж го градат и преку донирање техничка опрема за стручните и за уметничките установи, потоа лабораториска опрема и потрошни материјали, како и преку уредување на просторот и други вложувања, со што значително ја подобруваат содржината и економската кондиција на културниот развој;

в) Нашата земја има повеќегодишно искуство во соработката со меѓународ­ните фондации што финансираат културни проекти. Со нивна финансиска и техничка поддршка се поттикнати и реализирани голем број иницијативи. Сî додека постои заемен интерес ќе продолжи соработката со меѓународните фондации. Меѓутоа, во иднина ќе се работи на обезбедување финансиска и на техничка поддршка од меѓународните фондации што ја прошируваат традиционалната матрица и дискурсот на културата. Во таа смисла, парадигматични се асоцијациите што поддржуваат проекти од областа на културниот туризам. Низ таквите проекти се проширува социјалната основа на културата, се подига стандардот преку  дополнителни приходи, а на тој начин се подобрува културата на животот и,  што е можеби најважно - се создава образец за одржлив развој на културата;

г) Најчест извор на вонбуџетски приходи во културата, иако во мал број кај нас, се спонзорствата. Со нив се потпомогнати голем број проекти, тие ја прошируваа економската основа на културата и на творештвото, но не се втемелија како економска категорија. Вложувањата од овој тип беа мотивирани од човекољубие, а не за да донесат некоја конкретна противвредност  за донаторот. Со оглед на економската рецесија во државата, дарежливоста на овој  извор се намалува. За да се мотивираат спонзорите и за да стане продуктивен во културата, неопходно е  институтот на спонзорството да се трансформира во економска категорија која на давачот, покрај морална сатисфакција, ќе му обезбеди законски привилегии, како на пример, намалување на даночните или  на други обврски кон државата;

д) Царинските и даночните олеснувања на непосреден начин се однесуваат на буџетот на државата. Со нив незначително ќе се намалат средствата во државната каса, но ќе се зголемат финансиските средства, а особено нивната морална вредност за творците и за творештвото како законска  грижа на државата и на општеството.

 

·         Поттикнување на територијалната подвижност на културните установи

Со оваа програма во културата треба да се внесе нова виталност која ќе има одраз врз квалитетот на човековиот живот и на општеството во целина. Но, за да се реализира тој макрокултурен проект, на планот на рецепцијата  неопходно е  да се промени динамиката и квалитетот на дејствувањето на културните установи и нивниот производ. За да се прошири социјалната основа на културата и за да се изврши демократска распределба на уметничките вредности за поголем круг публика, ќе се стимулира територијалната подвижност на културните установи. Тие нема пасивно да чекаат луѓето да í пристапат на уметноста, туку со уметничките остварувања ќе тргнат во пресрет на потенцијалната публика. Установите, каде и да се лоцирани, со дејноста и со културните активности ќе се протегаат на целата територија на Република Македонија. За да ја надмине инертноста,  оваа програма не само што ќе ги поттикнува, туку и ќе ги обврзува установите територијалната подвижност  да ја вградат како редовна активност во годишните програми за работа.

 

·         Доградба на законската регулатива и усогласување на законите со меѓународните конвенции и легислативата на Европската унија

Во културата, како впрочем и во многу други области во државата кои се во меѓусебна врска, не е дограден правниот систем. Неажурноста на тој план доведе односите во културата да се регулираат со наследени и со застарени прописи од претходниот систем, како на пример, Законот за заштита на спомениците на културата од 1973 година, Законот за музејската дејност од 1979 година и др. Со дополнувањето на Законот за културата од 2003 година, во кој се вградени измените кои произлегуваат од уставните амандмани, се создадени  услови за обликување на трајна законска  регулатива. За таа цел прво ќе се донесат законите за посебни области, а потоа и за поединечните дејности (библиотечна, музејска, кинотечна), по кои и врз основа на специфичната природа и на потребите на дејностите и на установите, ќе се донесуваат подзаконските акти. Бидејќи Република Македонија како суверена држава има меѓународни обврски преземени со ратификуваните меѓународни документи од областа на културата, сите закони треба да се усогласат со овие меѓународни акти, како и со легислативата на Европската унија за областа на авторското и за сродните права и како за културното наследство.

 

·         Обезбедување материјални и технички претпоставки за работа на културните установи и на другите протагонисти  во  културата

За да можат да се реализираат целите на оваа програма, кои заговараат промени на свеста и на практиката, реформи и нова динамика на културните процеси, неопходно е да се промени и да се заокружи законската рамка, да се трансформираат старите практики и структури во културните установи, но и да се обезбедат неопходните материјални и технички претпоставки.

Со овој документ се предвидува обезбедување соодветни просторни услови за работа, било со изградба на наменски објекти или со адаптација на претходно изградени згради во државна сопственост. Ќе се обезбеди и соодветен доволен простор за депоа на установите што се занимаваат со прибирање, со заштита и со чување на културното наследство и на актуелната уметничка продукција: библиотеките, музеите, кинотеката, галериите и сл., а постојаниот и новоизградениот простор архитектонски, градежно и климатски ќе се уреди според пропишаните стандарди за односната граѓа. Ќе се санираат руинираните објекти и потоа редовно ќе се одржуваат. При реконструкцијата и реставрацијата на културно-историските споменици ќе се прошири нивната намена, како на пример, за ликовни ателјеа, за депоа, за работни и за изложбени простории. Поради долгогодишниот недостиг од вложувања, со незначителни и ретки исклучоци, техничката опрема на установите, речиси во сите дејности, е застарена или сосема неупотреблива. За да може квалитетно да се извршуваат професионалните и стручните задачи на ниво на најновите искуства и сознанија во светот, неминовно е да се замени застарената  или да се набави нова техничка опрема.

 

·         Воспоставување систем за  планирање,  за оценување  и за наградување

Засилената динамика и територијалната подвижност на културните субјекти ќе доведе и до зголемена динамика на културните настани во земјава. Тоа ја налага потребата од нивно планирање и усогласување. И во периоди на помал проток на настани, честопати се случува тие да се закажуваат во ист термин, што ги оневозможува посетителите да присуствуваат на сите културни случувања и  доаѓа до делење на публиката. Во таа смисла е типична ситуацијата во главниот град. За да се надмине таа пречка за публиката и рецепцијата да се одвива оптимално, најмалку што треба да се направи е да се изготви календар на културните настани.

Покрај тоа, планирањето треба да биде воведено како нужен услов во  работата на секоја установа. Врз основа на елементите и показателите, однапред зацртани во стратешките (долгорочни) и оперативните (годишни) планови, ќе може да се врши набљудување и оценување на работата на секоја установа. Според истиот модел и внатре во секоја установа, стручноста и резултатите од работата на вработените ќе можат да се  валоризираат. Тоа е и претпоставка за мобилизирање на креативниот потенцијал во установите. За да се мотивираат луѓето, предметот на работа програмски ќе се конципира на подолг рок и на транспарентен начин со вклучување на членовите на колективот и на пошироката културна јавност. Учествувајќи во обликувањето на долгорочните и на годишните програми, тие ќе преземат морална обврска и дел од одговорностите за нивно реализирање. Притоа, во рамките на дефиницијата на дејноста ќе се поставуваат уметнички и стручни проекти што според својата содржина, според значењето и според стручните  и уметничките барања, ќе претставуваат интелектуален и професионален предизвик. Потоа, зависно од природата на дејноста, ќе се определат стандарди и критериуми, извршители, динамика и рокови, а заедно со тоа и поттикнувачки финансиски, статусни, законски и морални, потоа  стимулативни мерки и инструменти за валоризација на трудот и резултатите од  работата. Заради тоа ќе се догради системот на звања. Хиерархијата на звањата покрај моралната сатисфакција, треба да воспостави не само симболични, туку и фактички разлики во надградувањето, кои ќе се стимулативни и соодветни на способностите на луѓето и на учинокот во работата. За да се операционализира системот на стимулации, ќе се склучи колективен договор за култура и ќе се дополнат соодветните законски прописи.

 

·         Биолошко подмладување на кадарот во културните установи

Економската рецесија и повеќегодишната рестрикција во вработувањето, предизвика биолошко стареење на  кадарот во културните установи. Тоа доведува до намалување на работниот капацитет на луѓето, до стеснување на подрачјето на љубопитноста и до намалување или целосно отсуство на сензибилитет за новите движења, за уметнички искуства, за стручни сознанија и за нови техники и технологии. Вработувањата се ретки, платите мали, па освоеното работно место во културата, како впрочем и во другите државни служби, е трајна хиротонија, која обезбедува непроменливост и доживотна сигурност. Стручните и уметничките занимања не беа подложни на реизбор и на реаудиција. Каналите за напредување и вертикална промоција беа запрени, а онаму каде што постојат не се доволно стимулирани и не ја даваат очекуваната материјална и морална сатисфакција, како поттик и како мотив за натпревар. Заостанатоста која зеде загрижувачки димензии, доведува до морално  разјадување во творештвото и до замена на вредностите и  односот кон трудот во културните установи. Статичноста и застојот ги олабавуваат врските и соработката меѓу установите.

Оставрувањето на целите на програмата е можно само со обнова на замрениот елан и со внесување нова креативна енергија во културната практика. Биолошкото подмладување преку нови вработувања, не пренебрегнувајќи ги буџетските рамки, ќе се спроведе според природниот ритам на смената на генерациите и според оптималните потреби на установите. Меѓутоа, покрај таквите установени форми, со мерките на Националната програма  за културата ќе се подмладува творештвото и стручната работа на дејностите. Културните установи ќе се поттикнуваат да ангажираат, волонтерски или по договор  за дело, во зависност од нивната способност и оспособеност, незавршени и дипломирани студенти, актери и музичари, невработени магистри и доктори по науки во одделни етапи или во целиот тек на реализирањето на своите стручни и уметнички проекти. На тој начин младите ќе стекнуваат практични искуства, ќе ги прошируваат своите сознанија, ќе останат во рамките на својата  професија и ќе останат во земјата, но исто така ќе внесуваат нова креативна енергија во етнологијата,  археологијата,  филмот и  филмологијата,  театарот,  музиката и  други уметности. Таквиот ангажман ќе биде своевиден пробен тест за нивно постојано вработување.

При вработување и при ангажирање кадри во културата ќе се води сметка и за уставното начело на соодветна и на правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, почитувајќи го принципот на стручност и на компетентност.

 

·         Донесување одлуки втемелени на релевантни истражувања

Еден од условите за донесување квалитетни одлуки е постоење систем на стручно собрани и стручно обработени информации за состојбите. Важно е искуствено да се утврди од кои географски подрачја, од кои демографски и од кои социјални делови на земјава се иселила културата; да се идентификуваат празните места на социјалните групи, старосните структури, образовните нивоа, професиите и занимањата кои недостасуваат во структурата на уметничката публика; да се утврди раздвојувањето и причините за несоодветност меѓу општественото раслојување и социјалната структура на публиката и, што е најважно, да се идентификува потенцијалната публика и да се бараат начините и формите за нејзино поттикнување и вклучување во уметничката комуникација. Со тоа не само што ќе се зголеми бројот на вистинската публика, туку ќе се коригира неповолната структура и ќе се воспостави поправична социјална распределба на естетските вредности. Во перспектива, како услов за засновање на Националната програма на научни основи, неопходно е да се создаде и установа за проучување на културниот развој на Република Македонија како самостојна установа или барем како автономен субјект во рамките на некоја од постојните културни установи.

 

·         Соработка со други јавни установи, со приватниот и со невладиниот сектор

Значајни уметнички вредности и културни иницијативи се остваруваат и во други јавни установи на кои тоа им е основна дејност како што се: музичката и драмската продукција на радиото; филмската, драмската и музичката продукција на телевизијата; проектите на независните продуценти финансирани од Советот за радиодифузија и други. Бидејќи македонскиот културен простор е единствен, не само што ќе се прифати нивниот учинок, туку заради бројноста на нивните канали, заради ширината на комуникацискиот простор, заради опфатот на публиката и на финансиските можности на таквите установи во создавањето и во распределбата на уметничките вредности на Националната програма за културата, ќе се прифаќаат и ќе се предлагаат  заеднички проекти, копродукции и заеднички настапи.

Приватните проекти, со финансиска поддршка и на Министерството за култура, ќе бидат значајно надополнување во ширењето на уметничките вредности. Тие, во однос на утврдените културни установи, имаат две битни компаративни предности. Прво, мотивацијата на нивните претставници од финансиски,  морални и естетски причини за нивна јавна промоција и за контакт со публиката е значително поголема и второ, заради намалената логистика и помалкубројноста на екипите тие се поподвижни. Приватните проекти и иницијативи освен тоа што поефикасно го наоѓаат патот до нова публика на различна возраст, од различна социјална и од различна демографска средина, од различно урбано и рурално потекло, освојуваат и нови, неоткриени места, претворајќи ги во културни простори.

И според уставните заложби и според европските аспирации, Република Македонија е обврзана да гради граѓанско општество и да ги поддржува невладините организации. Меѓутоа, невладиниот сектор кај нас не ја доби очекуваната поддршка. Во иднина ќе се поддржат и ќе се охрабрат иницијативите на невладините организации и тоа не само од прагматско-политички мотиви, туку од внатрешни  културни причини. Тие со своите мисии на дело ја покажуваат и со дело ја докажуваат хуманоста како основна одредница на културата, овозможувајќи им на маргинализираните општествени групи и граѓани да го остварат цивилизациското и уставното право на култура. Невладините организации низ културни акции се обидуваат да ги надминат последиците од конфликтите, од етничка и од национална спротивност, како и нетрпеливостите, станувајќи посредници на нов вредносен систем кај луѓето, кој разликите нема да ги гледа како проблем и како причина за разидување, туку како богатство и предуслов за соживот. Во таа смисла, културата станува еден вид терапија, но таа ќе е делотворна доколку се комбинира со економски, политички и правни лекови. Невладините организации, исто така, ги обновуваат волонтерството и аматеризмот како движечки сили во културата. Најпосле, невладините организации воспоставуваат и практики на висококвалитетно, ефикасно и рационално работење што може  да влијае или пак како пренос на знаење да биде применето во работата на јавните установи.

 

·         Негување добри односи со медиумите

Реализирањето на целите на овој документ зависи и од воспоставувањето нов пристап кон медиумите. Тие и понатаму ќе останат неодминливи посредувачи во информирањето за културните настани, меѓутоа  културните власти и установи, на трагата на демократскиот концепт за транспарентност во работењето и достапност на информациите, ќе го прошируваат подрачјето на јавноста. Таквиот пристап е од обострана полза. Со оглед на влијанието во обликувањето на јавното мислење, на силата на моќта на уверување што ја имаат кај стварната и кај потенцијалната публика, медиумите со новата стратегија се очекува да бидат поттикнувачи и забрзувачи на културните процеси. Медиумите, електронски  и пишувани, во новиот програмски образец се прифатени како автономни субјекти што создаваат културна клима и самостојно го валоризираат и поттикнуваат творештвото. Националната програма  ги прифаќа редакциите за култура  во печатените и во електронските медиуми како  стратешки партнери кои со својата уредувачка политика ќе отвораат простор за што поразновидни содржини и за што продлабочени анализи на творештвото, а со големите тиражи и повеќеилјадниот аудиториум ќе овозможат масовна дистрибуција   на уметничките остварувања.

 

·         Поттикнување меѓуинституционална соработка и интердисциплинарен пристап

Културните установи, иако се елементи на единствениот систем, во нашава културна ситуација најчесто дејствуваат како самостојни и себедоволни ентитети. За да се прошири радиусот на креативните искуства и на сознајната вредност на стручните и на научните резултати, со што ќе се прошири подрачјето на творештвото и на рецепцијата и ќе се подигне квалитетот на културата во целина, неопходно е да се зголеми соработката меѓу установите за заеднички проекти. Предностите на соработката и на тимската работа на заеднички проекти, со учество на експерти од повеќе дисциплини, одамна се методолошки потврдени како практика што дава највалидни резултати. Токму заради тоа, ќе се поттикнуваат интердисциплинираните и тимските истражувања, кои од една страна ќе го подигаат нивото и квалитетот на стручните и на научните сознанија, а од друга страна, меѓусебно ќе ги поврзуваат соработниците и установите.

 

·         Сообразување на мрежата на културните установи со еволуцијата на културните потреби

Мрежата на културните установи и нивниот статус не се еднаш за секогаш дадени во културната сфера. Нивниот број, внатрешната структура, профилот на дејноста и радиусот на нивното дејствување е одредено од појавата и од развојот на културните потреби, од начинот и од квалитетот на извршување на дејноста, како  и од поширокиот општествен, економски и политички контекст на заедницата. Менувањето на културните потреби го поттикнува нивното настанување и нивното постоење. Кога потребите ќе бидат задоволени, поправо кога тие ќе достигнат повисока и поразвиена форма, доколку установите не ги следат нивните преобразби, се губи интересот за нивната дејност. Тие згаснуваат и се преселуваат во културната историја. Од неинвентивност пак, замрените установи повторно ќе се поттикнуваат преку  нов начин на  менаџирање. Во дефинирањето на статусот нема да се тргнува од некоја априорна шема, туку ќе се следи внатрешното движење и менување на установите и објективно, научно утврдените потреби на културниот развој.

Во моментов културата се наоѓа во преоден режим, според кој сите 115 установи работат и се финансираат како национални установи. Со измените и дополнувањата на Законот за културата се создаде правна основа за побрзо започнување на процесите на децентрализација и  дефинирање на мрежата и на статусот на културните установи. Имајќи ја предвид  чувствителноста на оваа проблематика, а со цел да се предупредат евентуалните непромислени решенија на редефинирањето на мрежата на културните установи, ќе се пристапи со нагласена совесност и внимателност и со темелна анализа на културните, социјалните, економските,  финансиските и индивидуалните импликации врз творците и врз соработниците во установите. Еднаш установениот статус и мрежа на културни установи не е дефинитивен. И во иднина ќе може да се поттикнуваат и да се прифаќаат иницијативи за основање нови културни установи, кои ќе ги наметнат потребите на културниот развој или редефинирање на статусот на постојните.

 


ПРИОРИТЕТИ НА КУЛТУРНИОТ РАЗВОЈ  

 

Имајќи ги предвид зацртаните цели и инструментите за нивно достигнување, во Националната програма за културата се истакнуваат приоритетите на културниот развој. Општите приоритети се однесуваат на генералната Национална програма за културата што ќе биде спроведувана во периодот до 2008 година. Покрај тоа, овде се установуваат и посебните приоритети на овој документ за одделните дејности и за одделните области, имајќи ги предвид нивните специфики.

 

ОПШТИ ПРИОРИТЕТИ

 

Ø      ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА

Ø      БАЛАНСИРАНА ПОДДРШКА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО И НА СОВРЕМЕНОТО ТВОРЕШТВО

Ø      ПОДОБРУВАЊЕ  НА  МЕНАЏМЕНТОТ  ВО  КУЛТУРАТА

Ø      АФИРМИРАЊЕ НА КУЛТУРНИОТ ИНДЕНТИТЕТ НА ЗАЕДНИЦИТЕ

Ø      СОРАБОТКА СО НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ

Ø      МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА/СОРАБОТКА СО СОСЕДИТЕ

 

 

ОДДЕЛНИ  ПРИОРИТЕТИ

 

ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО

-       Реорганизација на постојната мрежа на заводи за заштита на спомениците на културата во согласност со Законот за културното наследство;

-       Донесување долгорочна стратегија за сеопфатна заштита на културното наследство од страна на сите надлежни државни органи и на сите стручни установи;

-       Едукација на дефицитарни стручни кадри, почитувајќи го принципот на соодветна и правична застапеност на сите заедници и популаризација на културното наследство и

-        Активности за враќање на културното наследство изнесено од државата.

 

ЗАШТИТА НА ДУХОВНОТО ТВОРЕШТВО

-          Евидентирање, документирање, заштита, чување и презентирање на фолклорот на припадниците на сите заедници во државата;

-          Негување на обичаите на припадниците на сите заедници  и

-          Негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и на неговото  дијалектно богатство.

 

МУЗЕЈСКА ДЕЈНОСТ

-          Создавање поволни просторни и други услови на јавните музеи, национални и локални, според современите светски стандарди;

-          Поттикнување проекти и  активности за привлекување публика во музеите преку развивање на маркетиншки модели;

-          Поддршка на истражувања на археолошките локалитети за културно, научно и туристичко користење;

-          Издавање  каталози на јавни музејски збирки  и

-          Поддршка на развојот на нови музејски форми.

 

БИБЛИОТЕЧНА ДЕЈНОСТ

-          Создавање услови за континуирано и за соодветно дополнување на библиотечните фондови во јавните (национални и локални) библиотеки;

-          Опремување на јавните библиотеки со информатичка опрема и доградување на библиотечниот информативен систем во државата и

-          Заштита на книжните фондови и на ракописните  материјали што се културно наследство.

 

КИНОТЕЧНА ДЕЈНОСТ

-          Создавање поволни просторни услови за јавно презентирање на кинотечни вредности во објектот за галериска и за кинотечна дејност;

-          Доградба, климатизирање и електрифицирање на просториите за заштита и за чување филмови и филмски материјали и набавка на техничка опрема и

-          Поддршка на истражувачката дејност и на издавањето филмолошка литература.

 

ИЗДАВАЧКА ДЕЈНОСТ И ЛИТЕРАТУРА

-          Поддршка на капитални изданија од темелна културна важност за Република Македонија, кои не смеат да се препуштат на законитостите на слободниот пазар;

-          Поддршка за издавање на сите томови на Толковниот речник на македонскиот јазик;

-          Поддршка на печатење двонасочни речници на јазиците на припадниците на заедниците и на јазиците на  балканските народи;

-          Поттикнување и стимулирање на електронското издаваштво  и

-          Поддршка  на преводи од македонскaта литература и литература на јазиците на заедниците, на светски јазици и преводи на светскa литература на македонски јазик и на јазиците на заедниците.

 

МУЗИЧКО ТВОРЕШТВО И МУЗИЧКА, ОПЕРСКА И БАЛЕТСКА ДЕЈНОСТ

-          Kадровско доекипирање на ансамблите на националните музички и на музичко-сценските установи, особено во Операта, Балетот при МНТ, Македонската филхармонија и Ансамблот “Танец” и во функција на поддржување на фолклорот на припадниците на заедниците;

-          Создавање услови за работа на културно-уметничко друштво со врвни културни вредности во рамките на Центарот за култура во Тетово;

-          Одржување на домашното творештво со откуп на дела преку конкурси за откуп;

-          Создавање услови за трајно документирање и за трајно чување на домашно музичко творештво, на фонограмските записи и на аудиовизуелните записи;

-          Поддршка за негување и за презентација на изворниот музички фолклор, на проекти и на ансамбли на современата музика;

-          Стимулирање и поддршка на постојан камерен оркестар и на постојан професионален хор при соодветните јавни установи  и

-          Nабавка на инструментариум.

 

ДРАМСКО ТВОРЕШТВО И ДРАМА

-    Поттикнување на драмското творештво од домашни автори;

-          Стимулирање независни алтернативни и аматерски театарски проекти;

-          Трансформација и реорганизација на Македонскиот народен театар со одвојување на одделна национална установа -Македонска опера и балет   и

-          Трансформација на Театарот на народностите во одделни национални установи -Албанска драма и Турска драма.

 

ДОМОВИ НА КУЛТУРАТА

-          Поддршка на домовите на културата што ќе бидат локални во периодот на нивната реорганизација, преку реализација на пилот проекти за заедничко финансирање од државниот и од буџетот на општините;

-          Обука на кадрите во домовите на културата почитувајќи го принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници за воведување  современо менаџерство, маркетинг, планирање и финансирање од други дополнителни извори   и

-          Поддршка на копродукциски проекти кои ќе бидат презентирани во повеќе општини во државата.

 

ФИЛМСКО ТВОРЕШТВО

-          Трансформација на ,,Вардар филм”- Скопје во Филмски центар на Македонија според моделите на европските филмски центри;

-          Постапка за формирање на филмски фонд;

-          Поддршка на домашни автори и копродукциски проекти во согласност со правилата на Европската конвенција за кинематографски копродукции  и

-          Поддршка на документарниот, анимираниот и  експерименталниот филм од автори од сите заедници кои живеат во Република Македонија.

 

ЛИКОВНО ТВОРЕШТВО И ГАЛЕРИСКА ДЕЈНОСТ

-          Адаптирање на новиот објект за потребите на Националната галерија на Македонија;

-          Финансиска поддршка на процесот на создавање уметничко дело;

-          Поттикнување научно-истражувачки проекти од областа на современата ликовна уметност, преку студиски, ретроспективни и антологиски изложби;

-          Поттикнување на откупот на ликовни дела  и

-          Создавање услови за работа на уметничка галерија во Амамот во рамките на Музејот на тетовскиот крај.

 

КУЛТУРЕН  ТУРИЗАМ

-          Создавање услови за развој на културен туризам, како фактор за социјалниот и за економскиот развој;

-          Афирмација, презентација и користење на културните и на природните предели во функција на развојот на културниот туризам и

-          Подготовка на стратегија за развој на културниот туризам.

 

НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ

-          Финансиска поддршка на проекти од национален интерес на здруженија на уметници по одделни области на уметничкото творештво;

-          Соработка со невладини организации на заеднички проекти за создавање  поволен амбиент и за креирање национални програми за одделни области од  културата, како и организирање кампањи од едукативен карактер за интензивирање на интеркултурален и на јавен  дијалог;

-          Проекти за соработка на медиумите и на културниот сектор, со цел промовирање на културата  и

-     Поддршка на партнерски проекти меѓу невладини организации.

 

КУЛТУРНИ ИНДУСТРИИ

-          Поддршка на развојот на културните индустрии на национално и на локално ниво  и

-          Стимулирање на обновувањето на старите занаети и на традиционалните вештини.

 

КУЛТУРОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА

-          Поддршка и реализација на проекти за следење и за развој на културата и културолошките истражувања;

-          Реализација на проектот Атлас на културата на Македонија;

-          Реализирање проект од областа на  културата што се однесува на  дијаспората, односно иселениците од Република Македонија, без разлика на нивната етничка припадност  и

-          Истражувања на културниот развој од аспект на интегрирањето во Европската унија.

 

МЕЃУНАРОДНА КУЛТУРНА СОРАБОТКА

-          Поттикнување и интензивирање на  билатералната и  регионалната културна соработка  и

-          Програми и проекти на УНЕСКО, Советот на Европа, Европската унија и други меѓународни организации и асоцијации во областа на културата.

 

КУЛТУРНИ МАНИФЕСТАЦИИ

-          Поддршка на културните манифестации со високи уметнички вредности;

-          Рационализација и редефинирање  на културните манифестации  и

-          Реализација на проектот Град на културата и Ден на културата, манифестација во организација на центрите за култура, во духот на европската традиција.

 

ПОДДРШКА НА ДЕФИЦИТАРНИ КАДРИ И  МЛАДИ ТАЛЕНТИ

-          Усовршување, специјализација и постдипломски студии во странство на факултети/оддели кои не постојат во Република Македонија, редовни студии во странство на факултети/оддели кои не постојат во Република Македонија, односно студии кои оформуваат дефицитарни кадри во културата и млади таленти, почитувајќи го принципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците.

 

ЗАШТИТА НА АВТОРСКИТЕ И НА СРОДНИТЕ ПРАВА

-          Координирана акција на државните органи надлежни за преземање  соодветни мерки и соодветни активности за спречување на пиратството; 

-          Поддршка на постојните и основање на нови колективни здруженија на авторите и на другите носители на авторски и на сродни права  и

-          Едуцирање и јакнење на свеста на културната и на пошироката јавност за значењето од почитување на авторските и на сродните права.

 

НОРМАТИВНА ДЕЈНОСТ ВО КУЛТУРАТА И УСОГЛАСУВАЊЕ СО ПРАВОТО НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

-          Донесување  законски и други прописи за одделни дејности во културата и усогласување со новиот уставно-правен систем;

-          Усогласување на законите и прописите во областа на заштитата на културното наследство и на заштитата на авторското и на сродните права со законодавството на Европската унија;

-          Имплементирање на донесените закони и ефикасна контрола  при нивното спроведување  и

-          Создавање нормативни и други предуслови за културен  развој, преку интензивирање на меѓуресорската соработка на органите во Владата на Република Македонија.

 

ИНВЕСТИЦИОНИ ВЛОЖУВАЊА ВО КУЛТУРАТА

   -    Реконструкција на Стариот театар во Скопје;

-          Адаптација на објект за Турска драма и за Албанска драма;

-          Изградба или адаптација на концертна сала во Скопје за потребите на Македонската филхармонија и на други концертни активности;

-          Техничко опремување на македонската кинематографија за потребите на Филмскиот центар;

-          Реконструкција на објект-споменик на култура за Музејот во Штип  и

-          Изградба нов објект за Центар за култура во Велес.

 

 

НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА МРЕЖАТА НА НАЦИОНАЛНИТЕ

УСТАНОВИ ВО КУЛТУРАТА

 

Mрежата на национални установи во областа на културата ќе ја сочинуваат дел од установите основани во претходниот период што ќе бидат во согласност со постапката утврдена во Законот за културата, прогласени за национални установи кои Владата на Република Македонија ќе ги основа како резултат на утврдените потреби и на материјалните можности.

 

Сите 115 организации со општествен капитал што се регистрирани во претходниот уставен период за вршење дејност од областа на културата, сè до утврдувањето на нивниот иден статус како национални, локални или  приватни установи, сè уште работат и се финансираат како национални установи.

Овие установи територијално се распоредени, од вкупно 123 општини во Република Македонија,  само во 32 поголеми општини (поранешните општини од комуналниот систем пред деведесеттите ) и тоа: во Скопје - 30; Тетово -три; Охрид - четири; Битола - шест;  Прилеп - четири;  Велес - три;  Куманово - четири;  Штип - пет;  Струмица - седум;  Гостивар - четири;  Дебар - една;  Кичево - четири;  Струга - четири; Македонски Брод - една; Ресен - една; Кавадарци - четири; Неготино - три; Валандово - една; Гевгелија - четири; Радовиш - две; Кочани - две; Берово - една; Делчево - две; Виница - две; Пробиштип - една; Кратово - две; Крива Паланка - една; Свети Николе - две; Крушево - три; Демир Капија - една; Демир Хисар - една и Пехчево - две.

              Критериуми за утврдување на мрежата на национални установи се:

   - Централните, односно матичните установи по одделни дејности, особено тие што се основани со закон ;

   - Установи коишто со својата програмска активност и со врвни културни дострели, потврдени со награди, со признанија или со позитивна критика, даваат значаен придонес во создавање и во презентација на културата на граѓаните - припадници на сите заедници во Република Македонија;

   - Установи кои гравитираат во пограничните региони и кои со своето дејствување се значајни за заштитата и за остварувањето на националниот интерес на државата во културата на тие подрачја, со акцент на прекуграничната културна соработка;

   - Установи кои со своето пошироко дејствување во соседните општини создаваат услови за порамномерен културен развој, за деметрополизација и за поддршка на неразвиените општини во кои нема институции  на културата и

   - Трансформирани установи со спојување на повеќе во една, а во функција на зајакнување на капацитетите, за рационализација и за подобар квалитет на условите за создавање на културни вредности.

Со цел да се создадат поповолни материјални услови за децентрализација на постојната мрежа на установи во културата, што ќе се одвива подолг временски период, според Законот за културата и според другите прописи за локалната самоуправа,  треба да се користат и следниве инструменти:

   - На националните установи што ќе бидат преземени како локални им продолжува преодниот период во однос на нивно финансирање од Буџетот на Република Македонија и работа како национални,  сî до донесувањето на закон за финансирање на општините;

   - Установите што во иднина ќе бидат локални, покрај обврската општините да ги финансираат нивните редовни активности, нивните проекти  од национален интерес  ќе се финансираат и од Министерството за култура, преку конкурс;

   - Министерството за култура има намера за локалните установи на кои  основачките права ќе им бидат преземени од општините, во прво време како поддршка, да им се обезбедат дел од средствата потребни за редовно функционирање и од Буџетот на Републиката, како заедничко финансирање на програми од Министерството за култура и од општините, за период до четири години;

   - Дел од установите што ќе бидат преземени како национални, особено оние кои со трансформација од две или повеќе установи ќе се основаат како Центри за култура, по периодот во кој се очекува да се создадат услови за тоа, односно една до две години по донесувањето на законот за финансирањето на општините, да се децентрализираат. Во овие своевидни  пилот-проекти , ќе се овозможи создавање театарски групи, ликовни активности и обновување на киноприкажувачката дејност, каде што за тоа постојат услови, заради збогатување на културниот живот и во општините каде што нема вакви установи. Ова се планира за да се обезбеди и етапност на децентрализацијата, особено имајќи предвид дека Министерството ќе нема контрола на мерките што произлегуваат од изворната надлежност на локалната самоуправа, откако таа ќе ги преземе основачките права за локалните установи;

   - Преку невладините организации во наредниот период ќе продолжи финансирањето на проекти за поддршка на процесот на децентрализација, особено за зајакнување на капацитетите на локалните установи за менаџмент, за планирање и за финансирање на културата на локално ниво и од други извори, како и едуцирање на јавноста за важноста во  поддршката при реализацијата на овој процес  и

   - За објектите на установите кои нема да бидат преземени како локални, Владата на Република Македонија ќе оцени за кои од нив ќе донесе одлука дека ги задржува во државна сопственост и дека тие нема да се приватизираат. Министерството за култура ќе распише конкурси за нивно давање на користење за вршење  дејности од културата.

   Тргнувајќи од потребата за трансформација и децентрализација на постојната мрежа на националните установи треба да се следат следниве насоки:            

   - Дејностите за заштита и  за користење на материјалното творештво ќе се остваруваат така што грижата за недвижното културно наследство ќе ја спроведуваат постојните заводи за заштита на спомениците на културата, се до нивна трансформација во согласност со Законот за заштита на културното наследство во Национален центар за конзервација и за реставрација на недвижното културно наследство и во центри за конзервација и за реставрација надлежни за повеќе општини;

   - Во рамки на музејската дејност како национална установа ќе продолжи да функционира Музејот на Македонија како централна и како матична  установа, кој ќе врши координација на активностите, ќе дава стручна помош и ќе врши стручен увид во работата на музеите на локално ниво. Музеите на локално ниво ќе бидат поврзани во програмскиот дел со Музејот на Македонија, а оние кои не ги исполнуваат условите за музејска институција ќе функционираат како подружници на Музејот на Македонија. Како национални установи ќе функционираат и оние музеи кои се специјализирани за одреден дел од музејската дејност;

   - Во библиотечната дејност функцијата на национална установа ќе ја остварува Народната и универзитетска библиотека “Свети Климент Охридски”-Скопје, имајќи го предвид нејзиното значење како централна и  матична установа, како и оние библиотеки кои имаат функција на депозитните библиотеки, при што програмски ќе имаат  регионален карактер;

   - Во кинотечната дејност  функцијата на национална установа ќе ја врши Кинотеката на Република Македонија;

   - Во рамки на сценско-уметничката дејност мрежата на национални установи ќе ги опфати пред сî оние установи кои со своите програмски активности и со своите врвни културни дострели даваат значаен придонес за создавање и за презентирање на културата на граѓаните припадници на сите зедници во Република Македонија, установи кои обезбедуваат услови за квалитетна концертна активност, за изведување врвни оперски, балетски дела, како и за негување и за презентација на изворниот фолклор;

   - Во драмската дејност како национални установи се утврдуваат оние театри кои континуирано, со досегашната програмска активност, постигнале врвни културни дострели, потврдени со награди и со признанија. Во рамки на драмската дејност ќе се изврши трансформација и реорганизација на МНТ-Драма во Македонскиот народен театар, одделување на Турската и на Албанската драма; формирање на центри за култура кои ќе се формираат со спојување на домовите на културата и на театрите; како и други установи во кои како основна, односно претежна дејност ќе биде утврдена драмската дејност. Националните театри својата дејност ќе ја вршат и со  постојани групи во соседните градови;

   - Во определувањето на статусот на    домовите на културата и нивната трансформација во центри за култура, значајно влијание ќе имаат  досегашните програмски активности кои даваат значаен придонес за создавање и за презентација на културата на сите припадници на заедниците, установи кои гравитираат кон пограничните региони и кои со своето пошироко дејствување во соседните општини создаваат услови за порамномерен културен развој;

   - Во рамки на филмската дејност “Вардар филм” ќе се трансформира во Филмски центар на Македонија, кој ќе функционира според моделите на европските филмски центри  и

   - Во областа на ликовното творештво и на галериската дејност, Уметничката галерија ќе се трансформира во Национална галерија на Македонија.

Во идниот период можат да бидат основани и други национални установи, во согласност со  закон и со насоките утврдени со оваа програма.

Оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

 

                                   СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

              Број 07-2064/1                                                      ПРЕТСЕДАТЕЛ

          11 мај 2004 година                                 НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА

                     Скопје                                                              МАКЕДОНИЈА,

                                                                                                           

                                                                                  д-р Љупчо Јордановски, с.р.

 

Дека преписот е верен на оригиналот тврди:

                                                                                                           

                                                                       ЗАМЕНИК НА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР

                                                                             НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА

                                                                                               МАКЕДОНИЈА,

                                                                                                Фелек Касами